Мирјана Мирчевска Јовановиќ: Разговорите со монасите и монахињите ви помагаат да најдете одговор за многу прашања

Добивај вести на Viber

Денот на новинарката и репортерка Мирјана Мирчевска Јовановиќ ѝ почнува рано, со подготовки за училиште на деветгодишниот син Петар и ќерката Софија (13). Секогаш прво појадува, а потоа пие кафе.

- Најчесто првото кафе го пијам на работа во Канал 5 ТВ, но некогаш го заменувам и со чај. Искрено, не сум голем љубител на кафе. Најголем мотив ми е секогаш тоа што го работам да е од срце, без разлика дали е во професијата или приватно. Така е и во животот, се дружам со луѓето кои ми се пријатни, искрени, во очи ми кажуваат тоа што е добро или не. Во принцип не сакам лажни насмевки и изговори кога ќе им посочите што не ви се допаѓа, па ве убедуваат дека проблемот е до вас. – вели Мирчевска Јовановиќ, на која распоредот секогаш ѝ е полн и потребни ѝ се плус неколку часови во денот.

- Работно секогаш во телевизија. За жал имавме период кога не известуваме за убави настани. Четири дена известував од несреќата од Кочани, која е најтешка досега. Во секој момент да се известува професионално, а емоциите ви се длабоко во себе, не е лесно. Најчесто известувам за кризи и секогаш тешките емоции ги насочувам во поставување на потребни прашања, со цел да се промени да нема идни трагедии.

- По работното време фокусот е на семејството, учење со децата, тренизи. Денот е исполнет, но радоста е голема. Среќна сум што сами имаат интерес, не им треба буткање да одат на тренинг или да учат. Почитувам и кога ќе кажат: „Денеска нема енергија.“ Секако без добар тим како што е сопругот Предраг нема успех. 

Предраг ми е најголемата поддршка за сѐ во животот. Навистина со тип на професија како репортерството, верувам и во други професии, многу е важно кога некој го живее адреналинот со тебе. Крајот на денот завршува со дружба и разговори и секако дебата за некоја состојба во државата. – открива новинарката.

Љубител е на документарни филмови и сака да работи документарни емисии. Но, многу често сака и да прочита книга, но не од интернет. Се уште мирисот на книгата ѝ дава чувство на блискост со неа.

- Работам како репортер скоро 23 години. Шест години во А1 телевизија и 16 години во Канал 5 телевизија. Завршив политички науки, но почнав во новинарството и еве се уште сум тука, до кога... не знам.. Репортерството е специфична професија. Имате контакт со многу луѓе, снимате од најсреќни прилози до најтешки. Луѓето кои ги снимате сте им очи и уши, вие сте им најголема надеж. Тоа е голема обврска што ја носиме. Тука не е само да снимате прилог, вие се вложувате еден човек со целиот систем да им ја вратите надежда дека има помош за нив. Ја сакам професијата и адреналинот што го носи. Но најмногу кога менуваме на подоборо, кога по објавена приказна сте помогнале, сте влијаеле да се донесе закон. Како репортер во здравството будно ги следиме сите настани. Најдраги ми се успесите во здравството, но многу почесто пишуваме за недостатоците, за жал за починати. Здравството и образованието се најважни за една земја. Области каде треба да се почитува квалитетот и секогаш треба да има добар систем. Можеби и затоа ми е предизвик здравството за известување, место каде може да се влијае да се направи подобар систем. – посочува таа.

Најчесто релаксирање ѝ се прошетките. Кога за викенд не работи, сака да замине со семејството на прошетка во природа.

- Омилени за прошетка ми се манастирите. Посебно ми се драги разговорите со монасите и монахињите. Тоа се посебни луѓе, знаат да ви направат промена, да ви ги смират мислите и да најдете одговор за многу прашања. Во Канал 5 секој Божиќ и Велгиден традицинално правам репоратажа за манастирите и нивниот мир, таа енергија да ја почувстуваат и нашите гледачи. Позитивно ми влијае и јогата, малку повеќе направив пауза, но треба да се дружиме со таа енергија. И секако дружбата во викендите со драги пријатели е најубава енергија, луѓе со смисла за хумор и во најтешките моменти во животот. – заклучува Мирчевска Јовановиќ.

С.А.Н