(Не)религиозни размислувања

Татко ми е атеист или да бидам попрецизна, цел живот бил комунист (не комуњар). Мајка ми е верник, односно си ги тера сите можни обичаи, од постови до одење во црква. Јас сум растена тотално неоптеретена и од атеизмот на татко ми и од верските определби на мајка ми. Тој од почит кон нејзините убедувања, никогаш не одбил да ѝ прави друштво во црква (додуше ја чека надвор), а таа пак од почит кон него никогаш не го терала да влезе со неа и да пали свеќи. И таа комбинација (на која додадете дека тој е од Прилеп, а таа од Битола) функционира во брак веќе 48 години. Во моето семејство сме научиле да си ги прифаќаме разликите, без оглед какви се и да се сакаме без оглед на сѐ. Мајка ми го знае мојот став за црквите и поповите (не поистоветувајте го ова со религиозните определби) и никогаш не се обидела да влијае на мене. Од друга страна, јас ја разбирам дека влегувањето во црква нејзе ѝ носи душевен мир и не сум ја исмејувала заради тоа.

Ќерка ми има скоро 13 години и не е крстена. Нема ни дупнати уши, а при носење на семејни одлуки седиме една карши друга и разговараме како две возрасни особи. Мојата одлука да ја оставам во животот сама да оформува ставови била уште од кога беше бебе. Е, сега...да не излезе дека сум до толку либерална мајка, сум назначила дека авторитетот е сепак на моја страна и дека кога се работи за нејзиното здравје и безбедност ќе ме слуша без оглед колку и да мрчи. Отсекогаш сум инсистирала да се информира, прочита, создаде свое мислење за нештата. Не знам, можеби кога ќе порасне ќе појде и ќе се крсти, можеби ќе стане најголем верник, или пак, ќе ги прифати моите ставови. Но, како и да е, ќе ја има мојата поддршка, сѐ додека мислењето ќе е само нејзино, без влијание од мене или од околината.

Ако во нешто имам вложено во нејзиното воспитување, било да ѝ посочам дека синдромот на стадо и општото мислење можат да ја однесат онаму каде што ќе е незадоволна. Не дека не зборуваме за религија, не дека не се интересира, но не сметам дека на скоро 13 години, може сама да одлучи за толку важни прашања во животот. Јајца не фарбам, не се потресувам за терање адети (иако баба ми беше многу вознемирена од мојата ноншалантност во поглед на ова), ама одамна не правам работи во кои не верувам и не можам да застанам зад нив. Мене не ми значат празниците. Не ги честитам, не ги славам, не сум оптеретена со тоа дали некого ќе навредам. Секогаш сум спремна да помогнам во рамките на моите можности, но не заради тоа што е тоа христијански, туку заради тоа што сум човек.

Оние кои ме познаваат, не ми фаќаат кусур. Знаат дека заборавам, дека не ме интересираат слави и вакви денови, но исто така, знаат дека прва ќе скокнам онаму каде што гори. И искрено да ви кажам, поважно ми е да знаат дека сум тука за секоја животна неприлика, отколку да се лигавам со убави зборови и да ме нема кога е густо. Ми било замерувано што на вакви денови не враќам на пораки, што не праќам пораки. И пак ќе речам. Секој еден ден од сите 365 во годината, за мене е совршен ден за да се покаже почит и љубов, да се помогне, да се подаде рака, да се каже убав збор. Некаде низ социјалниве мрежи прочитав „не разговара со брат му заради имотот, таткото не си го посетил со месеци, жената ја изневерува со кумашинката, а се прекрстува три пати затоа што другите не постат“!

Зошто е потребата од глума? Општото прифаќање не носи среќа и мир во животот. Како може да ви е поважно да седите цела ноќ во црква и да го истерате адетот на чукање со јајца, а после да оставите неред зад себе? Сабајлево прочитав еден одличен статус од Ина Многуфина, која вели дека можат сите да си земат со себе по една кеса за ѓубрето и да не го остават градов да личи на кокошарник. Браво Ина! Тоа е тоа. Тоа се истите оние кои длабоко побожно се прекрстуваат кога поминуваат покрај Соборната црква и кои фрлаат ѓубре по улици или пикавци. Не ви е важно дали уништувате природа или живеете во ѓубре? Не скокајте веднаш, секако дека не се однесува ова само на оние кои се верници, туку општо. Некој ќе пропагира слобода на живеење, а живее во стеги и рамки кои го ограничуваат. Некој ќе зборува за почит, а ја нема основната ниту кон себе, а не па кон остатокот од светот.

