МАРИЈА СО УНИКАТНО БОДИ НА „ЕВРОСОНГ“: Рачна изработка која ја има само во три фабрики за висока мода

Стилистката Милена Танаскоска специјално за „Женски Магазин“ ни ја откри приказната за уникатното парче облека кое утревечер на евровизискиот подиум во Лисабон, Португалија ќе го носи Марија Ивановска, вокалистката на бендот „Ај Кју“.

- За концептот за стајлингот на бендот и на придружните вокали се водевме според приказната во спотот, со тоа што боите на сцената се обратно пропорционални од оние на видеото. Во првиот дел од песната Марија носи палто наопаку скроено, додека во вториот дел таа е облечена во сиво боди каде што повторно го има „eye cue“ знакот, како впечатливото палто од официјалниот спот. Идејата за облеката и изборот на боите беше моја, а изработката е на Александар Бимбилоски (Rumor Shop Ohrid). Бодито е правено по специјална рачна изработка што ја има само во три фабрики за висока мода во Европа и траеше илјада часови. Чевлите што ќе ги носи Марија се исто така рачно изработени од португалски дизајнер. Што се однесува до останатите членови од тимот на сцената, нивните костими имаат детали во бојата на костимите на Марија и Бојан, со што се добива комплетна визуелна приказна – ни откри Танаскоска. „Ај Кју“ утревечер ќе се натпреваруваат во првото полуфинале на 63-то издание на „Евросонг“ и ќе настапат 11-ти по ред. Во конкуренција на 19 земји, нашите претставници ќе се борат за пласман во финалето кое за нас е невозможна мисија од 2012 година.

Ѓ. Стојанов