Нема да спијам од возбуда: Оригинален концерт на Каролина Гочева

Уживање за сите сетила беше првиот од четирите концерти на Каролина Гочева во Македонската Филхармонија. Поп-ѕвездата за прв пат настапи со оркестарот на Филхармонија, со нејзиниот комплетен бенд и со придружните вокали.

Квалитетот, богатиот звук и убвата слика на концертот не му ја дадоа само оркестарот, бендот, песните и изведбата на Каролина, туку и моментот колку таа уживаше во двочасовното музичко патување. Нејзината среќа ја почувствува и публиката, па настанот кој романтично почна, еуфорично заврши со песна која никој не ја очекуваше , „Ајде да летаме“. 

Претходните нејзини концерти беа со репертоар од албумите „Македонско девојче 1 и 2“ ,и актуелниот „Извор“. Но, на овој таа убаво не прошета низ времето. Слушнавме дел од нејзините стари поп-хитови, како баладата „Капка под небото“, евровизиската „Од нас зависи“, „Умирам без тебе“, па и „Без оглед на сѐ“, која е стара речиси 20 години како пријатно изненадување. Секако, беше привилегија да се слушнат и поновите „Ѕвона“, „Кој да ми запее“ и „Бели цветови“ во една ваква, полна верзија, со орекестар и бенд. За новите аранжмани во оркестарска верзија, заслужен е Никола Мицевски, авторот на песните на двата последни албуми на Каролина. 

Концертот помина без хитови како што се „Две лири“ и „Чалгиска“, но неочекуваното е некогаш и подобро. 

„Вие сте прекрасна публика. Ме исполнивте со голема среќа. Вечерва нема да можам да спијам од возбуда, благодарение на вас“, рече Каролина на бисот, по кој фановите ја испратија со неколкуминутен стоечки аплауз. На истото место, таа ќе пее и вечерва (недела), и ќе одржи уште два концерти, на 20 и на 22 февруари.

Милица Џаровска