Уплашени од режимот, тајно пишуваа за мојата Шарена колекција: Интервју со Ненад Секирарски

Бали е прекрасно место за уживање и релаксација, ретко некој би помислил и дека е убаво место за работа. Веројатно за многумина мојот ден е со коктел во рака под палма покрај базен ама вистината е малку поинаква, изјави дизајнерот за кого шарената колекција беше последна која ја промовираше, пред да замине од земјата и да се насочи кон нови работни предизвици

Откако пред две години го напушти Скопје, македонскиот етаблиран дизајнер Ненад Секирарски кој зад себе има 25 години успешна кариера, реши својата среќа да ја бара надвор од границите на нашата земја, во Бали. Скромен, насмеан, едноставен, а сепак уникатен во секој поглед, македонскиот дизајнер остави празнина на модната сцена во Македонија, но од друга страна успеа да најде совршено место кое комплетно се вклопува како во неговиот животен стил, така и професионално. 

Секирарски деновиве е повторно во Македонија, па ние имавме можност да позборуваме со него за сите предизвици од 2016 година до сега, соработката со КТЗ, новиот професионален предизвик, животот во Бали, што му недостига од Македонија, како и за шарената колекција, со која докажа дека и уметниците може да прават револуционерни промени, користејќи го пред се својот талент. 


* Колку години поминаа откако се преселивте во Бали и дали од денешна дистанца мислите дека ја донесовте вистинската одлука?

- Точно две години  како работам и живеам на Бали и гледано од оваа дистанца сметам дека во тој момент ја донесов вистинската одлука за напредок во својата кариера. Иако не размислувам многу за годините сепак се наоѓам и во возраст каде посериозно треба да се размислува за иднината.

* Што беше пресудно за да ја прифатите понудата на работа од страна на дизајнерот со македонско потекло, Марјан Пејоски и да работите за брендот КТЗ?

- Марјан долги години е успешен на меѓународната сцена и неговите клиенти како што се Мадона, Ријана, Рита Ора и многу други говорат за актуелноста на неговите дизајни. Тие подолго време беа во потрага на некој со големо искуство кој би се приклучил на тимот и би помогнал во развојот на производи. Кога ја добив понудата не се размислував многу за самата работа, бидејќи одамна сум сигурен во своите квалитети. Малку повеке размислував за промените со кои ќе се соочам со животот на Бали. Но она што беше најпресудно беше предизвикот за нови искуства кои овој бренд ми ги нудеше.


* Колку работата за КТЗ го догради вашето искуство во моден план?

- Во мојата 25 годишна кариера работев на многу проекти и колекции, зад себе имам околу 40 колекции на женска, детска и облека за кучиња, но мојата зона на комфор секогаш била елегантната, вечерна линија. Во КТЗ јас влегов со предизвикот дека треба да работам 90% машка облека што никогаш ја немав работено и тоа улична мода, која во многу сегменти е различна од се што имав работено до сега. Токму овие работи беа пресудни за двете страни, КТЗ имаше потреба од некој кој не е од „нивниот круг" за да даде друг лик на работите, а мене ме измени додавајќи го последниот сегмент во мојата работа.

По 4 сезони соработка со КТЗ, од јануари 2018 јас веќе не сум дел од тимот на КТЗ туку работам за друг бренд каде сум одговорен за тимот за развој што подразбира изработка и контрола на кроевите како и следење и изработка на прототипот за секој дизајн. Многу убава и креативна работа каде што уживам во секој сегмент од развојот. Брендот ќе биде промовиран во наредниве неколку месеци па ќе имате прилика и да ја погледнете новата колекција.

* Настрана од работните обврски, како ви поминува еден обичен ден на Бали и дали ви беше лесно да се прилагодите на поинакви климатски услови?

- Бали е прекрасно место за уживање и релаксација, ретко некој би помислил и дека е убаво место за работа. Веројатно за многумина мојот ден е со коктел во рака под палма покрај базен ама вистината е малку поинаква. Работата е класична во канцеларија и производствен погон како и секаде во светот, но разликата е што после работното време постојат огромен број на работи што можете да ги правите. Живеам на 5 минути пешки од плажата на океанот во дел од градот кој се нарекува Легиан. Тоа е срцето на градот и се е на 10 минути пешки дали сакате, ресторани, клубови, продавници, салони за масажа или залез на сонце. Секако не беше лесно да се навикнам на новите услови за живот бидејќи се е различно но тука е и предизвикот. Животот ме научи дека секогаш кога треба да останам подолго во некоја средина треба да ги прифаќам правилата на животот од локалните жители бидејќи тие знаат што е најдобро за нивната клима. Со овој концепт ми требаа неколку месеци да се почувствувам дома.


* Урбаните градби ги заменивте со тропски живот. Колку Бали ве инспирира на професионален, а колку ве исполнува на приватен план?

- Градот во кој што живеам има 3 милиони жители и е далеку од неурбан. Се обидувам и на моите пријатели да објаснам дека 5те слики што се вртат како промоции за Бали низ туристичките агенции се само еден мал процент од тоа каков е навистина животот на Бали. Пред се Денпасар е многу широко распространет град поради правилото дека несмее да има високи градби, тоа го прави воздухот многу свеж и чист поради постојаниот ветер од Индискиот океан. Овој концепт на живеење исто оддава впечаток дека се работи за мал град бидејки сите живеат во куќи, нема станови и високи згради и е многу зелено поради бујната тропска клима. Бидејќи животот на Бали е без стрес тоа допринесува луѓето да имаат и поинаков однос едни кон други што мене лично многу ми годи бидејќи сум со сличен карактер, без повишување на тон, без навредливи зборови и пцовки, се се прифаќа со насмевка. Самото чувство на смиреност секако ми значи многу и на професионален план бидејќи ми овозможува се да работам без преголем притисок, а работата да биде завршена на време и како што треба. Фактот дека жителите се 85% хинду во голем мера и го објаснува ова и го прави Бали многу поразличен од сите. Интересно е дека во балинежанскиот јазик не посто збор за уметност бидејќи се подразбира дека таа е дел од секое живо битие.

