Некултурни луѓе и возачи НЕ СЕ МОЈ ТИП: Интервју со тапанарката Мартина од ДУПЕР

Во сѐ што правиш верувам дека треба да се докажеш. Секогаш работам на тоа да верувам во себе и да бидам храбра. Ако знаеш да свириш, навистина не е важно дали си машко или девојка, што значи-во бенд тешко дека би те примиле ако не знаеш да свириш

Сигурно периодов сте ја слушнале песната која го носи името „Не сум твој тип“. Оваа заразна нумера ги „бомбардираше“ социјалните мрежи и стана хит меѓу македонската публика. Во тројцата мускетари заслужни за ваквото освежување на музичката сцена, ќе забележите едно женско. Името и е Мартина Баракоска, обична девојка која сака да вози точак и сака Скопје да биде убаво место за живеење. Оваа 20- годишна женска ги „растура“ тапаните во ДУПЕР, кои и се љубов од нејзината 12- годишна возраст. За себе вели дека сака кафе, музика и дружба, а за Женски Магазин открива дел од себеси.

* Од каде се роди љубовта кон тапаните, како почна таа приказна? 

- Љубовта кон тапаните ми се роди слушајќи музика. Многу ме интересираше како се свири и размислува на тој инструмент и после некое време решив да си ја остварам таа желба. 

* Тапаните се необичен инструмент за девојки. Дали досега сте се соочиле со некои стереотипи или коментари по тој повод? Колку е тешко да ве прифатат како женско тапанар и да ве приклучат во група/бенд? Какво е вашето размислување на поделбата меѓу „машки“ и „женски“ работи? 

- Не би рекла дека е необичен инструмент за девојки, има девојки што прават партали на тапани, едноставно не било толку честа појава досега. 

На почетокот се соочував со сомнежи (нормално), а и коментари дека не може женската сила да се мери со машката, што е точно, ама не е точно дека за свирење на тој инструмент е потребна таква сила. Во сѐ што правиш верувам дека треба да се докажеш. Секогаш работам на тоа да верувам во себе и да бидам храбра. Ако знаеш да свириш, навистина не е важно дали си машко или девојка, што значи-во бенд тешко дека би те примиле ако не знаеш да свириш. 

Очигледна е разликата на машките и женските, нормално, имаме различен сензибилитет и начин на искажување емоции. Но тоа не ги прави едните поважни од другите. Никогаш не сум ја сакала таа дебела граница помеѓу машките и женските што генерално преовладува во сѐ.

* Каква енергија носи Мартина, во каква музика најмногу се внесувате и сакате да слушате, но и да свирите?

- Сакам да носам позитивна енергија во себе, но веројатно луѓето околу мене би можеле подобро да го одговорат ова прашање. Се внесувам во моите идеи, новите работи што ги учам и во свирењето со луѓе, односно авторска музика. Слушам разновидна музика и постојано барам нова која ме тера да размислувам и да научам нешто што не го знам. 

* „Не сум твој тип“ е дефинитивно омилената песна на поголемиот дел од македонската публика во моментов. Како се случи ДУПЕР, и оваа заразна песна и видео-запис?

- ДУПЕР се случи многу спонтано и природно, без форсирање, и со долго договарање. Тоа се двајца момци со кои лесно ни оди муабетот, а и создавањето музика. Песната и спотот се случија во наш стил, спонтано, природно и позитивно. Имавме замисла и успеавме да ја реализираме и сме многу задоволни од тоа. 

* Кој или што „НЕ Е ТВОЈ ТИП“?

- Некултурни луѓе и возачи, непочит кон велосипедисти и загадено Скопје.

* Со оглед на тоа што студирате на Факлутетот за музичка уметност во Скопје, тоа значи дека музиката ја избирате за своја професија во иднина, или пак станува збор само за хоби? 

- Да, музиката ја избирам како професија, но не само затоа што студирам на музичка академија, туку обратно.

* Цитат кој ве опишува/ Мото по кое се водите ?

- Дека секој ден можам да бидам подобра личност и да научам нешто ново. (Не само во музиката)

* Каде и како се гледате за 10 години?

- Сакам да бидам тука и да сменам нешто.

* Опишете се со еден збор.

- Овен

Даница Караташова