Мали луѓе со големи срца: Граѓаните донираат оброци за бездомниците

Поразителна статистика за бројот на граѓани кои дневно не можат да си обезбедат ниту еден оброк. Животот не секој го милува, а човечките судбини се разновидни. Признале или не, ја прифатиле реалноста или не, на улиците во главниот град сликата со бездомници не е за потценување. И додека државата ги подзаборавила, хуманоста на сограѓаните е тука да ја врати довербата дека за сите сонцето еднакво грее. Доказ дека хуманоста не познава граници е здружението “Љубезност” преку кое секој хуман граѓанин, организација и компанија може да нахрани еден бездомник или цело семејство. Тони Станковски кој е еден од иницијаторите за да се роди и заживее хуманата мисија на здружението вели дека граѓаните на Македонија се повеќе од хумани. Тој сепак изнесе фрапантни податоци 21% од населението на Македонија е во ризик на сиромаштија или доколку се претвори во бројки согласно последниот (далечен) попис се околу 450 000 луѓе, наши сограѓани. 

ФАКТОР: Последната хуманитарна акција која ја имавте за донирање на храна за сиромашните беше во Струмица-колку сте задоволни од исходот на акцијата?

Тони: Во минатиот период имавме постојани акции за донирање на храна, облека и останато во Скопје и при тоа ги покривавме потребите на сиромашните во Скопје и околината, но и во останатите градови и села во Македонија. Повремено ни се јавуваа поединци и фирми од другите градови кои ни ги праќаа своите донации по карго или преку збирен транспорт. Овојпат решивме да собирните активности ги спроведуваме и надвор од Скопје, во конкретниот случај во Струмица. Навистина многу сме задоволни од одзивот на граѓаните на Струмица и струмичко, каде што на дело ја покажаа својата несебичност и желба да со свој придонес помогнат на своите сиромашни сограѓани во земјата.


Прочитајте повеќе на ФАКТОР