* Дали сте авантурист по природа и кои локации посебно би ги издвоиле за посета?

- Како бик во хороскоп себе би се дефинирал како авантурст-комформист, бидејќи сакам да истражувам и да посетувам нови места но не сум бас спремен физички да вложувам многу напор. За среќа Бали не бара да си подготвен за екстремни спортови за да можеш да се впуштиш во некоја авантура. Го сакам водопадите на Бали, прекрасните скриени плажи со ситен песок, Го сакам вулканот Kintamani кој има езеро во својот стар кратер и помал активен кратер внатре, го сакам зеленилото на оризовите полиња Jatiluwih, но сакам и кога океанот ќе се повлече и ќе го отвори патот кон храмот Tanah Lot. Секако душата на Бали е сокриена во Амед, мало рибарско село на истокот од островот.


* Што е тоа што најмногу ви недостига од Македонија?

- Најмногу ми недостигаат моите блиски и една група на пријатели кои би сакал да се со мене таму. Некои видови храна како бурек и шопска, пиперки во оцет со лукче, праски.

Во принцип не сум човек што се врзува, го живеам моментот тука и сега и со тоа ниту имам носталгија ниту кон нешто посебно патам. Подеднакво уживам и во тавче-гравче и во наси-горенг ( пржен ориз со малку зеленчук и пилешко)

* Во 2016 година промовиравте шарена колекција за чија инспирација послужија протестите на Шарената револуција. Дали сметате дека дизајнерите треба почесто да користат општестени теми за лансирање на нови парчиња облека?

- Да оваа колекција е и последната што ја направив на нашите простори и беше создадена и како мој глас кон она што се случуваше но и како крик кој мислам дека беше моја обврска. Со оваа колекција дури и доживеав новинарите да не смеат да се потпишат под текстот со моите коментари за тогашниот режим плашејќи се од последиците врз сопствената кариера. Ова беше само уште еден знак дека крикот е во вистинското време. Од друга страна сметам дека секој од нас како зрела индивидуа која е дел од ова општество треба да има политички став за нештата за кои плаќаме данок. Позицијата "мене политика не ме интересира" е знак на несозреаност и несвесност дека и тој став е политичка одлука и остава многу голем простор за маневрирање на оној кој сака да ја злоупотреби позицијата.


* Дали со оваа колекција јавноста ве обои политички?

- Јас бев секојдневно вклучен во протестите за укажување на погрешниот систем (режим) почнувајќи од подршка на студентските и средношколските протести до крајот на протестите кои беа наречени Шарена Револуција. Горд сум што бев дел од граѓанското движење за дигање на глас кон управа која со години ги менуваше, деградираше и унакажуваше сите оние кои имаа смелост, спремност и сила да проговорат дека нештата се погрешни. Многу погрдни зборови беа кажани за нас, бевме и се уште сме исмевани, навредувани од познаници, блиски но и непознати, веројатно мислењето со своја глава најмногу паѓа в очи. Но мислам и длабоко верувам дека овој момент е клучен за да доведе до некои промени во ситуацијата во земјава каде деценијски се работеше на измена на сите морални, етички и естетски вредности како континуитет на едно граѓанско општество кое се гради на овие простори од крајот на 19тиот век. Успешноста на Шарената Револуција најмногу се огледа и во фактот дека многумина се разбудија и решија да проговорат, некои бунцаат, некои викаат, некои зборуваат чисто, но со тек на време сето тоа ќе се прочисти и ќе дојдеме до вистинските вредности. Јавноста немаше потреба да ме бои бидејќи мојот став беше јасен и чист, криминалот треба да се осуди и затвори.

* Можеме ли да очекуваме нешто ново на моден план во Македонија или Србија каде вашите колекции секогаш беа пропратени со бурни аплаузи?

- Во моментов немам планови да правам нови колекции под својот бренд, бидејќи мислам дека треба да се направи една дистанца пред се во мојот ум а понатаму и во односот кон клиентоте за да понудам нешто ново интересно и свежо. Секако кога ќе дојде време за тоа и Македонија и Србија ќе бидат сведоци, бидејќи токму најголемиот број на клиенти кои се заслужни за деценијското постоење на мојот бренд се од овие простори.


* Вашето ателје во Скопје е во сигурни раце на вашата долгогодишна пријателка Весна Илиевска. Која е формулата за негување на пријателство на далечина?

- Иако секогаш велам дека со Весна Илиевска пред се сме пријатели па потоа соработници морам да напоменам дека во нашиот близок однос пред се стои еден голем професионализам. Нејзината неизмерно квалитетна работа која со години буди насмевки на многу лица е вистински спој за моите дизајни да заживеат во полн сјај. И токму тоа разбирање, заедничката љубов кон убавата уникатна облека и создавањето на нови нешта е тоа што ние и понатаму можеме да работиме и на далечина од 10. 000км. Секако, сега нејзиното искуство и креативност повеќе доаѓаат до израз, бидејќи се почесто во разговор со клиентот тие работата ја завршуваат и без мене.

Бојана Нојиќ