„Музиката е нешто нематеријално што може да ги направи многу среќни луѓето“: Хармоникашот Игор Димовски за семејството и „Пауза за ракија“
Виртуозот Игор Димовски, кој е одличен хармоникаш и музичар со многу компонирана музика, настапи и проекти позади себе го најави неговото најново дело „Пауза за ракија 4“. Ова видео е продолжение на претходните 3 негови проекти кои се едни од најслушаните и најгледаните на Youtube платформата.
Како нација која знае да ужива и да се забавува со одлична музика и во пријатен амбиент, овој негов проект само го дополнува расположението и е дел од многу семејни веселби, родендени, свадби и друг вид на свечености. За реализацијата на ова успешно дело хармоникашот Игор вели: „Идејата „Пауза за ракија“ стоеше многу години во фиока, среќен сум што дојде ден да го реализирам и отсварам овој сон, всушност целото мое изминато искуство од настапи, патувања и анализирање што сака публиката па и моето музичко образование е преточено во „Пауза за ракија“. Многу ми е драго што оваа музика е слушана во многу домови и е препознаена од голем дел на публиката како во Македонија така и надвор. Секогаш кога ќе внесете искрена енергија и нема да правите математики и калкулации однапред успехот е речиси загарантиран“, искрен е Димовски кој скоро целиот негов живот е вљубеник во музиката.
Музичарот го најави проектот, но не откри кога официјално ќе може да ужива во него и публиката: „Снимени се видео и аудио делот, снимам е во западна Македонија и е повторно на вода, се работи детално и внимателно, ќе биде различно од претходните епизоди, поради голем притисок од публиката не би сакал да утврдувам точен датум на објавување, но ветувам дека ке дадам се‘ од себе да биде објавен колку е можно поскоро“.
Инаку, Игор е во брак со Грација ќерката на пејачката и водителка Адријана Алачки. Плод на нивната љубов е нивната ќерка Јана, која ја добија пред 9 години. А покрај толку многу работни обврски талентираниот музичар сподели и како го менаџира своето слободно време и дали се снаоѓа во играта со ќерката Јана.
„Нашето работно време генерално се одвива во трета смена и за жал на многу важни фамилијарни настани и церемонии ние не можеме да присуствуваме, понекогаш славиме родендени во авиони, на граници и царини. Се сеќавам мојата ќерка штотуку беше родена, а јас морав да заминам на неколку месечна турнеја во Австралија. Секако, се трудам секое слободно време да го посветувам на семејството“.
Велат кога ќе станете родител се‘ се менува во животот, па токму тоа го прашавме и Игор, како му се променил животот откако во неговиот свет пристигнала Јана.
„Станувањето родител ви дава нова димензија и улога на животот, секако ви ги зголемува одговорностите и задачите, но на крајот сите сме дојдени на овој свет со таа мисија да имаме потомство позади нас, барем јас така ја сфаќам идеологијата на животот и посакувам на секого да го доживее истото“, со искрено срце истакна Игор.
Јана е родена во музикално семејство. Татко ѝ, Игор е хармоникаш, а нејзината баба Адријана е пејачка, но и нејзиниот дедо, татко ѝ на мајка ѝ Грациела е хармоникаш, па Димовски гордо зборува за талентираноста на неговата ќерка: „Таа е родена со музика и е ултра музикална, јана свири на виолина и пијано веќе неколку години, на две години веќе пееше различен жанр на музика во добра интонација но како поминува времето по малку се срами и повлекува од пеењето. Таа ми е поддршка, а исто така и јас нејзе, и имам дадено до знаење доколку сака да се занимава со музика ќе ја поддржам, а доколку не сака да се занимава, секако ќе се согласам и со тоа, бидејќи оваа работа со сила не бидува“.
* За време на летниот период музичарите се постојано со настапи, а како сте со работни обврски периодов и каде ќе сте ангажирани за Нова Година?
- Да, летниот период е секогаш доста фрекфентен за музичарите, нашите настапи се зголемуваат се‘ повеќе и повеќе, можеби вечерва сте во Охрид, утре да бидете во Струмица, третиот ден трчате да го фатите авионот за Цирих и се така во една матрица, навидум животот на луѓето кои се бават со оваа дејност изгледа лесен и интересен но ова е многу одговорна и понекогаш многу стресна професија. Што се однесува до пред новогодишниот период агендата е веќе иполнета, а денот предпладне на 31 е резервиран и ќе ги забавуваме криво паланчани на градскиот плоштад во Крива Паланка од 12 часот, додека вечерниот термин за дочек на нова година се разгледуваат се‘ уште опции и понуди.
* Што би им посакале на читателите и вашите следбеници во пресрет на Новата година?
- На публиката и читателите би им посакал многу здравје и да слушаат добра и квалитетна музика, бидејќи музиката е нешто нематеријално што може да ги направи многу среќни.
Н. Миланова