Не одев во градинка: Баба ме научи за животот

Има сѐ повеќе модерни градинки и школи кои на децата им нудат враќање на природата и „вистинските вредности“ - дрвени играчки, музика и музички инструменти, физичка активност, равивање на фантазијата... Нудат интелигентни начини на поминување на времето со децата кои (би требало да) се неисцрпен извор на фантазија, идеи и инспирација.

Овие институции, на некој начин се одговор на ситуацијата во која денешните деца наместо топка во рацете имаат мобилни телефони, наместо да скокаат- седат пред компјутер, наместо да мислат и прават, пасивно гледаат и слушаат.


Сите активности кои се практикуваат во тие градинки и школи ме потсетуваат на она на кое некогаш ме учеше баба. За мојот брат, мојата сестра и мене таа никогаш не беше баба, бидејќи бабите се замислуваат како негувани и тивки постари дами. Мојата беше карпа, строга, бистра и со остар јазик. Вистинска баба.

Се потпишуваше со прст, бидејќи не знаеше да чита и пишува, но знаеше да брои и смета, бидејќи никогаш не можеа да ја излажат кога купуваше во продавница или на пазар, или кога продаваше свои производи од бавчата.

Ме учеше на сѐ. Варевме јајца, а кога месеше леб, ми даваше да го развлекувам тестото, да играм со брашното, и да го имитирам она што го прави таа. Тогаш тоа беше само игра, а сега сфаќам дека од мали нозе ме учеше на самостојност, што е „заповед број еден“ на големиот педагог Марија Монтесори.

Ги храневме кокошките, кучињата и мачињата, кои ги чуваше. Така од мала научив да ги сакам животните.

Секогаш бевме во дворот, или пешачевме до лозјето, и тогаш веќе сфатив дека природата е важна за човекот. Одеше бавно, нога пред нога, бидејќи не можеше побрзо, но тоа не беше важно, бидејќи никаде не брзавме, а на крајот на краиштата- најважно беше да се стигне.

Никогаш немав многу играчки, а тогаш сакав само едно- дрвено коњче. Сега ми е смешно кога ќе се сетам со кој жар фантазиравме дека ќе го направиме тој коњ. Неодамна читав дека е важно детето да не биде „затрупано“ со играчки, и со фантазија да додава елементи кои недостигаат, бидејќи баш така активира процеси во мозокот и ја развива креативноста.

Игравме домино, карти, „Не лути се човече“. Ме учеше да не се лутам кога губам, дека морам да размислам добро за неколкуте следни потези и дека секогаш може да изиграме уште еднаш ако изгубам. Ме носеше во црква уште одамна, кога не беше „ин“ да се биде верник, и таму палевме свеќи и се присетувавме на оние кои се „на небото“.

Сега често наоѓам вести дека најголемите „IT“ умови ги праќаат своите деца да учат во школи во природа, каде нема современи технолошки помагала. Главната причина за тоа е што, таквите школи ги учат децата на вештини на иновативно размислување, кое го бараат многу работодавачи. На учениците кои „растат на технологија“ често им недостига способност за широко размислување и решавање на проблеми. За тоа сведочат и многу истражувања и извештаи.


Секое дете би требало да има една ваква баба, која умее да те забавува и научи, и која сепак не може да ја замени ниту една градинка.



Извор: Bizlife.rs, Автор: Нада Вељковиќ