Моќта на жената

Ако мене ме прашате, Октомври би бил месец на жената и тоа од 1-ви до 31-ви, без да се скокне ниту еден ден. И да се разбереме, не дека секој ден не е ден посветен на жената, мажот, детето, љубовта, почитта итн, ама ете, Октомври би го славела секојдневно со ден за ден нагласување за улогата и храброста на секоја една жена, а Ноември пак би го посветила на мажите.

Денес (недела) е 13.10 или оној фамозен NO BRA DAY, за кој дури последниве години почнаа луѓето да стануваат свесни што значи. Искрено, години наназад нерви корнев кога на денешен еден куп мажулиња постираа слики од млади, згодни, ѓоа од филмови за возрасни излезени, разголени убавици. За среќа, дури и кај нас полека и со многу трпение, ама некако се едуцираме дека денешниот неделен ден не е ден за да си ги покажуваме брадавиците оти така ни се присакало, туку е ден за подигање на свеста, а со тоа и давање на поддршка на оние кои ја водат таа битка.

И сега веројатно полека ви станува јасно зошто сакам Октомври да биде месец на жената? Не за да се слави нејзината убавина, како оние флоскули за убавите жени за чија наклоност војни се воделе, туку да се слави нејзината моќ што ја има како жена.

Родена сум на 23 Јануари 1972 година. Зима, снег, студ невиден. Родена сум со 51 сантим и 3 килограми и 750 грама, со 2 опции. Да се викам Ана или Андреј, зависи од тоа дали ќе сум девојче или момче. Докторот-шегобиец (среќа што не се случило ова во денешно време, оти ќе го имаше на фејсбук сигурно), му вели на татко ми дека има син.....еееееее, СИН. Татко ми, рака на срце, не е познат како шовинист кој има предрасуди кон женско чељаде, ја прима веста дека се родил Андреј и веднаш тоа прописно се прославува во кафеана. На реакцијата на мајка ми дека не е Андреј, туку Ана, добива намигнување од господин доктор и нешто во стил...остај го нека се порадува. Во време без мобилни и што би рекла ќерка ми, во минатиот век, требало татко ми да почека за да дознае дека всушност има ќерка. По првичниот шок да не сме близнаци, се прославило уште еднаш, овојпат за Ана.

Низ животот често пати помислував каква би била како машко. Дали би ми биле полесни некои постапки или одлуки, дали ќе сум била полежерна, дали ќе сум била феминист или шовинист. И тврдам дека се’ буквално доаѓа од домашното воспитување. Дека она што од нас ќе направат оние кои не’ воспитуваат, тоа ќе истанеме цел живот. Како жена, сум се соочувала со најразлични ситуации. Од “ај, тргни се жити се’ ќе се осакатиш со чеканот” до “треба да добиеш шо ти пречи нешто?”. Мислам, сериозно?! Па јас сум една на мајка и татко, да, ова е земја кај што сите ќерки се викаат СИНЕ, па дури и мојата. Сакам да кажам, не само што знам да баратам со чекан, туку и со струја добро се снаоѓам. Значи, опремена сум скроз за да можам да преживеам како што преживувам, веќе 12 полни години без маж во куќава. Такви како мене има еден куп. Машки жени, силни, на кои не можете да им подметнете блуеници, заедно со вашиот мајсторлук да ја поправите чешмата.

Тука се и самохраните мајки (не скокајте веднаш, ќе пишувам во ноемвриските колумни за мажите и нивните подвизи), кои жонглираат со работа, дете, домашни обврски и менталитетот кој кај нас е уште на ниво на шепкање “пупупу, детено нема татко”. Истиот проблем е и со распуштениците ко мене! Страшно, ние заедно со самохраните мајки сме на врвот на срамот во општеството. Дури ми се чини дека пуританската елита помалку е шокирана од наркоманија, проституција или алкохолизам кај малолетниците, отколку со синдромот на самохраните мајки и разведените жени.

