Не си ја давајте душата за лајк: Искрено интервју со Ивана Кнез

Знам дека љубовта не ги плаќа сметките, но не заборавајте и дека парите нема да ве бакнат во уста и да ви посакаат добра ноќ, вели докажаната македонска дизајнерка Ивана Кнез. Како колумнистка на „Женски магазин“ успеа да редефинира многу лични приказни. Секогаш зборува без заддршка, па муабетот со неа е вистинско задоволство. За промените кои се одлучи да ги направи, за животните премрежја од кои извлекла најголеми поуки, но и за младите кои упорно ставаат акцент на погрешни идоли, отворено зборува во ова интервју.

* Новата година за тебе донесе и многу нови моменти на професионален план. Зошто одлучи да го затвориш студиото и каде отсега ќе биде достапна облеката со твој потпис?

- Најмногу за да имам простор да бидам вистински тоа што сум, а тоа е дизајнер, а не шнајдер, без навреда нели. Некако не се гледам себеси како подготвувам нарачки од интернет, имам повиски цели и поголема слика за тоа каде сакам да бидам и јас и мојата работа. И да не заборавиме, иднината е онлајн, па така целиот мој асортиман се сели по сите можни социјални медиуми. Во фаза сум каде формирам и докомплетирам еден прекрасен тим на луѓе со кои одиме надвор во вселенските граници. За да останам лојална на овој пазар каде што и всушност започнав, еден дел од дизајните директно ќе бидат достапни во Луксантика, ГТЦ 2 спрат, каде ќе може да се види и проба сѐ што е под мое име.

Почетокот на оваа промена започна со кампањата „Јас сум Љубов“ со која ќе ја означам претстојнава година, ќе ѝ го дадам времето ја Љубовта. Целата идеологија на Лавкетс ќе ја преточам во една позитивна мисла со многу позитивна енергија од мене и мојот тим, која ќе се обидеме да ви ја дадеме вам. Кампањата ќе ја проширам со повеќе соработници. Прва е соработката со Тиноски која почна токму сега во месецот на виното и ќе ја преточиме во еден сладок вкус на Љубов достапен за сите кои сакаат убави мали работи.

Пред десет години еден случајно изработен ѓердан прерасна во моден бренд. Lovecats е дефинитивно твојот заштитен знак кој сега конечно е достапен и надвор од земјава. Наскоро под истата етикета ќе лансираш и интересна линија за нега на кожа. За каква козметика станува збор?

- Многу сакам сѐ, просто и едноставно, сакам сѐ што е квалитетно и има свој печат, од мала сум таква. Доволно сум и луда и храбра за да не се плашам од пораз, иако сѐ до сега во кое вистински се имам дадено, ми дало одлични резултати, па така од лични потреби дојдов до решение на проблематика која ме прогонува од кога знам за себе. Како тинејџер користев козметика од локално производство, но тоа беше само еден дел од мојата младост. Понатаму како се развивав, со сите можни проблеми што една девојка, а потоа жена може да ги има, никако не најдов производ кој ќе ми го даде тоа што го сакам за мојата кожа. Пробав секакви козметики од цел свет, со различна ценовна достапност, квалитетно се имам преплатено на темата, за на крај пак да завршам со рошаво лице од полицистични јајници за кое сите ми велеа дека нема лек, хормони биле. Епа погодете што, не беа хормоните. На оваа тема работиме околу една година, најголемиот тригер беше тоа што јас не сакам вештачки решенија, а мајка ми не сака да се боцка со ботокси за да нема брчки. И со еден тим на луѓе дојдовме до решение каде сѐ се лечи природно, само со добра, регулирана исхрана и квалитетна козметика направена од природни состојки, толку е едноставно. Баланс на љубов кон себе, така некако најдобро ќе ја опишам и наскоро ќе биде достапна и за сите мои следбеници и за соработка со поголеми козметички салони. Се погриживме и за топење на масни наслаги, борба со целулит и слични теми кои ја мачат секоја современа жена оптеретена од стрес и секојдневие.

* Луѓето те препознаваат по уникатниот и храбар моден израз, по директните и пред сѐ искрени излагања. Имаш кажано дека не веруваш во едноличност, во одлуки без ризик. Дали оваа секојдневна потрага по нешто поинакво ти донесе повеќе добри или лоши моменти во животот? 

