Макраме како стара техника, нов моден тренд: Креативната приказна на Светлана Богоевска за макраме техниката

Старата техника на плетење со конци во која како алатка исклучиво се користат двете раце, се нарекува макраме и е ултра популарен тренд во светот на модата, но и во секојдневието.
Кога Зендаја, Сара Џесика Паркер и Шакира на себе носат макраме, тогаш знаеме дека ова е моден тренд кој е со мирис на носталгија, но со изглед на нешто модерно и стилски.
Фешн е доколку на себе носиш парче со макраме техника или едноставно го имате во домот како лустер, држач за цвеќе, тепих, ѕидна декорација …
Старата техника, денес е нов тренд кој низ годините како да се подзаборави, но сега е вистински хит.
Светлана Богоевска од Скопје изработува производи со макраме техника, занает кој го научила од нејзината мајка. Во минатото единствен начин да се научи оваа техника била преку книги, кои Светлана ги чува до ден денес. Токму од нив за прв пат, гледајќи и учејќи ја направила нејзината прва макраме алка.
Веќе 6 години создава уникатни производи од макраме, а за негова беспрекорна изработка најважен е изборот на конците.
„Во макрамето постои еден дел кој многу наликува на ткаењето, а токму со оваа техника почувствував потреба да создадам изработки инспирирани од народните старословенски мотиви“, вели Светлана во разговорот за Женски магазин.
Во продолжение ќе имате можност да уживате во една инспиративна приказна, нешто што можеби ќе ве поттикне дека е време да ја научите оваа техника за да си направите нешто за себе, но и да уживате во изработките кои ќе посакате да ги имате за себе.
ЖМ: Каква техника е макраме, со што и што се може да се изработува со неа?
- Макрамето е техника на рачно врзување на јазли и чворови, каде вашите раце се единствената алатка што ви е потребна. Оваа техника овозможува создавање на различни уникатни изработки, како накит, декоративни ѕидни украси, завеси, држачи за саксии, модни додатоци и гардероба. Со секој јазол што го врзувате, ја оживувате својата креативност, создавајќи дела кои носат личен печат и посебна убавина.
ЖМ: Кога за прв пат вие се запознавте со оваа техника на плетење?
- Нашето поднебје е познато по рачните изработки, па така додека растев и во мојата фамилија не ми беа непознати плетењето, везењето и шиењето, како креативен, но и практичен израз. Мојата мајка во еден период кога се појави макрамето, при крајот на 70-те и почетокот на 80-те, се заинтересира за макраме и единствен начин да го научи беше преку книги, кои и ден денес ги имам, ги чувам и со носталгија ги отворам. Нејзината позната изработка беше буфчето, кое мислам дека сите тетки, баби и вујни во фамилија го добија на подарок. Од таа книга, за прв пат, гледајќи и учејќи ја направив мојата прва макраме алка.
ЖМ: Тешко ли ви беше да ја совладате?
- Јас отсекогаш ја имав потребата да работам нешто креативно со рацете, и после многу години повторно го открив макрамето. Совладувањето на макраме техниката може да биде предизвик, особено на почетокот, кога се учат основните јазли и нивната комбинација. Но, со малку трпение и постојана пракса, техниката станува полесна и природна. Се работи за процес што бара концентрација, креативност и прецизност, но за многумина, тоа истовремено е и многу релаксирачка активност. Денес со интернетот имаме пристап до многу видеа со обуки, туторијали и работилници, па така гледајќи и учејќи, ги направив првите обетки.
ЖМ: Што е потребно за овој вид рачна изработка?
- За да се работи макраме техника, не се потребни игли. Единствената алатка за работа се нашите две раце. Помошните алатки како табла како подлога за работа, ножици, метро, клешти се секогаш потребни во макрамето.
ЖМ: Дали е важно какви конци се користат?
- Доколку сакаме да го добиеме бараниот изглед на изработката, од голема важност е правилниот избор на конци бидејќи тие влијаат врз изгледот, издржливоста и функцијата на завршниот производ.
