Можеш повеќе, заслужуваш повеќе!

Да! Токму тебе ти се обраќам, или да бидам попрецизна, на секоја од вас што ќе се најде во текстов. Вие кои трпите покрај себе секакви ѓубриња да ви го загадуваат воздухот и да ви прават да не се сакате себе. Вие, кои животот или годините сте ги посветиле некому кој не заслужува ниту секунда од вашето време и внимание. Сите вие кои имате во вашата близина човек (ако може така да се нарече) кој не ве почитува ни како човек, ниту како пријател, ниту како жена.

Верувам во љубов. Ах, верувам во онаа љубов од која луѓето цутат едни покрај други, се разубавуваат и се надоградуваат. Верувам во љубов на прв поглед, во онаа на втор поглед, во онаа која е до небото и назад и во онаа која е за навек. За жал, сѐ почесто гледам дека се тоа само обични флоскули и од ракав истресени фрази без никаква тежина.

Можеш повеќе жено! И не само што можеш повеќе и го заслужуваш тоа, туку можеш и подобро од она што сега го живееш. Само ти треба храброст да застанеш и да си го видиш животот реално. Без да подзамижуваш, без да се тешиш дека сите така живеат, дека е нормално мажот или партнерот да ти е таков каков што е. Затоа што не е! Доста толерираш неблагодарно суштество кое те има претворено во медицинска сестра (затоа што му се фатила кичмата или го болело глава), психијатар (за да му ги слушаш и решаваш проблемите на работа), пријател кој ќе е тука само кога тој има потреба. Престани да толерираш маж за кој знаеш дека се врти по секоја сукња и кој се загледува по девојчиња кои можат по годините ќерки да му бидат. Престани да ја поднесуваш тишината во домот и да си продаваш приказни дека немате што да си кажете.

Престани да облетуваш околу маж кој ги крие од тебе двата телефони и кој на секоја можна апликација има шифри. Не дека ќе му ги земеш в раце играчките и ќе му ровариш, туку дека има малиот што да крие и тоа го знаете и двајцата. Престани да се правиш глува и слепа дека со часови се смешка на екранот од телефонот и дека штом седне на маса за ручек (кој патем речено, ТИ си му го принела) нафрла израз на лицето како да му е од сѐ преку глава. Престани да се помируваш дека немате секс со месеци или години, затоа што (верувај) тој има. И тоа редовно. Застани пред огледалото и реално погледни се. Да, не си истата од пред години. Да, виснал стомакот оти си родила, градите не пркосат на гравитација оти си доела, ама во суштина ти си истата млада и убава девојка. И не е страшен целулитот или свадбарките, колку што е страшно кога во очите ќе си видиш очај и омраза кон она што го живееш, а немаш храброст или не знаеш како да го прекинеш.

Престани да го трпиш оној кој дома ти доаѓа труејќи на пиво и парфеми кои ТИ не ги користиш. Не го трпи оној кој ќе го фатиш како гадливо ти го гледа спуштениот стомак, додека гол шета пред тебе со виснат задник полн стрии или со стомак од кој не може да си го види половиот орган. Престани побогу да се однесуваш дека тој конкретен машки егземплар е суден да ти шета, ждрига, прди по дома за век и веков. Оној кој не те изнел во кафеана, не ти подарил цвеќе, оној кој се однесува со тебе како да си родена да му бидеш слугинка или како дел од мебелот за кој се фали дека тој го одбрал. Престани да го тимариш човекот кој дури и тој еден единствен пат кога ќе оди со тебе на одмор, зјапа во сите изложени гради и задници, чекајќи ја ноќта за кога ќе заспиеш да мастурбира на материјалот кој му бил пред очи. Престани да се измачуваш со прашањето дали те изневерува...оти ако тоа ти се мота низ главата цело време, да! Те изневерува и око не му трепнува. За секунда ќе измисли кафеана, пријатели, состанок и било што друго само за да фати штрафта и да си го тера ќефот.

