Луј Витон, и сѐ е можно

Не е млад, ниту убав, ама пред неговите продавници се чека со редици и се трошат илјадници долари.

Не е партиски определен, а стана пославен и од македонските политичари.

Никој не откри зошто е во клубот на најмоќните, а магнет е за бизнисмените.

Не изгледа како Бред Пит, ама сите сонуваат  да го имаат во колекциите.

Французинот  Луј Витон сите го копираат, сакаат да ги носат неговите чанти и гардероба, на улица, на гала-настани, во судница или на протести и на маршеви.

Никој не прашува за пораката што ја праќа (ат), модна или исполитизирана, луксузна или лицемерна, вистинска или лажна.

Никој не прашува за цена, дали се оригинал или фалсификат, купени на пазар или во ексклузивни продавници, дали ги носат славни или анонимни личности, чесни или кои се огрешиле од законот.

Запленети, шверцувани, подарени, купени од  ќеф, за себе, за другите, за фалење, за уживање, сите го спомнуваат, а ретко кој го запознал.

Ги поврзува или ги разделува луѓето, ви создава пријатели или непријатели, ви носи или губите политички поени, ве прави  личности со стил или кич фаци, почитувани или озборувани.

Модата беше лична работа, сега е глобална машинерија, сеирџиска и профитабилна професија, секој те анализира, ти ѕирка во плакарот, те фали или плука, веќе не си свој, туку им припаѓаш на сите.

Сите знаат сѐ за модата, а всушност се бројат на прсти, сите станаа модни експерти, а не знаат да се облечат, сите се претставуваат за модни инфлуенсери, а немаат стил, а камо ли влијание.

А што е модно влијание? Да почитуваш или да кршиш правила, да седиш во прв ред на модни настани, да носиш штикли по калдрма, да се сликаш на сите настани, да постираш на социјалните мрежи, да ти пишат лајк или дислајк, да те има нон-стоп на Фејсбук,  да си кажеш-јас сум најдобар, подобро да ме има, отколку да ме нема.

Ароганцијата се меша со (не) знаењето, образованието-со Интернет,  младоста со мудроста, искуството со неискуство, анонимноста со експонираност, скромноста со фалбаџиство.

А всушност модата е секогаш иста, и тогаш и сега, се враќаат старите трендови, она што е ретро сега е модерно, она што беше стил сега е модерен хаос, дозволено е мешање на сите бои, нема веќе чанти и чевли во тон, пвц материјалот ја надминува кожата, радоста на шопингот е заменета со едно стискање копче, не моратe да пробате модели-сѐ имате онлајн.

Имањето и немањето пари нѐ менуваат како луѓе, не сме задоволни од себе, од својот изглед, работа и опкружување, околината не не сфаќа или не не почитува, од културни стануваме безобразни и безобзирни кон себе и кон другите, мака мачиме со килограмите, со негативната енергија, никако да се ослободиме од зависта и суетата, не можеме да простиме успех, изглед или популарност кај другиот.

Природното кај себе го менуваме со операции, се стремиме кон лично совршенство, а се гадиме од туѓо несовршенство, наводно, не се мешаме едните со другите, кралеви со просјаци, нормални со ненормални, чесни со криминалци, а сѐ е обратно...

Јавно, интересот и понатаму останува главното правило и тука и таму за дружење, соработка, кафе-муабет и патувања. И понатаму ќе глумиме ангели, а всушност во себе сме останале истите ѓаволи кои не ја симнуваат насмевката од лице, а во себе повраќаме и во тесен круг  озборуваме.

Модата оди напред- назад, ние со стилот само назад, Македонките повеќе личат на пластични кукли отколку на фам фатал, ако сакате да видите дама во животот и на писта , гледајте филмови од 60-тите и 80 години или ревиите со супермоделите, никогаш ненадминати.

Модата ќе постои и утре, со или без Луј Витон. И така високата  мода е нападната од коронавирусот , а редовите пред шопинг продавниците се драстично намалени.

Светот се менува, само не и ние. Уште долго ќе бидеме инфицирани од вирусот мода. Лек за тоа уште не е пронајден!

Лејла Сабит