Мојата симпатија е поубава од твојата!

За оние кои не знаат, имам 13 и пол годишна ќерка, или што би се рекло, си имам пубертетлија по дома. Убаво велеше баба ми дека деца се раѓаат на 20 и нешто ситно, оти не им се тресеш толку. И тресењето нема ама баш никаква врска со љубов кон децата, туку со тоа дека колку е човек постар или повозрасен (ова за оние што не признаваат дека стареат), толку повеќе се оптеретува со се’ и сешто и сака да ги види работите 3 чекори нанапред. Да ја послушав баба ми, сега внуци ќе гледав и ќе менував пелени.

Да фатам со ред. Се омажив на 30, длабоко навлезена во категоријата “стара мома” по сите критериуми на баба ми која мислам дека и не веруваше дека некогаш воопшто ќе се омажам. Отсекогаш сум била прилично слободоумна во однос на мажење-немажење, имање деца-немање деца, дете во брак-вонбрачно дете...и да не редам понатаму. Моите ме воспитувале во духот да живеам по свое, да не правам штета никому, но и да не дозволувам да ми се нанесува штета (за ова последново сум бегала од часови, па недоучено ми е). Не скокајте веднаш. Мислам дека секој човек има право да живее онака како што сака и онака како што тоа го прави среќен. И како минува времето, уште повеќе сум убедена дека станува смешно и жално да се говори за ова, затоа што за мене ултимативно е дека секој од нас не е тука на земјава за да живее она што се очекува од него, туку она што му е дадено од Универзумот или Бог (кој во што верува).

И да скратам...на 34 останувам бремена, или стара прворотка (што мора да признаам дека многу ме погоди). Нејсе, бременоста џам. Јас активна, можев планини да поместам, кондиција топ, пораѓај царски. И пред некои од вас да се истрчаат со тоа дека секоја шмизла се пораѓа царски, да ви кажам дека морав...проблеми со колкови од бебе+тесна карлица, а ако сме веќе искрени (ко што сме) кога почнаа контракциите си реков “друг пат Ано ко ќе јадеш гурабии колку си храбра, да ти текне дека цвикаше уште на почеток од пораѓајот”. Ја видов Нина-Аргентина веднаш. Едно сериозно, фокусирано, право во очи ме гледаше, ме измерка и мислам дека и’ се бендисав. Растеше по учебник, со епизоди кои ме побелеа во глаата, но, се’ на се’, оваа 13 и пол годишната тинејџерка што во моментов дур пишувам седи карши мене со распафтани коси и сериозно напрчени усни додека црта, стаса да биде само 3 прсти пониска од мене. Уште додека растеше си ветив дека нема да бидам мајка која ќе наредува (освен кога се работи за здравје и безбедност), нема да бидам мајка од која ќе треба и мора да сокрива работи, од страв како ќе биде сфатена. И ми успеа. Сега, од оваа дистанца сфаќам дека многупати сум гризела јазик, сум си ги заривала ноктите за да се потсетам дека нема да викам, да држам предавања, да напнувам. Идејата ми беше да израснам дете кое ќе мисли со своја глава, дете кое ќе знае што сака, кое ќе е емпатично, кое ќе знае да ги процени нештата. Идејата ми беше дека ќе знае да одбере што е најдобро за неа со сите аргументи зад себе.

И така тоа траеше додека еден ден не ми соопшти дека има симпатија. Ама за сериозно. Оние од градинка и прво одделение беа пфффффффффффф. Ама ова ме здрви и подголтнав, воопшто не симнувајќи ја насмевката од усни. Сосем нормално ја прашувам што и’ се допаднало кај момчето, очекувајќи (па нели е мајкина и треба да извезе нешто од душа), таа мртва ладна ми вели “многу е COOL и многу е CUTE”. Ја знаете сцената од филмот “Таткото на невестата” кога ќерка му кажува дека ќе се мажи? Е, таква беше мојата фаца на COOL и CUTE. Да се разбереме, КУЛ и КЈУТ не се особини! Тоа е само некаков надворешен впечаток кој некој го остава. Па пробувам одоколу со дискретни потпрашања од типот дали е паметен, како резонира, дали е добар другар, дрндрн Ано.

