Меланомот најчеста причина за смртност од малигна болест кај жените во третата деценија: Интервју со д-р Андреј Петров

Во развиените земји свеста за штетното влијание на солариумите е апсолвирана. Кај нас за жал се уште малку се знае за тоа. И таа мода која е застарена во Европа и Америка кај нас е се уште присутна.

Реална статистика за заболени од тумор на кожата кај нас не постои, но затоа е неопходно да се направат поагресивни кампањи, со кои јавноста ќе се информира за штетното влијание на УВ зраците. Во тек е летната сезона каде УВ индексот е на високо ниво и потребно е да се знаат начините на кои луѓето секојдневно ќе се заштитуваат од зрачење, а истовремено ќе ја негуваат кожата. Последиците од несовесното изложување на сонце или пак изложеноста на зрачењето од солариумот има далекусежни последици, а неретко и фатални. 

За ракот на кожата, последиците и начинот на заштита, наш соговорник е Доц. д-р Андреј Петров, дерматовенеролог од Клиничка болница „Аџибадем Систина“

*Кои се последиците од одењето на солариум?

- Нездравото сончање ја оштетува кожата. Докажана е улогата на сонцето во стареењето на кожата но и во развојот на генските мутации кои ги предизвикува УВ зрачењето. Тоа доведува до развој на кожни карциноми. И тоа претставува сериозен здравствен проблем.

Кожата ги губи својата еластичност и дехидрира, се менува структурата на колагенот, кој е еден вид потпирач на кожата. Особено, предвремето стареење на кожата е поврзано со засилена изложеност на сонце. Сонцето ја оштетува кожата. Не е исто лицето на еден земјоделец или морнар со лицето на човек кој работи канцелариска работа. Така и кај оние кои одат во солариум кожата старее многу побрзо. Многумина ме прашуваат кој е најдобриот крем против стареење. Што да мачкаме докторе? Мојот одговор е дека најдобар крем против стареење е заштитен крем за сонце со висок фактор 30+.


*Колку е зголемена бројката на заболени од рак на кожата во последните години и колку солариумот придонесува за развивање на оваа болест?

- Меланомот најопасниот тумор на кожата е сериозна болест. Кај младите жени во 3та деценија е најчеста причина за смртност воопшто. Сепак главниот шпиц на појавата на меланом во популацијата е после 50 година во животот.

Базоцелуларните карциноми пак на кожата се најчести малигни тумори кои се појавуваат кај луѓето од сите малигни болести. Тука влијанието на хроничното нездраво изложување на сонце е особено изразено. Односно, така-наречениот кумулативен ефект на зрачењето.

Прецизни бројки кај нас не постојат. Инциденцата на заболени во светски рамки расте. Но она што е позитивно е што во земји кои некогаш имале голем проблем како Австралија заради мерките за превенција и рано откривање инциденцата стагнира, а и пациентите се откриваат во раните фази на болеста кога може многу повеќе да се помогне. Од нашата секојдневна пракса забележуваме зголемен број на пациенти со рак на кожата. Многу повеќе отколку пред десет или дваесет години.

*Општо дали постои доволна свесност за штетните последици од сончањето на солариум?

- Во Американската националната здравствена служба но исто така и Светската здравствена организација ги имаат класифицирано системите за внатрешно in door сончање (популарно наречени солариуми) за хумани карциногени. Во 13 федерални држави на Америка тие се забранети.А онаму кај што се уште се дозволени постојат ригорозни контроли како се спроведуваат постапките, со особен акцент на заштитата на корисниците. Во развиените земји свеста за штетното влијание на солариумите е апсолвирана. Кај нас за жал се уште малку се знае за тоа. И таа мода која е застарена во Европа и Америка кај нас е се уште присутна. Луѓето не знаат дека кожата ја меморира сончевата агресија и симптомите на рак на кожа може да се појават после повеќе години.




*Какви мерки може да се преземат за да се крене свеста кај луѓето и дали е потребно поагресивно информирање на јавноста за поголема заштита како од последиците од солариумот, така и од сончевите зраци?

- Мојот став е дека нездравото сончање треба да се избегнува. Тоа може да остави последици на здравјето. Треба со кампањи да се работи на јакнењето на свеста за тоа. Наместо бесмислени кампањи со комерцијални мотиви општеството и јавноста треба да се информирани за штетното дејство на ултравиолетовите зраци. А солариумите се токму тоа.

Мислам дека и законската регулатива во оваа област треба да биде поригорозна и во склад со здравствените трендови во Америка и Европската унија.

*Какви производи треба да се користат за заштита од зрачење?

- Најдобриот начин да се заштитиме е да го намалиме изложувањеето на кожата на сончеви зраци. Особено да се избегнува сончањето меѓу 12 и 16 часот. Втора работа која мораме да ја прифатиме како неопходност е користењето на кремови за заштита од сонце со заштитен фактор минимум 15 во секојдневна употреба, а кога се оди на плажа 30+, а првите денови на сончева експозиција најдобро да се почне со 50+. Нај тој начин повеќе од 97% од ултравиолетовите зраци се блокирани. Колку повеќе употребуваме фактор за сончање, толку повеќе може да престојуваме на сонце. Таа процедура треба да се повторува на почетокот на секои 2часа, особено ако сме во вода , бидејќи водата го отстранува заштитниот крем, без разлика што пишува дека е отпорен на вода. По 80 минути во вода поминати се смета дека треба поново да се намачкаме со фактор. Особено луѓето со светла кожа и помладите треба неколку пати вотек на денот да се намачкаат.

Секогаш да се користат проверени, брендирани, дерматолошки тестирани производи независно дали се домашни или странски.


Бојана Нојиќ