Моќта на жената не е во нејзината умешност да чекори на високи потпетици.

Моќта на жената не е во вештината како да се нашминка, а притоа очите да дојдат до израз на сметка на некој ситен недостаток на лицето што го има.

Моќта на жената не е да напумпа гради, усни, да го крене задникот и да го испегла лицето ѓоа на рацете не се гледаат годините.

Моќта на жената не е во трепкањето и во оближувањето на усните додека ја меркате во кафеана.

Моќта на жената не е во фустанот кој и’ ги истакнува сите облини, притоа давајќи дискретен поглед кон долниот веш за да ви биде заскокоткана фантазијата.

Моќта на жената не е во нејзината умешност да спреми ручек во рекордно време и да ја намести трпезата небаре сте во кафеана.

Моќта на жената не е во нејзините вешти раце со кои сука кори оти ви се пријала домашна баклава во недела навечер.

Моќта на жената не е во нејзиното знаење на сите средства за чистење во купатилото.

Моќта на жената не е во нејзиното трпение да работи домашни задачи со децата секој ден.

Моќта на жената не е во раѓањето, ниту во грижата, ниту во актовката.

Моќта на жената што јас ја знам е во тоа да жонглира со сето ова наброено. Да е жена, мајка, сопруга, љубовница, пријателка, ќерка, свекрва, деловна жена. Да знае да се избори со секој ден и на крајот од него да излезе како победник. Да знае кога да крене рачна и да каже стоп и да знае кога да ги рашири рацете.

Моќта на жената што јас ја знам е во тоа да се носи со бремето ако не може да биде мајка, ако е мајка која го изгубила чедото, ако е мајка и сама одгледува дете, ако е мајка која живее во хармоничен брак или заедница да се соочи со болест, која може да има фатален исход.

Моќта на жената што јас ја знам и ја сакам е во тоа да се менува, да созрева, да извишува, да е своја, храбра, борец, жена-змеј, да е мека и силна истовремено, да е буквално еден цел свет без кој ниту овој не би постоел.

Оваа колумна е посветена на моќта на жените кои ме изгледале, воспитале, научиле...баба ми, мајка ми, моите пријателки, жените кои ми пишуваат и кои имаат храброст да бидат она што се или да си признаат дека се плашат. Да сте ми живи здрави, моите музи, моите моќни жени.

 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa


моите жени се чудо...
мајки
со шест пара очи за чедата
и уште два на тилот (за секој случај)
љубовници
кои купуваат долна облека во секс шопови
и чорапи со жартери пред подзинатите продавачки
сопруги
кои меѓу перење и пеглање го затоплуваат ручекот
и со насмев го пречекуваат саканиот
ќерки
кои трчаат да испазарат за родителите
дур на телефон решаваат математички равенки
колешки
кои со маникираните нокти типкаат по тастатура
и во актовката носат уплатници за топол оброк
моите жени се чудо
тие се се’ во едно и многу повеќе од тоа
плачат на романтични филмови
кршат чаши на тамбураши
се расправаат со пцости од кои мажите срам ги фаќа
и гугуткаат нежно меѓу две воздишки во кревет
тие се плејада жени во една
секоја толку посебна во својата лудост
кои на пијано песните ми ги рецитираат
а на трезно си ги исплакуваме промашените љубови
тие се ноќ и ден
сонце и полна месечина
гризат со оголени песјаци сред пмс
дур со ангелски поглед те гледаат
моите жени немаат години
во сета бркотница зад себе ги оставиле
ниту ги бројат
ниту пак даваат некој да им ги брои
денот го живеат ко последен да им е
а ноќите ги пејат на сиот глас
брчките си ги чуваат како скапоцености
по ѓаволите, си ги сакаат, нивни се
и носат црвен кармин на усните
оти им се сака
оти им се може
оти им стои
оти иста боја како срцата им е
моите жени
моите борци
моите
вашите
нивните
жени