Мирослав Стојкоски изработува мозаици од стакло и ги подарува: Откако почнав да се занимавам со оваа уметност, ми се подобри здравствената состојба

Мирослав Стојкоски (59) е дипломиран инженер технолог со 35 години работен стаж. Склоноста кон уметноста ја открил во подоцнежните години, кога случајно видел мозаик рачно направен од керамички плочки и многу му се допаднал. Од тој миг кај него се јавила желбата да изработува мозаици од стакло.

- Пред седум години ми се роди голем интерес да се обидам да пробам да изработам еден таков мозаик. За една седмица го одбрав материјалот, алатот и начинот на изработка и веднаш почнав да го изработувам првото дело, ликот на Свети Никола. Делото го направив без да користам одредена литература или некој да ми даде некој совет за начинот на изработка. На мое лично изненадување првиот мозаик беше за мене прекрасен. Тогаш сфатив дека дарбата ми е дадена од Господ за да изработувам вакви мозаици - вели Стојковски и појаснува дека користи стакло во различни бои, кое го набавува од Турција. 

- Времето на изработка зависи од големината на мозаикот.Тоа може да биде од два до 6 месеци. Идејата за изработка на делата доаѓа во даден момент и од дното на мојата душа. Периодот од идеја до завршување на мозаикот е период на големо задовоство и исполнување со позитивна енергија во мојот живот. Додека се работи на мозаикот целосно се исклучувам од реалниот живот и се концентрирам на изработката. На тој начин целосно се релаксирам. Морам да истакнам дека откако почнав да работам на мозаиците многу ми се подобри здравствената состојба – посочува тој. 

Постојат повеќе фактори кои му биле „ветер во грб“ да продоложи да се занимава со оваа уметност и да создава дела кои ги подарува.

- Самата работа многу ме исполнува и релаксира. Слободното време не го трошам залудно, туку од моите раце излегува некое дело кое ќе остави траг од мојот живот; Поддршката од моето семејство и пријателите и нивните пофални зборови за делата се моја голема мотивација. Досега имам изработено повеќе од 15 портрети. Делата ги изработувам и ги подарувам и ги посветувам на мои најблиски, роднини и пријатели. Понекогаш ги подарувам и на одредени институции. Кога некому ќе му го подарам мозаикот, чувствувам голема радост и комплетно исполнување. Тоа го правам затоа што сум сфатил дека оваа дарба ми е подарок од Господ – открива Стојковски. 

Најново дело е потретот на легендарниот Тоше Проески, кој ќе биде сместен во посебен дел од спомен собата во комплексот на Манастирот Свето Преображение. 

- Во мојот живот си дадов задача да изработувам, покрај ликови на светци, и мозаици од личности кои дале придонес за човештвото и за нациите. Инспирација за да изработам мозаик на Тоше Проески беше неговиот живот и делата. За мене Тоше Проески преставуваше и преставува с еуште момче кое несебично и целосно се посвети на хуманоста, вербата во Господ и афирмација на македонското име и нација низ целиот свет – посочува тој.


Соња Алексоска Неделковска

ГАЛЕРИЈА: