Необичен круг

Од сите кругови, оној животниот е најнеобичен. Почнува од една точка, кога излегуваме од мајчината утроба и завршува во онаа сосем логична точка кога се враќаме во утробата, но овој пат во онаа на земјата. Колку и како, а и со што ќе го исполниме кругот, зависи најчесто од нас. И кога велам од нас, повеќе мислам на тоа како ќе ги искрепиме сите животни удари, колку ни е душата истренирана да може да се справи со сето она што животот ни го сервира.

Умешноста на живеењето со полни гради не е само до тоа да ни се наредат коцките. Да, здравјето е најважно, но се’ она што доаѓа секојдневно некогаш знае да направи потреси кои треба неспремни да ги дочекаме, соџвакаме и преживееме. И некогаш не е до силата и големината на ударот, туку во силата која ја носиме во себе. Некои навидум банални нешта можат човек да го изместат и да го нарушат балансот во него, а некогаш тешки животни ситуации можат со ладна глава да се надминат. И пак ќе речам, се’ е до материјалот од кој сме создадени.

Татко ми имаше дијагностициран рак на бели дробови во 2001-та година. Тука, кренаа раце од него, дури ни беше кажано дека месеци се во прашање. Но, неговата реакција беше...хах, не сум спремен јас за умирачка, треба допрва внуци да гледам. Додуше, остана на едно внуче, ама еве, веќе го гледа скоро 14 години, односно веќе влегуваме во 19-тата година од неговата борба. Таа страст за животот и желба да се помине болеста беа можеби не клучни, оти велат нели дека сите си заминуваме кога ни е пишано а не кога сакаме или сме спремни, но беа голем мотив во борбата.

Само оние кои ја минале таа борба и оние во чие семејство имало ваков или сличен случај (а за жал мислам дека веќе нема семејство без барем еден обележан од канцерот), знаат колку е важна волјата за живот и спремноста за борба.

Но што е со оние кои имаат кревки души, кои едноставно не можат, а и не сакаат да се борат со ова сивило и секојдневие кое притиска од сите страни? Политиката ни ги зема најубавите години од животот. Станавме робови на вести, гласање, скандали. Наместо да го уживаме она што ни е дадено да го живееме, станавме огорчени, уморни, депресивни. Смачено ми е да слушам муабети за тоа кој колку украл, кој и дали се бави со криминал. Во она општество во кое најголемиот дел од нас сакаат да живеат, тоа треба да е работа на соодветните институции. Да, секаде има криминал, секаде има уцени, ама само тука како да стана тоа синоним за фраерлук или престиж. Смачено ми е од вас, политичарите. Ни го отрувте секојдневието и животот со вашите ветувања за кои однапред знаете дека не можете да ги исполните. Смачено ми е да немам избор како ќе живеам, туку треба да се водам од она што вам ќе ви падне на памет. Социјалните мрежи вриштат од луѓе кои се борат со извршители, оти НЕМААТ, не дека не сакаат да си ги платат сметките. Од друга страна, слушаме по медиумите како се барата со износи од милиони евра, кои секако, или се украдени или изнудени.

Преку глава од вас. Децата штрајкуваат за чист воздух, болните ни се лекуваат од пари кои едвај се собираат за да се помогне, иако тие 100 денари + ДДВ, за некој се леб и млеко за неколку дена. Смачено ми е од вашите оправдувања дека украсувањето на градов е за нас, граѓаните, оти не се радуваме на тоа. Барем не повеќе. Ми го срамнивте со земја градот што го сакав...со земја. Ми изградивте град кој не мириса на моето Скопје, ми наметнавте теми за кои не сакам да разговарам, ја внесовте политиката во уметноста. Сторивте се’ што можевте да сторите за да престанеме да се радуваме. Луѓе си заминуваат, цели семејства повеќе не живеат тука, а и ние што останавме, веќе не не’ бива. Оти сме уморни, оти не можам пак да одам по улици, оти ми се смачи.