- Велиш храбар, а да знаеш само колку се имам самоцензурирано во изминатиов период, тек да полудев вистински во дизајните, каде ќе ми беше крајот (се смее). Можам со полно право да кажам дека утре да треба да умрам, нема да ми биде криво. Сите ризици кои ги превземав во животот, вклучувајќи ги и оние директно поврзани со доверба во извесни луѓе, ме научија како да бидам поголем човек. Секој ден е борба, не постои бајка. Сѐ што има среќен крај има и втор дел. За жал, нас овде нѐ учат постојано и системски на засекогаш. Драги мои, не постои засекогаш. Како велат во „Викенд на мртовци“, Сите ќе умрете. И вистината е таа, нас нѐ учат да се врземе за материјалното, за пари, имот, кола, брендови, а додека се бориме за тој дел, губиме од тоа што вистински вреди, моментите на сега и овде, на мирис и вкус, на нечив допир и нечија прегратка. Да, јас знам дека љубовта не ги плаќа сметките, но не заборавајте и дека парите нема да ве бакнат во уста и да ви посакаат лека ноќ. Тоа е тој баланс од кој сите сме изместени и заради тоа сме во глобален транс на депресија, потегната од изместени вредности. Мојата променливост и непостојаност ме сочува од себе, и ме одржа да бидам среќна со тоа што го имам во даден момент, храбра за да станам после секој пад и истрајна за да продолжам со мојата визија за поубаво утре.

* Животот им го направи „драма“ на многу жени кои облекоа твои креации. Во што е најголемиот предизвик да се биде креатор во мала земја каква што е нашата?

- На почетокот беше поинак. Пред десет години имаше повеќе индивидуалност и слобода, сега некако сѐ е сведено на инстаграм-старлети и едноличност. Мала земја сме и многу се чувствува тоа. Јас се фатив и себе си дека почнувам да личам на општо влијание во еден момент и затоа и престанав. Не сакам луѓе без идентитет, не сакам девојки и момци чиј лик не можам да го запаметам, а за жал ги има многу. Различноста на стилот, инаквоста секогаш ќе ми биде предизвик и овде и надвор од границиве. Да, во ред е да ги знаеш трендовите, но тоа слепило во име на масовна конзумација ме вознемирува како дизајнер. Наједноставно, пластични штикли се апсолутен тренд во последниве две три години, епа погодете што? Јас ги имав на 19 години, позајмени од еден транвестит стриптизета од Белград. И уште ги сакам до ден денешен (се смее). 

* Научија ли македонските жени да го вреднуваат домашниот дизајн?

- Сѐ уште не. Многу е зезнат тој круг на дизајнер и потрошувач, како мали производства нас целата изработка нѐ чини повеќе и затоа мора да сме со повисоки цени од масовните брендови. А од друга страна, не те почитуваат доволно за да те рангираат како големите познати модни куќи и кога ќе видиш, сѐ се врти во еден магичен круг на негација.

* Твоите исповеди во колумните за „Женски магазин“ иницираа сериозни промени кај многу девојчиња и жени и редефинираа многу лични приказни. По што најмногу ќе го паметиш другарувањето со читателките на „Женски магазин“? Со какви искуства го заокружи овој серијал кој беше доста читана содржина на нашиот портал?

- Уф, можеби и најмногу ме промени таа наша соработка. Во текот на тоа наше дружење добивав директни пораки од млади девојки, од жени кои буквално ми ги отворија очите каде ние живееме и кои се борбите и проблематиките со кои секоја една од нас се соочува во текот на денот. Од анорексии и прекумерена дебелина, нереализирани соништа и постојани депресии, па до самоубиствени напади и немање никаква волја за живот или пак грижа за себе.. Мислам дека ме тресна од земја таа реалност, а за жал институциски сме за никаде и нема никаков начин за поддршка на такви случаи. Морав да престанам, пред сѐ заради моите лични обврски, но ветив дека за брзо време ќе спојам сѐ во една книга, колумните и сѐ тоа што не ви го докажав, а верувајте, доволно е да ве допотресе, но и да ви даде храброст за да станете од која и да сте моментална состојба и да го зграбите животов квалитетно.

* Периодов повторно е актуелна темата за идеалите на денешните генерации, за голотијата наспроти образованието, за деформираното женско тело без никакви суштински вредности, прашања за кои често пишуваше и во твоите колумни. Зошто младите ставаат акцент на погрешни идоли? Зошто се палат на една таква сомнителна естетика?

- Затоа што е глобално наметнато. Не е до нас овде, ние сме трошки. Нашите старлети овде ги пратат глобалните старлети, кои ти викаат оди сними порнич и ќе успееш. Не бе пиле, нема. Милиони снимиле порничи и останале во милионите. Јас не велам НЕ за голотија, секогаш ќе бидам ЗА, на крајот на денот најубавите работи на светот се случуваат додека си гол. Но кога веќе навлегуваш во тоа, направи го на твој начин, поинаку, не биди пеглана, препеглана извитоперена статуетка, што нема мимика на лицето од што е пребоцкана. Не си ја давај душата за лајк, просто и едноставно.

