Маалски живот

Баш пред некој ден прочитав статус кај моја многу блиска и драга пријателка со кој ме потсети на оние маалски полицајци кои беа актуелни кога бевме мали. Верувам дека повеќето од вас ќе се сетат, а за оние помладите еве појаснување. Маалскиот живот порано беше незамислив без полицаецот кој беше задолжен за одреден регион. Што би се рекло, задачата му беше да го одржува редот, а богами и мирот и безбедноста во маалото. Не’ знаеше сите по име и презиме, кој од која зграда е и тешко на оној кој навечер ќе се шуњаше во влезовите, а да не е од нашето маало. Бројот на кражби и манијачки напади, скоро нула. И се знаеше. Манијаците беа на точаци, во паркот. Ќе бидам дури и цинична кога ќе речам дека дури и тие го знаеја редот.

Тоа ме врати уште поназад, во детството. Во помалите градови, маалскиот живот беше отсекогаш поразвиен. Во поголемите градови некако е се’ порасплинето, во зградите се населуваат нови семејства, луѓето не се познаваат, а и во трката со времето немаат ниту желба. Помалите градови се сосем друга приказна. Животот се одвива полека и со помалку стресови, ретко некој со некого да не се знае, а и повеќе поколенија живеат, растат и умираат во истата куќа. На улицата на која живееја баба ми и дедо ми беше куќата на Панореа, подолу малку на Чупона...па на Љутви, до нив на моите, па на Љубица. Маалскиот живот се состоеше од блискост која е незамислива во поголемите места. Се прави слатко? Ама се подразбира дека сите од “маалата” треба да се викнат за да го пробаат. Па печената ракија, ајварот...дрвата ко ќе стасаа, сите помагаа за да се наредат, ако некој се разболеше беше срамота да не се појде и да се посети.

Се знаеја и семејните тајни. Кој што мака си имаше со синовите и ќерките, па со снаите и зетовците, па чии внуци имаат дарба за пеење, кој каде факултет запишал. Е сега, да сме на чисто и за ова. Некогаш тоа добиваше и малку поинакви рамки, да не речам, пикање на носот во туѓите работи. Ама па тогаш можеби луѓето и немаа што да кријат. Кога се преселив во станот, дојде баба ми да види кај сум. Битолчанката беше дотерана од глава до петици, па дојде со подарок и со плик, башка бонбониера. Малку ја задевав дека иди ко за туѓ, а не за свој чоек. Прво што ме праша беше дали сум се запознала со комшиите и дали сум ги викнала на кафе!

Оф леле!

За оние кои лично не ме познаваат, еве да се претставам. Било кој да ми зазвони на врата, ќе отворам и ќе помогнам ако можам, колку можам. Ама, во суштина не сум социјален тип на човек. И се препотив кога си ја замислив сликата во која мојот дом беше исполнет со комшиите (кои патем речено, после толку години заедно, се прекрасни луѓе со кои во потполност  си ја почитуваме приватноста), а филџаните за кафе само се трупаат во кујната. И за да не излезам непристојна, велам дипломатски дека се знам со нив онака, на добар ден и пријатно.

Тука баба ми преврти со очите и рече...дива си, многу си дива. За арно за лошо, први ти се комшиите.

Тогаш ми текна дека навистина, прво се тропа кај нив. Најблиску се!

Паметам дека маалскиот живот кој сум го гледала во Битола, некако ме успокојувал. Дури и сум заспивала слушајќи им ги муабетите. Ми создавало чувство на заедништво и сплотеност. Не сум сакала и јас да го живеам истото, оти сум малку табиетлија, ама од друга страна ми било удобно да сум сведок на истото, во тоа време и таму, во Битола. А можеби сето тоа доаѓа со годините. На повозрасни години, кога човек има повеќе време за себе, убавината ја наоѓа во делење на своето време и со оние со кои е опкружен, а не се фамилија. Или можеби е табиетот во прашање. Мајка ми вели оти сум прилепска семка и дива ко татко ми. Рака на срце, има вистина во тоа. И тој не е некој друштвен тип на човек, додека пак ќерка ми ич не е на мене во тој поглед. Уште од малечка одеше да се запознава со деца и да си игра. И сега ја гледам колку е поопуштена, за разлика од мене.

