,

Маја Саздановска има друг талент, а не е пеењето: За Нова година бидете вие, а не некој друг

Тетка ѝ Виолета Томовска, дајенот на македонската народна музика ја нашминка перфектно за доделувањето на државната награда „Климент Охридски“ месецов во Собранието на РМ. Маја Саздановска-Лилчиќ (36), еден од најмоќните вокали во поп-музиката, секогаш барана и како придружен вокал, полујавно го негува и вториот талент-шминкањето, како што вели - креативниот уметнички израз кој ѝ фали во личното уметничко изразување.

Од пред четири години работи во Македонската опера и балет. Како мајка на преслатката Срна, вели одвај стига да ги заврши сите обврски во предновогодишната треска што го зафаќа Скопје.

- Во нашиот дом, Нова година дојде порано, на 25 декември. Тогаш ѝ е роденденот на ќерка ми Срна која наполни 7 години. Тука е најголемата забава, кога се собира целото семејство. Потоа одмараме. Заслужено. Изминативе два месеци како придружен вокал сум дел од концертите во регионот на поп-ѕвездата Калиопи со која настапувам шест години. Отпеавме 18 концерти низ цела БиХ и Србија. Колку насмеани лица и пријателства излегоа од сето тоа! Неповторливо и непроценливо. Таа ми ја исполни најголемата желба, да бидам дел од една совршена музичка приказна, да музицирам во живо и пред голема публика, да учествувам во правењето вистинска уметност полна вредности - раскажува Маја.

За сите тајни и трикови на шминкањето, но и трендовите за Новогодишната ноќ ни откри во интервјуто за „Женски магазин“ што го правевме во новогодишен амбиент, покрај раскошната елка во хотелот „Квин“ во Скопје, со чаша црвено вино.

* Како ја откри страста за шминкањето?

- Искрено ме навраќаш низ годините, каде искрено дури и ме исплаши колку време е поминато како јас и шминката ептен се дружиме, и според  моите калкулации некаде повеќе од 19 години. Јас моите раце ги ,,валкам“ со сите бои на палетата. Првата жена која ми го довери својот лик беше Елена Пресилска, тогаш водител на една наградна игра во Сител телевизија, а до тогаш моето лице беше мое платно. Првиот момент кога ја направивме пробната шминка и кога финалето го видов на телевизија, знаев дека шминкањето ќе биде креативниот уметнички израз кој ми фали во личното уметничко изразување.

* Шминкањето ти е работа, хоби, задоволство или дополнителна заработка?

- Твоите зборови би ги подредила вака - Хоби ми е кога ја цртам ќерка ми и внуките, задоволство ми е кога ја разубавувам мајка ми и братучетките, а работа и заработка е кога се наплаќа (се смее). Така да гледаш колку сум јас адаптибилна личност. И да бидам најискрена со тенденција сум да ми биде работа:)

* Што е за тебе шминкањето: истакнување на убавите црти или покривање на маните?

- Аууу, за мене шминката е многу силно „манипулативно“ средство. Многу често и на сите прекрасни жени во пар наврати сум им го кажувала тоа.. Оние кој сум ги видела и повеќе од еден пат, ми го откривале и своето алтер его за да може да ја види светлоста на денот на нејзиниот лик и слободно да манипулира со погледите. Мејкапот во денешно време е одамна излезен од класичните рамки на разубавување и покривање на несовршености. Да, тоа му е примарнтаа функција, но филозофијата на секој шминкер е многу подлабока и поиздржана кога работи со својот клиент.

* Дали има правило кога помалку шминка, а кога повеќе или едноставо нема? Зависи од личноста или шминкерот?

- Секако дека правила има, но правилата велат дека се напишани за да бидат прекршени. За мене лично постои само едно правило - тој што седнал да се шминка, кога самиот ќе се погледне во огледало, да биде задоволен, полн со самодоверба и среќен, а за тоа да го постигнеме не можеме да се „шамараме“ со правила. Јас сум секогаш отворена за моите девојки, да ги ислушам, да поразговараме, да ги насочам, но и тие мене со својата желба и очекување, и само така добиваме добар производ на крајот.

* Кои грешки најчесто ги прават жените при шминкањето?

- Што се плашат да нашминкаат, што не ја негуваат сопствената кожа, што претеруваат, што не се соодветни и за настаните и за годините.. има многу работи, но има и многу кои сакаат да научат и веруваат и тоа е мојата сатисфакција.

* Кој те шминка тебе на сцена или на јавни настани?

- Јас сум сама свој мајстор.. малтене отсекогаш. Не дека не ме нашминкал и друг професионален шминкер, не дека не сакам, ама за себе никако време да си најдам и да се „истинтрам“ и да се видам низ окото на друг уметник, и ми е криво - но тоа ќе се промени сигурно.

* Твој совет до дамите за шминкање?

- Да се опуштат и да не се плашат од шминка, бои, трепки, да си ја доведат женственоста до израз, понекогаш да си дозволат да се трансформираат бар на малку и да ја изживеат својата модерна приказна на Пепелашка.

* Доаѓа Нова година. Како треба да изгледа празничната шминка?

- Искрено ги следам сите трендови, има работи кои ми се допаѓаат, има и нешто што не можам да го сфатам, но оваа зимска сезона трендот е базиран на цирконите како ефект со минимален мејкап на останатиот дел на ликот, убаво исцртани усни и совршено исчешлани веѓи. Нема да погрешите и со црвен кармин во духот на сезоната, а нема грешка да се одбере шминка која  ви прилега и ве прави своја. И мојата девиза - тој што ќе ве шминка да направи тоа да трае цела вечер и да одговори на предизвикот на долгата ноќ.

* Која славна личност ти се допаѓа како е нашминкана? А наша?

- Мојот инстаграм е полн со познати мејкап-артисти, Џенифер Лопез е приказ на една совршеност која мојата естетика и тоа како ја задоволува, а од кај нас има многу од младите девојки кои изгледаат совршено.. Има многу рандом девојки кои знаат ептен да ми го привлечат вниманието и тоа посебно ме радува!

Л. Сабит

Фото: Вангел Тануровски