На гробот на Тоше одам секој ден, само не денеска: Љиљана Петровиќ 11 години по смртта на Проески

Денеска се навршуваат точно 11 години откако трагично загина најголемата македонска поп-ѕвезда , Тоше Проески. И тој 16 октомври, во 2007 година беше вторник. Јавноста беше во неверување кога медиумите објавија дека Тоше го загубил животот кај Нова Градишка во Хрватска, патувајќи накај Загреб. 

Пејачот Петар Грашо, и денес, на настапите пеејќи ја песната “Уторак“, знае да му ја посвети на Тоше и да изјави дека поради тој трагичен настан, веќе не ги сака вторниците.

Љиљана Петровиќ му беше менаџерка на Проески од 2002 година до крајот. „Во текот на петте години колку што патувавме и работевме заедно, останаа многу спомени. Секое патување носеше некоја своја анегдота. Најмногу ми остана во сеќавање прекарот тетка Биберче, како што Тоше ме нарекуваше. Тој прекар и денес знае да ми измами насмевка. Ми недостига и неговата насмевка, се разбира“, изјави Петровиќ за Женски магазин. 

„ Не сум се покајала за ништо. Тоа беше една убава соработка. Пристоен однос, близок и полн со доверба од обете страни. Се присетувам се разбира на сѐ што се случи, ми буди разни спомени, чувствата ми се измешани“, додаде менаџерката која сега се знимава со одгледување на лаванда во родниот Ниш. 

За денот на несреќата и на периодот пред неа, Петровиќ не сака многу да зборува и да си ги враќа болните спомени. 

 „ Кога се разбуди, тој ме праша како сум спиела и дали нешто сум сонувала. На гробот на Тоше одам секогаш кога ќе дојдам во Македонија. Тоа може да е секој друг ден, само не е тој 16 октомври. Го посетив и музејот, тоа е еден убав спомен на Тоше. Тој нема да биде заборавен, тоа е дефинитивно“, откри Петровиќ која по концертот на Градскиот стадион во чест на Тоше во 2008 година се повлече од организација на таквите настани.

„ Сега се поврзав со еден млад пејач. Не соработуваме во толкава мера како со Тоше, но сме во коректни деловни односи“, додаде менаџерката. 

М.Џаровска