Живееме во кутивчиња. Некои се еднособни, некои двособни или трособни. Некои се и големи, ама се кутивчиња. Се среќаваме по скали, во лифт. Ќе си кажеме добар ден и пријатно, ќе се насмееме механички и во следниот миг забораваме едни на други.

Порано не беше така. Дур не те распрашаа како се мајка ти и татко ти, па дали дедо ти оздравел и после колку инекции му поминал бронхитот, па дали баба ти уште го прави она туртето што се јадело во разни пригоди, немаше шанси да си тераш по патот.

Па после левел 2: како оди факултетот, па кога мажачка (имала, немала дечко, исто му се фаќа), па “на ваши години веќе имавме по едно дете”. И сето тоа беше нормално. Е не дека не не’нервираше, ама беше нормално. Денес никој никого ништо не прашува. Ниту го интересира. Ниту пак нам ни е важно она што се случува вон нашите светови. Не знам дали е тоа само немање време или и себичност, не знам дали е заради тоа што се изгуби и маалскиот живот кој не’ учеше на вредности кои подоцна не’ изградија во животот. Изгледа дека стареам кога почнувам да чувствувам празнина која ми се создава оти бев сведок на едно друго време, во кое, не дека беше подобро, туку беше многу поразлично од сега.

Велат дека секое нешто си носи свои позитивни и негативни работи.

Домот ми е светилиште. Тука ми е мирот, пештерата во која пишувам и ја растам ќерка ми, место во кое си ги лижам раните и кое себично го чувам понастрана од сите. И во оваа трка наречена живот, токму домот ми е одмор и место за да сопрам и се преиспитам. Ама некогаш ми тежи тишината која е околу мене. Тогаш се потсеќам на детството и летата во Битола, муабетите до доцна во ноќта и смеата. Тогаш ми излегуваат сите лица кои ми биле дел од растењето, голем дел од нив веќе починати, со останатите контактот одамна изгубен. И тогаш...ем ми е убаво, ем ми е тажно.

Ми фали маалскиот живот. Не баш ваков како што го опишав, ама ми фали блискост со луѓето, некогаш дури и со себе. И едно е сосем сигурно...во ова време, реткост е да се најдат луѓе. Ама не дека ги нема, туку и заради тоа што сме премногу зафатени со себе за да ги побараме.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ми недостасува она време 
Кога луѓето еден крај друг со насмев минуваа 
Како со години да се познавале 
И многу лаф муабети меѓу нив поминале 
Кога плочниците полни детски џагор беа 
Без да се плашиме од лошите чичковци 
За кои раскажувавме измислени приказни 
Кога во ниедно време низ улици сме шетале 
Со леснотија и мир во градите 
Без да заобиколуваме темни ќошиња 
Ми недостасува воздух 
Оној порано кој го жед го голтавме 
И слободата која во умовите ја имавме 
Без грижа што ќе донесе новиот ден 
И без тескоба од ноќта што доаѓа 
Веројатно стареам 
Барем баба ми така велеше 
Дека штом почнува да ти фали минатото 
Годините веќе те навјасале 
Та си бараш утеха во нештата кои минале 
И кои веќе нема да се вратат 
Ех, ми недостасуваат луѓето
Оние кои повеќе ги нема 
Кои заминале во некоја друга димензија 
Кои веќе живи не се 
А и оние кои патот далеку од мене ги однел 
Та сега само буквите си ги гледаме, наместо очите 
Ми недостасува мирот 
Кој младоста со себе го носи 
Иако од годините не се плашам 
Ама некако ме разжалостуваат и осамена ме прават 
Ми недостасува искреноста во муабетите 
Без меркање под око и брза проценка 
Кога беше сеедно кој од каде е 
Дур има душа во себе, дур чоек е 
И колку повеќе му се мислам 
Толку повеќе сфаќам дека ми недостасува 
Ох 
Ми недостасуваат луѓе на кои сево ова им недостасува 
Па да седнеме на чаша вино 
Да се расприкажеме и поднапиеме 
Да се смееме на минати случки 
И да живееме нови, со секој изминат ден 
Да пееме до зори и од следниот ден да сме ко што сме биле 
Да се смешкаме на непознати по улици 
Да ги поздравуваме и да посакуваме убав ден секому 
Без лоша мисла во главите 
И без товар на суетите 
Да се родиме одново 
Или да се вратиме назад 
Па повторно да дишеме ко првпат да ни е 
И поинаку да замирисаме 
На чисто 
На убо 
На нов почеток 
На себе