Љубов&секс или обратно

Искрена да бидам, ми дојде да ја почнам колумнава со шега за 1-ви Април и тоа дека ова ќе ни е последна дружба, ама па си реков „немој Ано, ем ќе ги разочараш оние кои сакаат да те читаат, ем оние кои не те сакаат (кога ќе дознаат дека е само шега)“. Башка, шегобијци за денешниов ден ќе има многу, почнувајќи од ќерка ми која само ја чекам што ќе смисли годинава, а рака на срце, знае да е многу инвентивна. Од друга страна, уште сум под импресии дека магазинов во кој секој понеделник си ја олеснувам душата, за 18 месеци достигна над 1.000.000, или со зборови ЕДЕН МИЛИОН посети.

И сега некои од вас (со право) ќе се прашаат каква врска има ова што го зборувам со насловот во кој има ем љубов, ем секс. Епа има, малку трпение. За себе знам една работа со сигурност, а тоа е дека ништо во животов немам направено со отсуство на љубов. Дали било врска, брак, работа, па дури и разводот, секогаш сум имала љубов во себе. И да, признавам дека за некои работи сум останала старомодна. Дека сакам романтика и таква некаква љубов, која ја опишувам преку онаа што ја имаа баба ми и дедо ми, дека ми недостасува она лице в лице запознавање со некого. Сега бре не можеш да кажеш дека ти се случила љубов на прв поглед во маркет (тропам), затоа што кого и да видиш ти изгледа познат од некаде (фб, инста и останати уништувачи на реалниот живот). И се враќам наназад, во времето кога немавме мобилни и за кое кога почнувам да зборувам, ќерка ми се ококорува и не ѝ се верува дека во толку заостанат свет сум живеела. А јас не можам да објаснам дека сите овие навидум забавни нешта се всушност затвор. И што е иронијата поголема, ова го читате на интернет. Нејсе.

Значи, да се вратиме наназад. Имате симпатија. Па тоа пеперутки, па нагло оглупавување пред симпатијата, па црвенеење, моментот кога треба името да си го кажеш, а од тебе излегува некој неартикулиран звук и ти доаѓа да си умреш на лице место (ова од лично искуство...кога излегував со две Маји, па на симпатијата му кажав дека и јас сум Маја). Па после запознавањето да се ловите кој кои денови излегува, каде и со кое друштво. Па мољакај по дома да те пуштат не само петок и сабота, туку некогаш и во среда (најчесто без резултат). После е фазата на здраво-здраво и шо прајш-како си, а ако не сте и двајцата смотани и муабет за тоа кој каде живее. Сѐ си имаше ред и тоа неприкосновен. Излегување со месеци, запознавање, па украден допир-демек случајно, па да се препоти човек до првиот бакнеж, а да не зборувам за сексот. Тие времиња беа баш по тој редослед...прво љубов, а потоа секс. Оти тогаш сексот се викаше водење љубов.

После излегоа оние финти со милфици и слично (знам дека сум злобна, ама уште му го памтам тоа на залижаниот фраер од претходната колумна. А кога ќе подразмислам малку, немам грижа на совест за попатново дриблање).

И сега за да не создаваме погрешна слика дека јас сум светица која тукушто слезе од манастир и ќе ве попрска сите со света вода, да се разбереме дека немам ништо против тоа секој да го живее она што го сака до степен кога со тоа не загрозува никого, а најмалку себе. Да, точно прочитавте. Најмалку себе.

Ова не го кажувам напразно. Некогаш носењето лоши одлуки е одлика на нашата ранливост. Колку пати ви се има случено во момент кога чувствувате немоќ или болка да донесете катастрофални одлуки? Еве ме, кревам и јас рака. Осаменоста или самотијата не се изговор за влетување во нечиј кревет или пуштање некого во својот. Впрочем, ако се бомбардираме со информации за неважни работи со кои само си го оптеретуваме мозокот, нели е важно да имаме информации и за оној со кој ќе решиме да имаме секс? На крајот, треба да се чувствуваме безбедно и сигурно, а за тоа треба сепак малку повеќе време од 1-2 вечери или чашка или две повеќе од вообичаеното.

