Не се пејачи и актери, а жените лудуваат по нив: Македонци со извајани тела

Не се ниту пејачи, ниту актери, но оставаат без здив. Иако се помалку познати за поширокиот аудиториум, секогаш привлекуваат внимание со својата појава. Некои се семејни луѓе, останатите се „сингл“, а она што ги поврзува е совршено дефинираното тело. Овие Македонци внимаваат на својот стил и свесни се за впечатокот кој го оставаат. Затоа и често на социјалните мрежи споделуваат фотографии кои повеќе откриваат.

Мартин Данчев е дипломиран пејач на Факултетот за музичка уметност и музички продуцент. Своето тело го одржува со постојани вежби во теретана. 

- Денот ми завршува најчесто со тренинг во теретана за време на работни денови и добар туш потоа. Вечерта ја минувам во убаво друштво со блиски пријатели. Често пати излегуваме во некои локали или ресторани низ градот. За викенд секогаш најразлично, често и надвор од Скопје. Секако има денови и кога сакам да сум дома, некогаш со маратонско гледање на филмови во фино друштво, или пак со смеа и убави долги разговори - раскажува Данчев за неговиот животен стил. 

Игор Минарков е инструктор по кросфит. Оваа релативно нова дисциплина опфаќа интензивни кардиоваскуларни вежби, мешавина од олимписко дигање тегови и гимнастика. Во едно интервју нагласи дека напорно работи на себе, внимава на исхраната и секогаш дава реални совети. Пред неколку години и самиот драстично го променил животниот стил.

- Престанав да пијам алкохол, да пушам цигари, да излегувам навечер. Сето тоа го заменив со многу вода, природа и медитации. Престанав да јадам и месо од етичка причина - призна Минарков.

Влатко Кузмановски се има појавено во многу рекламни кампањи и спотови, токму поради неговите специфични црти на лицето и секако, совршено оформеното тело. Игра кошарка, а од неодамна практикува уште една интересна активност. 

- Аштанга јогата е моето ново откритие. За мене фантастично искуство - вели тој.