Она за што зборувам и провејува скоро низ секоја моја колумна е дека затруеноста од општо прифатените норми во животот, нѐ прави исфрустрирани и незадоволни. Тоа се одразува, оти таа насобрана негативна енергија мора да излезе некаде. Па ќе се вадиме на ПМС, на климактериум, на умор, на незадоволство од работата. Не бе луѓе, тоа е само внатрешно незадоволство од начинот на кој живееме. Кога ќе ми текне дека се обидував да бидам во и со стадото, ми иде да си влепам една. Смеј се Ано, а ти се плаче. Биди фина и сврти го другиот образ. Ма немој! Откако научив да се сакам и почитувам себе, да си го негувам внатрешниот свет и да ме боли уво што мислат за мене, нервозата ми исчезна. Не остана време и простор за неа. Се помирив со тоа дека што и да направам, што и да кажам, како и да постапам, секогаш ќе има некој кому тоа нема да му чини.

Толку глума за само еден просечен животен век. На крајот, кога човек ќе направи една ретроспектива на својот живот, поразително е колку многу работи не сме ги направиле од страв што ќе речат другите, а колку малку сме направиле за себе и за да си го заработиме мирот, кој директно влијае на нашето ментално и физичко здравје.

Верник си? Терај си ги обичаите и не дроби никому што не размислува како тебе.

Атеист си? Глеј си го своето и не исмејувај верници.

За сѐ има решение, а тоа е прифаќање на луѓето онакви какви што се. Ако можете со сите разлики да најдете НЗС и да се дружите, супер.

Ако сепак не наоѓате заеднички јазик, мирно разделете се. Без осуда кој каков е и кој во што верува или не верува.

Денес е 28 април, прв ден Велигден. Да ве потсетам дека како за некој што не е верник, ја знам онаа „САКАЈ ГО БЛИЖНИОТ СВОЈ КАКО ШТО СЕ САКАШ СЕБЕ“. Сакајте се себе токму такви какви што сте. Ќе видите дека само тогаш ќе ги прифатите и сакате и оние кои се различни од вас. А разликите не се по дифолт лоши. Впрочем, нашето растење како луѓе е поубаво и поголемо ако научите нешто и од оние различните од вас. Да сте ми живи и здрави и во љубов со себе. Само таа ќе го спаси светот.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Прости ми Оче, грешев!
ете, не сум верник
во црква немам влезено којзнае од кога
верско календарче ниту имам
ниту знам што да гледам внатре
не постам во петок
а да сум искрена
не знам ниту да се прекрстам
а да не се запрашам дал
одлево-надесно беше или...
оти уште се прашувам
дали за сите прекрстувањето е исто
или има посебен тертип за левораките
не сум
еве си признавам дека верник не сум
и не сакам ко ќе умрам молитви да се редат
некако не ми е за така да си заминам
поинаку го замислувам моето одење
ама за тоа во некоја друга песна
муабетот ми беше
дали се важи дека никому зло не правам
дека со лагите сум скарана
дека низ животот дури ниту мастика за џвакање не сум украла
дали се важи што во се’ со чисто срце влегувам
и луѓето по облеката не ги мерам
се важи ли дека љубов во душава имам
и сомилост која ме дроби
која ме тера на туѓата мака да плачам
не знам
еве остарев, а уште не знам
колкав ми е гревот што не сум верник
што од мирис на темјан вртоглавица имам
и дали ќе ми се прости
дали барем малку гревот ќе ми се намали
што само убави мисли за другите во себе носам
и што знам главата пред вистината да ја наведнам
ете
дали се важи што знам ТЕ ЉУБАМ да кажам
или што знам за прошка да молам
што суета немам за прва во нешто да сум
не знам
само знам дека сум таква ко што сум
ниту арна ниту лоша
сум грешела и грешам
а од грешки нема да куртулам и понатаму
ама таа сум
и така и ќерка ми ја учам
да одбери сама
своја да е
да љуби
кротка во душата да е
а во срцето широка ко небо
така знам
толку знам
прости ми Оче, грешев!