Стоиме на КУЛ и на КЈУТ веќе неколку недели. Па како кога кажал ова (некоја глупост) и замавнал со главата, па како добро му стоела јакната...оф, оф и офффффффф. И така некако полека почнува да ми се разденува. Па што е поразлично кај нас возрасните?! Немојте да ми кажете дека кога ќе видите некој фраер од 190 см со вакви-онакви очи, држење на тело и став, дека во моментот размислувате дали чита поезија или каков му е ставот за глобалното затоплување. Или вие момци, сигурно која ќе сретнете некоја по ваш мерак што ви го полни окото, не замислувате дека седите еден карши друг и сериозно разговарате за уметност. Симпатија е тоа...кул, кјут, гуд лукинг. И верувајте, тоа не не‘ разликува многу од тинејџерите. Да се пребројуваме колку на овие години сме наседнале на кул и кјут? Колку пати сме премижале пред сериозни знаци дека овој маж или оваа жена не е за нас, од пуста желба да го задржиме чувството на пеперутки и замелушеност кое не’ враќа во младоста.

Сите си имаме симпатии. Секако, тоа не значи дека партнерите ги изневеруваме или дека правиме глупости, ама друго е чувството кога се има симпатија и кога тоа останува баш на тоа ниво. Дури, симпатиите може да се и глумци, глумици, поп или рок ѕвезди.

Па се шегувам со ќерка ми и ја прашувам дали сака да ја види мојата симпатија, оти јас ја знам нејзината. Одма и’ се ококорија очите и секако дека сакаше. Па и’ го покажав Кијану Ривз или Ривс...и не знам дали е Кијану или Кеану (а баш и не ме интересира), за кој веднаш кажа дека мојот симпатија бил поубав од нејзиниот...што е вистина, рака на срце. Деновиве малку сум му лута и си барам нов симпатија, оти дознав дека имал девојка, ама тоа е веќе друга тема.

Она што сакам да ви го кажам е следново. Секој однос, па и оној со нашите деца бара искреност, отвореност и трпение. Кај многу луѓе забележувам дека поголемо трпение имаат кон оние однадвор, кои не се важни. Да не патиме од синдромот дека домашните ќе не’ разберат какви и да сме, оти демек се наши. Да не се случи да си ги изгубиме децата попатно заради малограѓанштина и удоволување на нормите кои ни се наметнати. Јас сум фокусирана на развојот на чувството кое го има ќерка ми сега и живо ме интересира кога кул и кјут ќе се надмине со нешто посуштински. До тогаш, бидете ми живи и здрави...и кажете му на оној мојот симпатија дека не е во ред што ете така...си знае тој!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Ете, ќе се заљубиш
ама ко по книга
прописно, со сите симптоми
не јадеш
не спиеш
не паметиш ништо
и среќа што главата на рамена ти е
оти и неа ќе ја заборавиш некаде
и колку повеќе за никаде си
толку поубава стануваш
очите ти светат
усните насмеани ти седат
треперливи ти се рацете
и одот ист не ти е
ко што велеше баба ми за комшијата
“од љубов, чурук се стори
го изеде пустата, ликот му се смени на чоекот”
така и ти, чурук стануваш
и срценцето друг ритам ти фаќа
та ти се чини дека дур чука
името му го потпевнува
и душичето некако ти се олабавува
па ко ќе вдишеш
гледаш колку воздух во градите ти собирало
и убо ти е
иако ко свеќа се топиш
се тенчиш небаре на диета си
дур не почне мајка ти да ти вели
оти уште малку и прозирна ќе станеш
ама тебе од едно уво ти влегол муабетот
а од друго излегол без да сетиш
и се смешкаш ко улава
ко дете на шарена играчка
така на денот му се радуваш
и ти иди да си седниш на клупа
и цел ден да кинеш латици од цвеќиња
па дур броиш ме сака-не ме сака
иле да си правиш оти ќе ги местиш на “ме сака”
ама ич мува не те лази
оти толку убо ти е што дури и не зборуваш за него
туку љубоморно секоја мисла во себе ја чуваш
храна ти се и замена за сон
и цапаш во длабокото
до гуша, ама со душа
без да му ја мислиш дал ќе испливаш
ако нештата наопаку тргнат
и без да се двоумиш дали треба да сопреш
за малку мозок да вклучиш
дека ете, возрасна и мудра си (!)
ко со староста наместо срце
кантар во градите да ти се вгнездува
и затоа цапаш
без усул
без страв
без разум и ум
без лоша мисла
а во себе крадешкум се помолуваш
за (и да ти е чкртнато да патиш) да не се поболиш
и со сета сила тераш ко по жив песок да одиш
без усул
без страв
без разум и ум
без лоша мисла
оти убо ти е
убо ти е