Материјалот кој се користи е различен за секоја изработка, па така за накит најчесто се употребува восочен конец, за декорациите памучните конци се најпопуларни поради нивната мекост и природен изглед, конопните јажиња се издржливи и одлични за надворешни изработки, а синтетичките конци можат да бидат еластични и разновидни. Исто така, можеме да рециклираме стари маици кои можат да се сечат на ленти и да се подготви материјал за работа.
ЖМ: Иако оваа техника на плетење врвот на популарноста ја имала во минатото, од неодамна повторно се враќа во мода. Понежниот пол кој го негуваат бохо стилот сакаат на себе, па и во домот да имаат макраме. Што најчесто се бара?
- Макрамето се појавува на блискиот исток во 12-13 век, и поради својата естетика но и практична употреба набрзо се распространува во Европа, најмногу Италија и Шпанија, а во Англија е особено прифатено во Викторијанската ера. Потоа, во хипи ерата, 70-те и 80-те години, како ѕидни украси, држачи за цвеќиња и гардероба, и сега последниве неколку години макрамето навистина доживува ренесанса, особено кај љубителите на бохо стилот. Наоѓа примена во ентериерното уредување, но и во модата, па така можеме да видиме познати личности кои се признати модни икони како Зендаја, Сара Џесика Паркер и Шакира, како често носат изработки од макраме.
ЖМ: Веќе 6 години го имате брендот „Диоса Макраме“, креативно катче каде вашата креативност се претвора во дела. Како започна оваа приказна?
- „Диоса макраме“ постои шест години и започна како страст за креативност и љубов кон рачната изработка. Со текот на времето, оваа страст се претвори во бренд кој ги комбинира традиционалните техники на макраме со современи дизајни. Идејата беше да се создаде простор каде што креативноста може да се изрази преку уникатни и инспиративни дела, кои истовремено носат топлина и стил во домовите на луѓето.
Името „Диоса“ значи Божица на шпански и со тој избор, а бидејќи започнав со накит, сакав да потенцирам дека во секоја жена постои една божица, убавица, една идеја за универзална убавина, љубов и дека ние жените сме силни, моќни, таинствени, прекрасни …
Започнав со изработка на обетки, алки и гердани украсени со полудраги камења, кои додаваат природна убавина и уникатност на изработките. Со текот на времето, почнав да изработувам држачи за цвеќиња, кои се идеално решение за љубителите на растенија, обезбедувајќи им практичен и стилски начин да додадат место за ново цвеќе во својот дом.
ЖМ: Што најчесто сакате вие лично да изработувате?
-Најмногу уживам во изработката на облека, накитот со камења и големи ѕидни декорации, бидејќи тие ми дозволуваат да ја изразам мојата креативност и да создадам уникатни парчиња кои ги одразуваат желбите на клиентите. Скоро секогаш ги изработувам по индивидуална нарачка, при што внимателно се избираат боите, материјалите и дизајнот за да бидат совршено приспособени на стилот и просторот на секој клиент.
За нивна изработка, скоро секогаш работам на индивидуални нарачки, каде што ги следам мерките, изборот на бои и материјали според барањата на клиентот. Индивидуалниот пристап и желбата да се излезе во пресрет на секоја идеја, ми овозможуваат да создадам вистински уникатни дела. Она што најмногу ме исполнува е предизвикот што доаѓа со секоја нова идеја.
ЖМ: Сте имале ли досега некоја необична порачка?
-Најголема радост ми носат необичните нарачки, оние за кои никогаш не сум размислувала дека може да се направат, но кои ми отвораат нови хоризонти и ме инспирираат.
Во мојот случај тоа се изработки кои се лична желба на клиентот во однос на големината на изработката, комбинацијата на материјали или нешто за кое не сум помислила дека е возможно да се изработи. Понекогаш тоа се предмети или делови од некој драг спомен со емотивна вредност кој треба да се доработи и повторно да му се даде живот со макрамето.
ЖМ: Која е разликата меѓу макрамето и плетењето?