Ова е поднебје кое нема економска стабилност и, за жал, за возврат во таква средина цвета криминал и старлети. Па сетете се на Белград 90-тих, главни фацки беа Аркан и Кнеле, Цеца и Брена, тоа се тие исходи од државна сиромаштија. Да има простор за квалитетно образование, а понатаму и услови за развој на кариери, нема да има потреба од извештачени естетики на нови генерации, ние сме виновни, не се изборивме за подобра иднина на младите.

* Не ми пречи што живеам во машки свет, сѐ додека во него можам да бидам жена, е еден од поизвиканите цитати на Мерилин Монро. Како, според тебе, општеството да создаде прифатливи услови за реализирање на жените?

- Така што ние жените ќе ги побараме. Ќе ви раскажам една многу интимна случка што ме измести комплетно од лежиште и ме промени мене како жена.

На пат накај дома со сега веќе бивши дечко, но супер пријател, купуваме намирници за готвење, полниме гепек, и паркираме кола пред зграда. Автоматски јас излегувам од кола, отварам гепек и почнувам да се товарам како коњ, тој застанува позади мене и почнува да ме гледа. Да се разбереме, дел од причината зошто таа врска пропадна, беше и моето постојано звоцање како очајна домаќинка, како тој не чини, како морам јас сѐ сама и слично. Откако ме изгледа како товарам сѐ освен две кеси, си ги зема кесите, го затвори гепекот и ме праша: Добро бе Ивана, до кога ќе се однесуваш како маж? До кога планираш да ми ја газиш машкоста на карта на штета за себе, и да се однесуваш како прав идиот? Ај спушти тоа кесите и марш пред мене дома оди отклучи. Како попарена си тргнав напред, и единствено нешто што се прашував во тој момент е зошто тој човек и понатаму ме сака. Најголемата лекција за тие побркани машко женски права ми беше отчитана на наједноставен начин. Сѐ додека ние жените се однесуваме како мажи, нема да пронајдеме доволно силен маж за нас.

Баланс драги мои, не си ги мерете вредностите во тоа кој усисал, или кој ќе избуши дупка на ѕид, далеку посложено е. И да, не ми пречи што е машки свет, нека го, се додека ние жените сме на пиедестал во него, по заслуга.

* Која е најлошата работа што ти се случила, од кои животни премрежја си ги извлекла најголемите поуки?

- Недовербата во себе и личните способности. Заради тоа се доведов неколку пати во комплетен колапс и приватно и работно, и во овој момент единствен совет кој што можам да го дадам е верувај си на себе, на твојата лична интуиција, верувај на своите одлуки, тие биле најдоброто што ти можеш да го дадеш од себе во тој момент.

* Што те опушта кога не си фокусирани на работата? Како се релаксираш?

- Градина од кактуси, многу добро вино, некој је...о добар џез, животни, деца, искрени насмевки, готвење, подароци, патувања кои за жал сѐ повеќе се работни, книги, уредување на дом од ич пари, рециклирање, вечери по дома надвор од трендовски позирања, многу музика, страшно многу музика..

* Иако си дипломиран костимограф, на овој терен не си активна со години. Задоволна ли си со себе, со она што досега го имаш постигнато?

- Апсолутно! Да можам да бирам сѐ одново, би одбрала да биде исто. Костимот уште во 1900-та е станат современ, сега е костим, јас и ти сме костим, тоа што не потпишувам филмови или реклами, не ме прави активна или неактивна на тоа поле.

Види, да бидеш активна жена, задоволна од животот и сигурна во своите чекори, знае да биде комплетно проклетие. Има една тежина што си ја носи успехот, ни сама не знам колку часови имам поминато во медитации на темава. Научив да не се плашам од неуспех, научив дека сега и овде вреди повеќе од утре, дека сите болки ќе ти поминат кога ќе престанеш да гледаш наназад, и дека ти за себе си највреден на цел свет. Сите твои идни релации, сите успеси, зависат само и единствено од тебе.

* Со какви професионални амбиции сега се будиш и заспиваш? 

- Многу мирно спијам право да ти кажам, и само тоа го посакувам на секој еден ваш читател. Една огромна количина на мир и спокој кој ќе ве прати секојдневно. А инаку болесникот во мене гледа фабрики, гледа институции, гледа образование, нема да се откажам од тоа заради кое што почнав. Да дадам, сѐ повеќе и повеќе секој ден, да создадам мое наследство кое ќе остави позитивен пример за секоја млада девојка што денес ќе се разбуди и ќе реши да биде своја, една и единствена, храбра девојка која ќе си го следи сонот, ќе го сака овој проклет живот, и ќе го живее по свои правила, без исклучоци.

Ѓорге Стојанов