И да ми помогнат со чаша вода, ќе бидам задоволна: Атиџе Муратова пред заминувањето во Холивуд

Атиџе Муратова (56) е спремна за Холивуд. Се надева дека Холивуд е исто така спремен за неа и за „Медена земја“ откако документарецот за нејзиниот фасцинантен живот како пчеларка која одгледува диви пчели во зафрленото напуштено овчеполско село Бекирлија, победи на фестивалот „Санденс“ во САД и освои највисоки меѓународни признанија и одлични критики.

За црвениот килим на Оскарите на 9 февруари во Холивуд ѝ се шијат специјални традиционални шалвари во жолта и виолетова боја, а за машкиот дел од екипата - смокинзи со пеперутка вратоврска, со дизајнерски потпис на ателје „Кокев“.

- Очекувам победа и два Оскара - оптимистична е Атиџе пред тргнувањето за Америка, на најпрестижното филмско доделување во светот.

На денешната кратка средба во МКЦ, специјално за „Женски магазин“, главната хероина, без никаква трема и со широка насмевка, откри дека одвај чека да прошета по црвениот килим со останатите светски ѕвезди. На нашето прашање кој актер или актерка сака да ги запознае, дали е тоа Бред Пит, таа шармантно ни одговори: „Можеби Бред Пит ќе сака мене да ме запознае“.

Иако е во центарот на медиумското внимание со документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кој е номиниран во категоријата за најдобар документарец и како прв документарец во историјата на доделувањето кој е во трка со играни филмови од неанглиско говорно подрачје, вели, убаво се чувствува.

За различните коментари во јавноста и на социјалните мрежи и позитивни и негативни, таа вели дека животот го гледа само од позитивна страна.

За социјалната помош што ја добива од сите страни, таа вели дека е добредојдена.

- Јас сум скромна личност. И да ми помогнат со чаша вода, јас ќе бидам задоволна - вели Атиџе, на која како протагонистка во документарец не ѝ следува хонорар.

Со „Медена земја“ прв пат излезе од границите на Македонија.

- Го видов Сараево, бевме во Аланија во Турција, ги видов лебедите во Швајцарија. Ја видов и Америка. Од високите згради и големите рекламни паноа, не можев да ги видам небото и ѕвездите - искрена е Муратова.

Таа и понатаму останува да живее зимава со болниот брат во своето родно село  Бекирлија, иако во соседното село Дорфулија ја чека нов дом. И понатаму ќе собира мед.

- Се зависи од природата. Можеби ќе собереме 60, 80 или 100 кила. Доволно за да ја преживееме зимата - вели Атиџе.

Л.Сабит

Фото: Вангел Тануровски