Музичарите се прават „на Тошо“, по прославата Владата ќе објави сѐ

Не стивнуваат реакциите во јавноста по најавената голема граѓанска прослава „Македонија во НАТО и ЕУ“ што утре ќе се одржи во 15 градови низ земјата. На мета се музичарите кои се најдоа на списокот со учесници на закажаните концерти. Изјавите на дел од нив дека не знаеле за каков настан се работи кога ги потпишувале договорите дополнително ги разгореа страстите на социјалните мрежи.

- Настапот на „Љубојна“ кој што сите нé растревожи, во сабота на 14.07, е закажан многу порано пред да знаеме за каков настан се работи и не е поврзан со личниот став на членовите на групата - стои во официјалното обраќање на реномираниот етно-состав.

Реагираа и членовите на тетовскиот реге/даб бенд „Конкеринг лајон“ кои утревечер треба да свират во Кочани.

- Во нашиот случај при размената на информации во врска со настанот и концертот нѐ информираа дека станува збор за културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќето градови во Македонија, без присуство на политички странки, говори, пропаганден матерјал и слично - напишаа тие на нивната фан-страна.

Наспроти нив, познатата пејачка Кристина Арнаудова ни изјави дека кога ја контактирале од Владата точно ѝ навеле за каков проект станува збор.

- Не знам што им било пренесено на моите колеги, но мене ми кажаа за што се работи. Бев на одмор и договорот го потпишав пред два дена - вели Арнаудова.

Во потрага по вистината, „Женски Магазин“ стапи во контакт и со владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Не сакаше директно да одговори дали во договорите на ангажираните естрадни уметници недвосмислено стои на каков настан треба да учествуваат.

- По заокружување на сите активности и на процесите, јавноста ќе биде целосно информирана за сите аспекти повразни со прославите во 15 градови, вклучително и за финансиката конструкција на прославата - ни изјави Бошњаковски.

„Женски Магазин“ стапи во контакт со уште неколку изведувачи, но не сакаа јавно да коментираат. Интересен е моментот што беа едногласни дека е смешно што некои нивни колеги сега наеднаш тврдат дека немале поим на каков културен настан прифатиле да настапат.

Ѓорге Стојанов