Не излегувам од дома без црвен кармин на Шанел: Пред огледало со Света Богова-Јовановска

Првата дама на Моден викенд-Скопје и жена со исклучителен стил, специјално за „Женски магазин“ ги открива своите ритуали за убавина. Вели, не е љубител на нападна и агресивна шминка и два пати годишно се консултира со дерматолог. Кој е нејзиниот омилен парфем и што носи во несесерот, откријте во продолжение.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Утрото го започнувам со чаша вода, јога, туширање и миење на лицето со тоник од Bioderma. Прегратките со саканите ми се исто така задолжителен, а воедно и омилениот дневен ритуал.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Имам мошне чувствителна кожа. Затоа највеќе ми одговара линијата на продукти VichyAqualiaThermale со 15 минерали, која помага за нејзина заштита од внатрешни и надворешни штетни влијанија.

* Посетувате ли козметички салони?

- Два пати годишно одам на хемиски пилинг и се консултирам со дерматолог. За секојдневната нега, од друга страна, најчесто користам природни и домашни препарати кои е лесно да ги направите и сами.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Косата вообичаено ја третирам со етерични масла, чај од камилица и производи на база на диви билки од Сибир.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Не сум љубител на нападна и агресивна шминка, ниту прекумерно да ја употребувам истата. Меѓутоа, секогаш сакам да ги истакнам очите со туш, или, пак, да ги нагласам усните со кармин.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Балсамот за усни и црвениот кармин од Chanel.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Несесерот ми е речиси празен, бидејки постојано носам „сѐ со себе“. На пример, во мојата ташна секогаш ќе најдете телефон, пенкало и витамини, коишто редовно заборавам да ги примам. Два пара очила, лична карта и пасош, заради честите патувања. Потоа сув сапун и задолжително - балсам за усни и црвен кармин!

* Кој е Вашиот омилен парфем?

- Многу сум осетлива кога станува збор за мирисите, а особено ако се парфеми во прашање. Јас лично го претпочитувам природниот мирис на телото. Сепак, како омилен парфем би го издвоила „La Vie Est Belle“ од Lancome, затоа што ме потсетува на мајка ми.

* Како ја одржувате линијата?

- Обожувам да пешачам и везден одам на долги прошетки со моето куче. Формата ја одржувам и со јога вежби, како и внимавање на исхраната.

Л.Сабит