Носам товар на душата по загубата на сопругата: Интeрвју со Влатко Стефановски

За својот актуелен албум, „Мајчин јазик“ кој лани го издаде „Кроација рекордс“ вели дека е интимна приказна со која ѝ се обраќа директно на увце на својата публика. Изминатава година, гитарскиот виртуоз одржа три успешни концерти во Скопје, еден незаборавен во Античкиот театар во Охрид и серија насекаде низ регионот и во повеќе европски градови. На крајот на ноември и на почетокот од декември, го очекува турнеја низ Австралија, а на крајот на годината концерти во Хрватска. Лани, по долго боледување, почина сопругата на Влатко, Гордана, со која го делеше животот цели 35 години. Влатко и неговото семејство се потрудија својата тага да ја сочуваат од домашната и од регионалната јавност. Гитарскиот виртуоз, меѓу многуте музички и животни теми, само за „Женски Магазин“, во февруари годинава, се согласи да прозбори за тешкиот семеен период: прво сообраќајката на синот, а потоа и за загубата на сопругата. 


* „Мајчин јазик“ е прв соло акустичен албум во вашата кариера. Како се решивте за еден ваков интимен материјал, и како се бирани песните?

- По толку години свирење и патувања, си дадов за право да направам еден интимен албум кој ќе се обраќа директно на увце на мојата публика. Како да си ме замолила да ти отсвирам нешто лично за тебе. Песните ги бирам по принцип: оние теми кои ми се драги и оние кои ми даваат можност за импровизација. А при тоа, и оние теми кои можам самиот да ги изведам, а да не фали музика. „Бистра вода“, како една од најбрилијантните парчиња од опусот на „Леб и сол“, некои нумери кои Есма ги пеела како „Зошто си ме мајко родила“, една брилијантна нумера. Потоа „Јано мори“, па дури и „Димитријо сине Митре“, која не е македонска туку е тој, јужно-српски мелос. Некои песни кои ми се на срцето драги. Тие ги одбрав и ги отсвирев во 3-4 дена во моето студио, знаејќи дека сум доволно музички возбуден за да ги снимам. Бев доволно испровоциран од се што ми се случуваше. И на приватен план, и од сите мои концерти и патувања и искуства што сум ги собрал, и решив дека сум доволно храбар да седнам и да свирам сам, пред само еден микрофон. 

* На обвивката на албумот е стара фотографија од вашата мајка Нада, како таа се вклопи во приказната на „Мајчин јазик“?

- Сакам да копам по стари фотографии од моите родители. Копајќи така, ја најдов оваа фотографија од мајка ми од 1946 година со гитара во рака. И си реков дека е одлична симболика, таа мора да биде на обвивката на албумот „Мајчин јазик“. Тоа е слика од претставата „Живи лешови“ од Толстој, во која мајка ми ја играше Маша, патувачка циганка во која се вљубува некој гроф. Приказната феноменално се врзува и со албумот, и со мојот патувачки живот, за кој некогаш велам дека е номадски.

* Како вашите деца, Ана и Јан го оценија албумот, и воопшто какви критики слушавте од народот и од музичарите? 

- Ана и Јан се воодушевени. Јас многу кратко го снимав албумот во моето домашно студио, и тие не ни забележаа што работам. За „дивно чудо“, супер поминува и кај критика и кај публика. Неодамна бев во „Кроација рекордс“, во Загреб. Имаат таму истакнато топ-листа од 40 нивни албуми според број на продажба. Јас сум на 11. место според продажба што е одлично, затоа што мојот албум е инструментален и јас не сум хитмејкер, да правам хитови по секоја цена. Албумот е на листата заедно со новите изданија на Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Јосипа Лисац. Имам своја верна публика која ме следи со години, и ако добијам некој нов обожавател е добро. Но, тоа не е толку важно, важно е да не загубам некој стар обожавател. А убави коментари во порака и во мејл добивам постојано од секаде. 

* Има ли желба и сила во скоро време повторно да се реобединат „Леб и сол“ на концерти, како во 2006 година? 

- „Леб и сол“ е голема приказна, и има оставено многу. 25 години работа и многу значајни парчиња музика. И тоа е се океј. Меѓутоа, во моментов навистина сум преокупиран со други работи. На сите им посакувам среќа, добро здравје, и инспирација на креираат музика и понатаму. Не сакам децидно да тврдам: не, не тоа е невозможно, додека сме сите живи и здрави се е можно. Но, во моментов, за собирање на бендот практично таква идеа јас немам. 

* Лани се соочивте со голема семејна трагедија, ја загубивте вашата сопруга Гордана. Како се боревте во тие тешки моменти, како сте сега?

- Изминатиов период ми беше многу тежок на приватен план. Исклучително тежок. Пред неполни две години син ми доживеа сообраќајна несреќа и се повреди многу страшно, и со тоа се занимававме подолго време. За жал, ланитри почина мојата сакана, драга сопруга со која што поминав триесет и пет години. Тоа е една огромна загуба за мене, една огромна дупка во мојата душа и се обидувам преку музиката да се спасам. Се обидувам свирејќи да го изразам сето она што се случува во мене, и за момент да најдам утеха, иако тоа е многу тешко. Сега се грижам за моите деца, ги решавам нивните проблеми, а кога ќе дојде ред и на мене, ќе решам некои и од моите проблеми. 

Влатко со синот Јан и со ќерката Ана 

* Освен во музиката и во децата, има ли нешто друго што ви помогна да останете силен? 

- Во тие многу тешки периоди, најмудрите реченици ги доживеав од најмудрите луѓе. Во знак на утеха, како знак на сочувство, чув неколку мудри работи. Една од нив морам да ја споделам, како крај на ова интервју. На Матка, бевме предминатото лето, со сопругата. Сретнав една калуѓерка  и ѝ се пожалив дека поминуваме низ многу тежок период. А таа ми кажа една реченица која е многу моќна: Господ не ни дава повеќе товар отколку што можеме да поднесеме. И тоа е една многу голема вистина, и очигледно дека овој товар што го носам сега бил наменет за мене.  

Милица Џаровска