Може да сме среќни и со празен ранец: Интервју со Тања Брковска

Смртта на мојот супруг кога имав само 28 години засекогаш ми го промени животот. Ова животно искуство ми дава компетентност да работам со луѓе кои се соочиле со загуба на блиски. Исполнувањето на таа празнина во срцето,  со многу љубов кон таа личност е болна, трае извесен период, но не е невозможна - вели Тања Брковска, тренер за личен развој

Тања е човек со богато животно искуство, чиј живот зел сосема друг правец откако се соочила со  голема лична трагедија - смртта на нејзиниот сопруг. По низа емотивни, здравствени,  финансиски проблеми, кои ги совладала со помош на лајфкоуч методите, смета дека кога успеала самата, може да успее секој. Таа деновиве се опроба и како текстописец за хит песната „Патувам“ на Васил Гарванлиев.

*За што зборува овој текст и како ти стана текстописец?

- Случајно, иако верувам дека сè се случува со некоја причина.  Васил Гарванлиев кој  ми е многу драга и блиска личност, ми ја прати музиката и за само неколку часа го напишав текстот. Пишувам поезија од најраната младост. Во 1996 г. ја издадов збирката поезија  „Ловец на мигови“ , а оттогаш наваму песните се само во моите тетратки.  Сега дојде време да се појават во јавност.

Текстот зборува за патувањето во себе, и дека кога ќе допреме длабоко во себе, ќе сфатиме дека можеме да се разбудиме среќни ако душата ни е полна иако ранецот ни е празен.

*Се занимаваш со лајфкоуч. Коучингот од многумина е сметан за шарлатанство. Кажи ни нешто повеќе за твојата практика, каде ја изучи и кои се твоите досегашни искуства?

- Секоја практика која е нова и недоволно јасно претставена, предизвикува сомнеж. Сосема ги разбирам луѓето со таков став. Но сѐ побројни се оние кои знаат дека во светот десетици години наназад зад секој успешен спортист, уметник, бизнисмен, стои барем еден животен тренер како ментор. 

Јас лично имам ментори од две школи од кои сум и сертифицирана , „Инге Рока“ - академија со седиште во Брисел и „Квантни Завод“  Љубљана водена од Сњежана Ристич, по „Дримбилдер“ програмата.

Низ обуката сите методи и алатки ги испробав на себе ,видов дека функционираат, имав прекрасни и брзи резултати, а бидејќи имам и големо животно искуство, одлучив да се занимавам со тоа и да се обидам да помогнам на што повеќе луѓе да ги почувствуваат благодетите што коучингот како процес може да ни ги даде.


*Што е она што  како лајфкоуч може да го направите за подобрување на нечиј живот и на кој начин?

-Најпрво треба да сме подготвени да излеземе од зоната на познатото, да веруваме дека секогаш и за сѐ има решение и да имаме доблест да побараме помош. Процесот во кој ќе влеземе подразбира комуникација со тренерот во вид на прашања и одговори.  Тренерот не дава совети, само ни помага да дојдеме до вистинскиот одговор што ние веќе го имаме во нас. Подобрувањето на животот се состои од отстранување од нас на сѐ она што не сме ние, сите уверувања ,стравови, несигурност, што со текот на годините се „залепиле“ за нас. 

Не се опишува чувството на леснотија во моментот кога ќе се ослободиме од се`она што не сме ние и ќе зачекориме кон своите цели. Mногу често не знаеме што точно сакаме  и тоа го откриваме со помош на тренерот.

*Кој најчесто ви приоѓа за менторство и водење?

- Луѓето кои сакаат да одат напред бараат личен животен тренер. Со другите методи се истражува од каде потекнува проблемот, додека со оваа метода тој само се трансформира, без оглед кога и како настанал.  Процесот е фокусиран на иднината со поставување на цел и со преземање на чекори што не` водат кон неа.

*Кои се најголемите потешкотии со кои се соочуваат луѓето во Македонија деновиве?

- Општото расположение во државата е: несигурност, неизвесност, нерешителност, мислењето на толпата, барање на вината кај другите ...  Сите се чувствуваат некако „заглавени“. Неволноста да се преземе одговорност и вербата дека нешто може да тргне и од нас самите.  Еве на пример – нечистотијата. Сите сме згрозени а во истовреме - сѐ некој друг ни е крив. Па никој однадвор не го донесе ѓубрето на нашите улици, само треба да престанеме да фрламе и се`ќе биде поинаку. 

*Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат фирмите и компаниите?

-Проблем број еден е одливот на кадри и работна рака. Ова е сериозен проблем на општеството што треба поскоро и систематски да се решава. Вработените бараат сигурност која се` помалку ја има во фирмите. Има многу начини на кои можат да се задржат добрите работници и да се привлечат нови. Работодавците треба исто така да поработат на себе.


*Твојот живот прилега на роман – зад себе имаш неверојатни подеми и падови – кој е моментот што засекогаш те промени како личност ?

- Смртта на мојот сопруг кога имав само 28 години.  Во само еден миг ја почувствував суровата вистина за нашата смртност, дека е тука до нас, дека смртта не се случува таму некаде на некои стари луѓе како затварање на животниот циклус. За жал, се случува и во моменти кога заеднички мечтаеш, љубиш, веруваш, создаваш. Тоа беше тежок период на прифаќање на загубата. 

Од тој миг мојот однос кон животот и неговата минливост се промени. Почнав да живеам со фактот дека можеби баш денеска го живеам последниот ден од мојот живот.Ова искуство ми дава компетентност да работам со луѓе кои се соочиле со загуба на блиски. Трансформацијата на исполнување на таа празнина во срцето,  со многу љубов кон таа личност е болна, трае извесен период, но не е невозможна.

Единственото нешто кое го добиваме со раѓањето е времето. Но никогаш не знаеме колку.  Оттогаш наваму, секој миг од мојот живот е поминат квалитетно - она што во тој момент ме прави среќна. Секогаш наоѓам време да се видам со драгите луѓе, да ги гушнам и да им кажам дека ги сакам бидејќи не знам дали ги гледам последен пат.

Само заради моето животно искуство решив да бидам животен тренер.  Знам дека ако јас сум успеала да ги надминам сите мои емотивни, здравствени,  финансиски проблеми,  секој може да го направи тоа.

*Која е животната мудрост што би сакала луѓето да ја практикуваат повеќе? 

- Уживајте во сегашниот миг,  нема надеж за подобро минато, ниту треба да се грижаите за нешто што воопшто нема да се случи.  Постои само сега и овде со полно внимание и љубов кон тоа што го правиме во мигот. 

Мимоза Петревска Георгиева

Фото: Бојан Стоилковски