Внесовте изминативе децении апатија и болка, донесовте страв, омраза и тага. И тоа никогаш нема да ви го простам, никогаш.

Криминалците шетаат слободно и ни се потсмеваат на слабоста и наивноста. Вашите игри станаа толку прозирни што веќе не будат ниту бес. И во сета таа ваша трка за моќ, власт, пари, дали барем еднаш застанавте да видите што прави вашиот народ и како живее? Оти не живее, туку животари. Крпи ден за ден, онака како што знае и умее. Умира полека, или како што вели еден мој драг пријател, умира живот во животот. Ете, тоа направивте. И не се грижите за ништо, освен за вашиот џеб. Длабоко ве презирам. Ве презирам оти овој народ едно време се смееше, пееше, а сега само зборува за вашите промашени потези. Ве презирам оти не помогнавте на самохраните мајки, на болните, на децата, на уметниците. Ве презирам оти за многумина ставање крај на својот живот по насилен пат, стана бегство од реалноста и суровоста во која вие профитирате.

И немам надеж дека барем и еден од вас, сеедно од која партија сте, кога ќе го прочита ова ќе почувтвува горчина. Веројатно малку ќе ви е нелагодно, ама до првиот тендер или избори. За тоа време, уште неколкумина ќе си заминат, вака или онака. А вие еден ден ќе останете сами да си шефувате овде. Не очекувам дека ќе ве трогне плачот на жената на која извршителите и’ ја блокирале сметката и нема што да купи за јадење на своите деца. Не очекувам дека ќе ве трогне сликата на децата на онкологија или на оние кои излегоа на улица барајќи основно право да дишат. Нема да ве трогне ниту веста дека таму некоја млада жена си го одзела животот оти не можела да се снајде во вашиот свет. Ништо нема да ве трогне како загубата на неколку илјади евра од вашиот џеб.

Животот е круг. Необичен круг во кој еднаш сте горе, еднаш сте долу, некогаш сте среќни, некогаш ви иде да побесните. И секој од нас има ПРАВО да го изживее тој круг достоинствено и човечки. Сопрете малку и погледнете околу себе во каква мизерија го минуваме животот. Застанете малку и слушнете кој што зборува и кого што го мачи. Не сме бројки, не сме само гласачко тело. Нечии деца сме, исто како и вие, родители сме...исто како и вие. Сакаме спокој и трошка разбирање. Овој народ и оваа земја е се’ што имаме, се’ што имате. Да сте живи и здрави и берете ум дека ќе сте никој и ништо без нас, без сите нас.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

мирно е
ги чекам птиците
отаде
од далеку ќе дојдат
и глас ќе донесат
за едно ново време
со скршени стрелки
во кое часовници ќе нема
полно нови луѓе
кои старите ќе ги заменат
како дотраени чевли
мирно е
како да застанало небото
и се замрзнала бојата
во вечна светло сина останала
ете таму ми е погледот вперен
како да ќе може да се отвори
небаре завеса е
да ги пушти птиците
во испреплетени јата
што со години ги чекам
над градов да прелетаат
мирно е
и воздухот стои
не ми трепери во ноздрите
ниту во косава ветар ми се пика
толку е спокојно
што со часови стојам и се џарам
со ширум отворени очи
без да трепнам
ниту да се насолзам
дур низ небото со поглед лутам
дур крилестите ги чекам
мирно е
после долго време мирно ми е
ниту телово трепери
ниту душава копнее
ниту пак срцево свој ритам фаќа
со спокоен здив
и опуштени прсти
ги чувствувам сите клетки
и крвта како полека тече
без вриеж и клокот
како река која патот си го нашла
мирно е
доаѓаат птиците
звукот им го слушам
без вресоци и крици
само крилата им шуштат
им шумолат меките пердуви
тивки се
како галеж
како сон
како мене
мирно е