Му благодарам на животот за уметноста и креативноста: Утринско кафе со Лиле Корубин

Денот ми почнува со поглед кон мојата љубов, мојот сакан сопруг Рубенс и благодарност на Бога за новиот ден, со молба за здравје, среќа и љубов на моите најблиски.

Веднаш по станување почнуваме со повторување на францускиот јазик преку една апликација на интернет Дуолиго ...

Тоа трае околу 30-40 минути, а потоа стануваме и го започнуваме денот со прошетка во Градскиот парк. Таму ни е многу пријатно, бидејќи се среќаваме секојдневно со постојани пријатели. Од таму, одиме на пазар во Тафталиџе.

Со маж ми пиеме утринско кафе околу 11 часот во нашето ателје во Сарај, заедно со сликарот Свето Манев, а секое попладне околу 17 часот со вајарот Жарко Башески.

Викендите се резервирани за утринско кафе со моите најдобри другарки, Теодора, Дороти или Сузе, а подоцна уште едно со кумовите Бисерка и Митко.

На пладне почнувам со мојата професионална работа. Веќе неколку години сум главен  уредник на сајтот divianarts.com, наградуван повеќе пати.

Mens sana in corpore sano… Два пати неделно одиме со сопругот на пливање. Сметам дека тоа е нашата најдобра инвестиција на овие години.

Најголемата мотивација ми е самиот живот и моите најблиски. Му благодарам на животот што моето најблиско опкружување е уметноста и креативноста. Целото семејство е многу вредно и посветено на својата работа. Исто така, од исклучителна важност ми се блискоста и меѓусебното разбирањето на моите најмили, посебно на неделните ручеци кај нас во домот.

Работата во атлјето завршува околу 21 часот, така да тогаш одиме на прошетка до центар, посета кај пријатели или гледаме филм.

Музиката и книгите се присутни во нашиот живот како храна. Често пати читаме заедничка книга, овие денови тоа е книгата „The Reality Buble“ од мојата внука Ziya Tong која е светски бестселер.

*Лиле Корубин-дизајнер и уметница