На свекорот и на свекрвата не им дозволувам да го гледаат внукот: Еве зошто!

За односите во семејството, особено кога на истото ќе му се придружи нов член, може да се дебатира со часови, денови, а можеби и со недели. Ги има секакви, од хармонични до комплетно деструктивни и катрастрофални.

Сепак, што се’ треба да се случи за една снаа никогаш да не им дозволи на бабата и на дедото да си го видат своето внуче? Една жена, која сакала да остане анонимна, ја откри својата причина за една таква ни малку пријатна одлука:

„Се омажив за момче од богата фамилија. Тоа не беше одлучивачкиот фактор и тој добро го знае тоа. Го сакав и го обожував животот со него. Не живееме со неговите родители, сакавме да бидеме независни, сами, да имаме слобода. Од почеток го планиравме заедничкиот живот, се согласивме дека сакаме да имаме своја куќа, па и двајцата почнавме да го штедиме секој денар. Со години работевме, не одевме на одмор, ниту пак си дозволувавме некоја поскапа работа или луксуз. Колку и да се трудевме, не беше доволно за учество. Поради сето ова го одложувавме и проширувањето на семејството. Сакавме да имаме барем нешто свое, пред да се реализираме и како родители, па макар тоа да биде и на кредит.

Во една прилика ги посетивме родителите на сопругот и тие по не знам кој пат не’ прашаа кога ќе добијат внук. Бевме искрени, па рековме - кога ќе имаме свој кров над глава. Рековме и дека немаме доволно средства за учество. Свекрвата само „сочувствително“ одмавна со раката. Имаа да ни дадат, но глумеа лудило.

по еден месец дознав дека сум бремена. Не планиравме, но не смеев да абортирам. Предложив да одиме кај свекорот и свекрвата и директно, без заобиколување, да ги замолиме да ни позајмат пари.

Јас и сопругот им ја соопштивме убавата вест и на нивната среќа ѝ немаше крај. Но, во истиот момент кога им кажавме за позајмувањето, лицата одеднаш им се променија. Свекрвата веднаш праша од каде ни е идејата дека тие имаат толку пари. Го завршивме разговорот.

По еден месец, свекорот на мојот сопруг (својот син) пресреќен му соопшти дека конечно купиле џип. Бев многу навредена. Особено што веќе имаа добар автомобил. Тогаш му реков на сопругот дека неговите родители нема да го гледаат својот внук.

И се согласи и не. Разумот му налагаше едно - дека не заслужиле, но душата нешто сосема друго - да им прости.

Откако се породив, ние и понатаму се надевавме дека неговите родители ќе се предомислат и дека со детето ќе отвориме ново животно поглавје во нов дом. Тоа не се случи.

По шест месеци успеавме да собереме доволно за учество и зедовме куќа на кредит. Но, мојата желба свекорот и свекрвата да не го гледаат своето внуче секој ден е се’ поголема. Што ќе му се такви баба и дедо?

Секој ден се присетувам како џипот им беше поважен од внукот, но и од синот и едноставно не можам да попуштам“.

Какви се вашите искуства? Споделете ги со нас во коментар!