Немавме струја, спиевме во шатори: Екипата на документарецот „Медена земја“ по наградите на „Санденс“

Со поскромни очекувања, екипата на македонскиот документарец  „Медена земја“, вели дека заминала на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“. „Се надевавме дека можеби ќе земеме две награди, но не се надевавме на три“, рече на денешната преес конференција Атанас Георгиев, продуцентот и монтажер на филмот.

Филмот на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера која ја добија Фејми Даут и Самир Љума.

Режисерката Тамара Котевска рече дека овој успех е потврда дека еден филм може да се направи со мала екипа, а таа и нејзиниот колега, Љубомир Стефанов од старт се договориле дека режисерската суета не е дозволена.

Тимот на „Медена земја“ на „Санденс“ фестивалот во Јута, САД 

„ Сите знаете дека ова е приказна за медот на Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во едно село во централна Македонија. Имавме 400 часа снимен материјал, а децата кои се филмот почнавме да ги снимаме дури по 4-5 месеци работа. Тие бегаа од нас, имаа отпор од првиот момент кога се сретнавме на нивната чешма во селото. Но, подоцна ја стекнавме нивната довреба“, додаде Тамара Котевска. Судбински момент е, вели таа што истот ден кога „Медена земја“ ја доби наградата на „Санденс“, во семејството се родило осмото дете. „Исти ден, но и истиот час“, почина и мајката на Атиџе“, рече режисерот  Стефанов. Тој раскажа дека ова не е документарец за пчели, туку за односот на сите нас кон природата, и за тоа као ги користиме нејзините ресурси. „Пораката која ја носи Атиџе, половина мед за тебе, половина за пчелите е секако важна“, додаде режисерот.

„Тие месеци колку што бевме во селото на брегот на Брегалница, спиевме во шатори, немавме струја и донесовме агрегатори“, раскажа екипата на филмот. 

„Медена земја“ е приказна за медот на Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа

За проекцијата која се одржала на „Санденс“, велат дека имало толку голем интерес, што повеќе публика имало надвор, отколку во кино-салата. Филмот ќе има две затворени проекции, на 12 и на 13 март во Скопје, а пошироката јавност ќе го види на фестивалот на крееативен документарен филм Македокс“, кој ќе се одржи во август. Главниот поттик за убавите кадри во филмот го дал Самир Љума, а сите нив брзо ги „ловел“, Фејми Даут, раскажаа камерманите.

„Медена земја“, на својата официјална веб страница honeyland.earth, започна со добротворна кампања за поддршка и помош на ликовите од филмот.  Со секоја нарачана тегла мед на Атиџе, ќе се донираат средства за подобрување на условите за живот на децата што се појавуваат во филмот. На Атиџе веќе ѝ е обезбеден нов дом кој е во фаза на приоспособување. 

Милица Џаровска