Ние сме женски тим во потрага по совршенство: Интервју со Соња Николовска, бренд менаџер на Био Доместик

Компанија со најдолга и најбогата традиција на светскиот пазар за производство на апарати за домаќинство, тим на жени и елегантно опремен салон. Дознајте ја успешната приказна на Соња Николовска - бренд менаџер на компанијата Био Доместик, увозник на два познати германски брендови, Miele апарати за домаќинство и модерни кујни од производителот Warendorf, како и други кујнски додатоци

* Колку години постои брендот Miele во Македонија?

- Оваа година Miele прослави 120 години квалитет и иновација, а ние пак во март, наполнивме скромни 10.

Како дојдовте до идејата токму овој бренд да го донесете на нашиот пазар, зашто баш Miele?

- Ова е семејна компанија, на чело со еден голем визионер, татко ми. Неговата визија и идеја и ден денес е постојано креирање на нови идеи, нови проекти, потреба да се бара совршенството. Од еден таков проект, се роди и замислата за Miele. 

Miele беше предизвик и голема борба од првиот ден. Квалитетот и големината на брендот, налагаат строги стандарди за работа, правила и нема простор за импровизација. Мислам дека ова беше пресудното. Потрагата по совршенство, или барем блиску до тоа (се смее).

* Дали може подетално да ни кажете за производите на Mieleшто нудите моментално и во што се разликуваат од останатите производи за домаќинство кои се присутни на пазарот?

- Често кога ќе дојдат клиенти во салонот, разговорот почнува баш вака. Е во што е разликата. Разликата е во тоа што нема разлика. Нашиот бренд не се споредува со други брендови. Како компанија која има најголем број на иновации и патенти кај домашните производи, никогаш не навлегуваме во споредби со други брендови. Ова е филозофијата на Miele. Miele не е само купена рерна, или купена плотна, Miele е целосно доживување. Пример, нашиот showroom е секогаш спремен да си закажете термин, каде на вас само, ќе ви бидат објаснети сите апарати за кои имате интерес. Со задолжителна дегустација на леб, тазе испечен во моментот, или превкусно тазе сомелено кафе.

* Покрај производите, нудите и целосен план и реализација на кујни од брендот Warendorf. Што друго може да се најде во вашиот салон?

- Да, веќе споменав погоре. Целта ни е да обезбедиме целосно доживување. Warendorf е дел од таа приказна. Нудиме целосна изработка на кујни од брендот Warendorf, кој сам по себе е уметност. Освен квалитетот, кој е загарантиран со гаранција од 30 години, тука е и дизајнот. Уникатни кујни, рачно изработени, и со филозофија дека кујната треба да е место за живеење, а не само да биде функционален сегмент. Како комплементарна палета, нудиме и кујнски додатоци од финскиот бренд Фискарс, ножеви, чинии, детски прибори и цели сетови од садови за готвење од Miele, прашоци за перење Miele, омекнувачи, мириси за машините за сушење, средства за чистење на Miele апаратите итн.

* Брендот Miele постојано ги следи светските трендови и е пионер во поставување на стандарди за производи за домаќинство. Што ново може да се очекува во блиска иднина?

- По повод 120 годишнината имаме промотивни пакети, и по истиот повод Miele пушти нова серија на апарати која се промовира под називот 7000. Секоја серија е надградба на претходната. Оваа на пример, има финеси од типот на автоматско подесување на кафематот според висината на шолјата од која пиете. Сензор ја детектира висината и се подесува на истата. Потоа машините за садови кои самите го носат слоганот, beyondlimits и кои имаат патентирани 3D корпи за садовите и приборот па се до машините за перење алишта кои имаат свој систем на автоматско дозирање на прашок/омекнувач. А најновата правосмукалка е со вортекс технологија. Постојано се иновира, следна е MChef рерната која буквално комуницира со состојките, и добивате јадење зготвено како од MasterChef со мишелин ѕвезди.

* Што значи за вас мотото на компанијата „immerbesser“ ?

- Immerbesser е целосен концепт. Не е само технологијата на апаратите, туку е и вашето искуство со брендот. Нешто што ни е многу важно. Се трудиме да го потенцираме тоа Miele искуство, пример од скоро почнавме и со демонстрации во домот на клиентот, готвиме или правиме кафе, да не биде само сувопарно и техничко објаснување, овде стисни, овде исклучи. Вообичаено ова го практикуваме кај поголемите проекти. Секогаш подобри, е дел од нашето секојдневно работење. Да се издигнеме над шаблонот, да поставиме нови стандарди. 

* Колкава е заинтересираноста на нашиот пазар за овој бренд?

Постоиме веќе 10 години, мислам дека тоа е добар показател за нашиот пазар, односно за интересот. И ме радува што имаме се повеќе клиенти, кои прават разлика во квалитетот и услугата.

Марта, една од вработените во Био Доместик

* Освен за домаќинство, многу познати ресторани во нашата земја ги користат Miele производите. Зашто тие се одлучуваат за Miele, какво искуство имате од соработката со оваа индустрија?

- Да, освен Miele home, го работиме и Miele Professional сегментот. Хорека бизнисот кај нас е во подем. Имаме многу нови ресторани, хотели кои имаат потреба од беспрекорност и брзина. Така се најдовме и ние во таа приказна. Нашето искуство е одлично во овој дел, се работи за бизниси кои најчесто се трудат да обезбедат брза и квалитетна услуга а кои мораат да внимаваат и на своите трошоци. Ние тоа им го нудиме.

* Доколку треба да издвоите неколку производи од целиот асортиман, кои би биле тие?

- Тешко прашање. Од секој сегмент си имам фаворит. Ама еве нека биде фрижидерот за вино, со 3 зони на ладење и сомелиер сет. Топло го препорачувам на сите љубители на вино и добри домашни забави.

* Можевме да забележиме дека салонот ви е опремен целосно опремен со кујна, вински фрижидер како и многу други производи, но и дека сте женски тим. Како ви поминува еден работен ден?

Никогаш не е досадно, тоа сигурно. Мене ми е преубава таа женска енергија, не би можела да го замислам денот без постојаните идеи од Марта или без зенот на Вики.