- Сакав да направам споредба меѓу макрамето и плетењето со чингелајче, во однос на потрошената количина на материјал и времето потребно за изработка на идентичен производ – во овој случај, едно обично ланче со должина од 1 метар. Резултатите од овој мал експеримент беа навистина изненадувачки.
Имено, за истата изработка, макрамето бара двојно повеќе време и користи околу 20% повеќе материјал. Дополнително, карактеристично за макрамето е тоа што изработката не може едноставно да се отпара, туку секој јазол мора да се одврзува индивидуално – токму онака како што бил врзан. Ова ја прави техниката посложена, но истовремено додава и на вредноста и трајноста на крајниот производ
ЖМ: Дали младите се интересираат за техниката на макраме плетењето и дали сакаат да научат?
- Макрамето полека но сигурно го наоѓа своето место кај нас. Младите се сè повеќе привлечени од рачните изработки, гледајќи ги како уникатен начин да ја изразат својата креативност.
Интересот за макраме расте не само кон готовите изработки, туку и кон процесот на нивното создавање. Со желба да ја поддржам оваа љубов кон макрамето, организирам работилници каде учесниците можат да ги совладаат основите и да ги развијат своите вештини.
ЖМ: Каква е конкуренцијата на пазарот со макраме изработки?
- Покрај „Диоса Макраме“, кај нас постојат уште неколку талентирани креативци кои користат макраме техника за изработка на накит и декорации. Конкуренцијата секогаш е добредојдена, бидејќи таа ни овозможува да го согледаме и унапредиме сопствениот квалитет. Во Македонија сме околу 10 макраме креативци, и мојот апел до сите е дека просторот за изразување е доволно широк за секој од нас. Со избор на квалитетни материјали, со создавање на уникатни парчиња, секој има можност да се истакне и да остави свој белег.
ЖМ: Како ја надоградувате вашата техника, од каде учите некои нови трикови?
- Макраме техниката се темели на свои основи и специфичности, кои овозможуваат бескрајни можности за комбинирање и креативно истражување. Оваа уметност е жив процес кој бара постојано надоградување, љубопитност, учење и отвореност за нови идеи. Постојаното следење на светски макраме артисти, посетување на работилници и учење преку онлајн видеа се само некои од начините за откривање на нови техники.
Креативноста нема граници, а преку сопствено експериментирање можат да се постигнат извонредни резултати, внесувајќи свежина и оригиналност во секој изработен дизајн.
ЖМ: Дали има интерес од странство за овој вид рачна изработка?
- Макрамето во странство е значително повеќе застапено и ценето, со разновидност која ја отсликува културната шареноликост на светот. Во Јужна Америка, најмногу се користат полудраги камења за создавање на впечатлив накит, кој ја носи енергијата на природата.
Во САД, макрамето често се применува за изработка на едноставен накит и декоративни ѕидни панели кои додаваат топлина на домашниот простор. На Блискиот Исток, доминира ориенталната гардероба со префинети макраме детали кои ја истакнуваат традицијата и стилот, додека на Далечниот Исток се создаваат уметнички минијатури кои покажуваат прецизност и внимание кон деталите.
Европа, пак, е микс од сите овие трендови, каде што макрамето се применува за накит, декорации, па дури и практични предмети. Оваа техника навистина го носи својот печат низ различни култури и стилови.
ЖМ: Дали вашите креации отелотворуваат културни или уметнички традиции од Македонија?
- Во макрамето постои еден дел кој многу наликува на ткаењето, а токму со оваа техника почувствував потреба да создадам изработки инспирирани од народните старословенски мотиви. Овие мотиви, кои често се среќаваат на нашите традиционални носии и везови, ми послужија како инспирација за создавање на колекцијата мини таписерии, меѓу кои се наоѓаат и дела со приказот на мајката божица и слични тематски симболи.
Како нереализирана, но многу значајна идеја, замислувам уште една ваква колекција која би вклучувала делови инспирирани од македонските носии. Целта на оваа замисла е да придонесе за зачувување и оживување на нашето богато културно наследство, претворајќи го во уметност што го обединува минатото и сегашноста.
Габриела Додевска Глигоровска