Ме мотивираат моите соништа: Утринско кафе со Викторија Петровска

Со оглед на тоа дека од неодамна сум дел од информативната редакција на ТВ Сонце, денот ми почнува порано од претходно, иако морам да признаам дека се’ уште се навикнувам (обично сум спанка). 

Прв утрински ритуал ми е проверка на социјалните мрежи. Дури потоа мијам заби (се смее). Следува организација на денот. Првото кафе ми е резервирано за со колегите. Морам да се пофалам дека имам прекрасни соработници, па секое утро кафето го пијам со доза убав муабет и позитивна енергија. Бидејќи сум кафехоличарка, знам да си испијам и повеќе кафиња додека не ги средиме вестите кои го одбележуваат денот.

Инспирација и мотивација црпам од се’ околу мене. Ме мотивираат моите соништа и амбиции кои морам да признаам се двигател на се’ што работам. Ме мотивираат моите најблиски, пријателите и луѓето со кои сум опкружена секојдневно. Морам да признаам, ме мотивираат и оние кои никогаш не верувале во мене, а денес се фалат дека ме познаваат. Си ја обожавам работата и тоа ме прави среќна.

Среќна сум кога ќе направам некој друг среќен. Можеби звучи нереално, ама тоа е навистина така. Среќна сум кога ќе успеам дури и тогаш кога ми кажале дека не можам. Кога си ги гледам родителите горди. Кога ќе изнудам насмевка на лицето на сестра ми. Кога ќе подадам на некој што нема. Среќна сум со сите мали, слатки ситници кои не се купуваат со пари. Не се лутам скоро никогаш, можам само да се разочарам и тоа да ми трае. Најчесто се разочарувам од неостварени ветувања и изневерена доверба.

Не поднесувам негативна енергија, исфрустрирани и луѓе кои не знаат каде им оди сопствениот живот, а за твојот знаат се’. Сакам мојата енергија да допре до секој. Меѓутоа свесна сум исто така дека на некои сум инспирација, на други иритација. И тоа ми е сосема во ред. Многу малку ми е потребно за среќа. Една ситница, мал гест и убав збор и си завршил работа. Најчесто знам да се насмеам на шега на своја сметка.

За време на викенд (кога не сум на работа) најчесто првото кафе обожавам да го пијам во тишина и сама, а кога сум кај моите, тоа е резервирано за „трачарење“ со мајка ми која ми е најдобра другарка.

Обожавам „недоговорени“ кафиња во стилот: „Вики, облeкувај се, за 5 минути идеме на кафе“. Многу љубов има во тие кафиња. Не сум голем љубител на филмската уметност, па така денот обично го завршувам со книга која ќе ме остави будна додека не ја прочитам. 

* Викторија Петровска, новинар