НОТАРКАТА НА ЕСМА ПОЧИНАЛА ВО ИСТ ДЕН СО ЛЕГЕНДАРНАТА ПЕЈАЧКА

Нотарката Ивана Катавеновска умре во ист ден со Есма, во истата болница. Кај неа беше заверен тестаментот. Поради тогашните институционални лавиринти помина подолго време до пломбирањето на објектот и штетата веќе беше направена, тврди Зорана Костовска, една од најблиските соработнички на Реџепова

Година и половина по смртта на Есма Реџепова Теодосиевска конечно се обезбедини средства за изградба на споменик, а наскоро ќе отпочне и реконструкцијата на нејзиниот дом. Актуелната власт на почетокот на месецов формира работна група и одлучи да ја прифати нејзината желба во тестаментот, куќата на Кале да биде „Дом за хуманост и музика Есма и Стево Теодосиевски“.

Претседателката на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“, Зорана Костовска, која вчера за „Женски Магазин“ отворено проговори за последните денови пред смртта на легендарната пејачка, открива дека е направен попис на предметите затекнати во објектот на кој присуствувале претставници од сите релевантни институции.

- Владата ја прифати желбата на Есма нејзиниот дом да биде катче за хуманост и музика со кое ќе управува хуманитарното здружение кое ќе има одредени права, но и одговорности. Добро е што кај премиерот и неговите соработници наидовме на разбирање, бидејќи уште долго ќе тапкавме во место - вели Костовска.

Во март годинава во медиумите одекна веста дека е ограбен домот на кралицата на ромската песна. Костовска овојпат не сакаше да го коментира однесувањето на блиски членови на семејството на Есма кои наводно незаконски извршиле упад во куќата.

- Нотарката Ивана Катавеновска умре во ист ден со Есма, во истата болница. Кај неа беше заверен тестаментот. Поради тогашните институционални лавиринти помина подолго време до пломбирањето на објектот и штетата веќе беше направена - тврди Зорана.

Таа е уверена дека во иднина достоинствено ќе се негува ликот и делото на Реџепова. Веќе е покрената иницијатива една скопска улица да го носи нејзиното име.

Ѓорге Стојанов