Драга моја ТИ која е и ЈАС, престани веќе еднаш да се покоруваш на неизживеани мажи од 50 и кусур, кои за себе зборуваат во суперлативи и најголемите достигнувања во младоста им се странкињите кои успеале да ги превртат на одмор во Црна Гора. Тоа е оној истиот кој те зборува околу дека не го разбираш и дека одамна е сѐ мртво меѓу вас за да збари некоја попатно собрана девојка. Истиот тој кој кажува дека со тебе е во врска или брак само заради децата или кредитите кои ги имате. Ете тој, од тебе очекува да го пратиш на работа или во лов на жени испран, испеглан и најаден. И нека не те залажува дека имаш премногу години за да најдеш подобар.

Затоа што има мажи кои ја заслужуваат сета твоја љубов и почит. Мажи кои на младост си ја истерале потребата да легнат сѐ што е во форма на женско тело. Тие таквите бираат со кого легнуваат во постела. Бираат со кого разговараат и не им треба себедокажување какви фраери се на стари години. Тие, вистинските мажи не легнуваат болни ако бројката или рецките на поминати жени ќе застане со тебе. Тие ќе те сакаат и со брчки, со целулит, со свадбарки.

Тие, таквите мажи ќе извадат од тебе и домаќинка и светица, блудница и рамноправен партнер. Тие се оние кои се тука и во добро и во зло, без да се почувствуваш изиграна или искористена.

Драга моја ТИ...драга моја ЈАС. Престани да бараш човештина во некој што ја нема, партнер во некој што не гледа подалеку од носот и љубовник од некој што не сака да те погледне како жена. Престани да се грижиш за себичниот мажјак како да ти е дете и кој ако испазари и технички е присутен, мисли дека сите обврски во врската или бракот му се подмирени.

Најди си човек, маж со кој ќе си човек, жена. Да цутиш бре! Да се смееш, да сакаш да појдеш во секс шоп и да изнакупиш долна облека, да се стегнеш во нешто што ќе ти ги покаже облините и да се качиш на штикла од 12 см. Најди маж со кој во кревет ќе зборуваш валкано, а ќе тераш преку ден муабет за уметност, филм, музика, книга. Најди маж кој кога ќе седнете во кафеана ќе се навали накај тебе и ќе ти каже дека си единствената жена која му буди ерекција. Маж кој ќе ти каже дека едвај чека да си појдете дома и да го соблече од тебе фустанот во кој изгледаш ГРОМ.

И да знаеш, ги има! Токму вакви. Само треба да се разбудиш, да го оставиш лигушот кој те унесреќува и да го најдеш. Знам дека има! Од каде? Ќе ви кажам во некоја друга колумна. До тогаш, бидете живи, здрави и свои. Живели за вистинските мажи.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Има мажи заради кои

ќе се подистајш од патот по кој одиш

и ќе ги пуштиш напред

пред тебе да одат

без помалку жена заради тоа да бидиш

Има мажи чиј збор ко планина тежи

и кои залудно зборој не фрлаат

низ ветар не ги растураат

ниту со нив ко пауни се дујат

Има мажи во чија сенка се навалуваш

и се препушташ оти заштитена си

ко дома после долг пат да идиш

кај него

а како кај себе да стасуваш

Има мажи кои од аждер-мачка прават

та наместо оган да блуеш

и правдина да тераш

околу него се вртиш и на сиот глас мјаукаш

и со глата в раце му се пикаш

Има мажи покрај кои мала сакаш да бидиш

толку ситна

за да можиш на гради да им легниш

и во ритамот на нивното срце, твоето да чука

дур не си појќе сигурна чие срце слушаш

Има мажи...ах, простете ми

има маж за кој песни везам

и кој сонот ми го зема

за кој матката ко улава ми вие

и телото ме боли

кој ме тера да мислам колку ми е мака

што помлада не сум за чедо да му родам

Има маж

има маж кој знае како маж да биди

и кој ме застанува кога безглаво некаде одам

чиј збор ме замислува

чиј глас ме растреперува

и кој не дека некојпат не го плашам

или дека не се касаме ко песој на зима

ама кој знај да кажи оти му фалам

и кој мојот инает го скротува без камшик

чие присуство ми треба за да сум своја

без да ми е мака што негова станувам

Има маж

има маж кој ме буди

и кој ме успива со вистината

кој тука е и тогаш кога сама сум

и заради кој во боја сонувам

Има маж...го има

заради кој ѕидови рушам без збор

и како кокона пред огледало висам

има таков маж, има...мажот што го љубам