И целата работа е во една иронија за која размислував периодов. Не е дека порано луѓето имале помалку желба за секс. Не е дека тогаш хормоните биле ставени на најниско ниво (ко да може човек да ги наштелува). Не е дека не постоела хемија. Ама е до тоа дека имало некаков ред во живеачката. И тој ред опстојувал, затоа што бил дел од домашното воспитување. Од најбаналните работи, до најкрупните. Од тоа дека благо се јаде после ручек, а не пред...до тоа дека нема лажење за ништо.

Мене ако ме прашате, јас сум за некаков микс од тоа и ова време. Ги сакам придобивките од типот на брза комуникација преку интернет, електронско плаќање (ова од што ми кажувале, затоа што уште си плаќам по шалтери а да ме убиете не знам зошто!), резервации за на одмор преку нет. Од друга страна ми недостасува да добијам писмо, а да не пишува на него ЕВН, БЕГ и слично. Ми се допаѓаат многу работи кои ги имаме во ова модерно време. Ама онаа моја старовремска жичка уште верува во она ТЕ САКАМ ДО НЕБОТО И НАЗАД, во „додека смртта не нѐ раздели“, во тоа дека ако нема љубов меѓу двајца, физичкиот момент отпосле е само празнотија.

Ми текнува кога имавме еден женски муабет со другарките. Летно време, седнати надвор, со jameson и кикирики. Шареноликост до бескрај....едната новинарка/пишувач, друга докторка, трета се бави со книги и уметност и јас-економистот. И дојдовме едногласно до истиот заклучок. Без хемија-нема физика. А хемијата не е само да се потрефат “мирисите”. Многу повеќе од тоа е, да се потрефи кликот човек со човек.

Денешниов муабет ми е:

Љубов и секс, а не обратно. Сме ја изгубиле навиката да чекаме на нештата, да го одложуваме задоволството и да се потрудиме. Денес, сѐ е ставено на тацна. За жал, тацната е преполна и повеќе натежнува отколку што пружа задоволство. Не биле нашите родители и баби и дедовци толку неуки за некои работи. Едноставно, знаеле некако повеќе да уживаат во ситните нешта. Да не воспитаме генерации за кои новиот ајфон и различните гаџети ќе се како купувањето мастика во наше време. Да не воспитаме генерации за кои ќе е нормално да не го знаат името на особата со која ја минале ноќта.

Дајте да бидеме малку старомодни, сѐ ми се чини дека тоа повторно може да влезе во мода.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


А на младост да ме прашаше некој

Каква љубов ќе сакав да живеам

Ќе треснев без мислење

Ама без ич умот да ми проработи

Оти сакам пеперутки во стомакот

Сакам срцето да ми прерипува

Да не можам еден залак да каснам

Без да ми се заглави касајот в грло

Од помислата за него шо в гради ќе ми стои

А и вода ко ќе пијам

Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа

На младост да ме прашаше некој

Шо е љубов и каква сакам да ја живеам

Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли

Ѓоамити ако не боли-не е љубов

Демек болката мерило и дразба за убост е

Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш

Та месечариш ко улав по цели ноќи

И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни

Толку појќе го сакаш и не можиш без него

Да ме прашаа на младост љубов шо е

Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си

Мир во срцето немаш

Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот

Ех, пусти години

Млада ко бев

Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа

Та како сега да е, пред очи ми се

Љубовта нивна досадна ми беше

Таа го вардеше ко мало дете

Де намести му ја вратоврската

Де челите светни му ги

Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки

И косата ќе му ја подместуваше

Ко за на бендис да ќе оди

Смирено и без нервоза

Без возбуда

Туку со спокој кој мене здодевен ми беше

А тој пак

Тој па од дворот трендафил ќе набереше

И горе пред врата ќе и’ го остаеше

И двесте пати ручекот ќе го пофалеше

Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано

И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура

Знаеше кога пред порти да се курдиса

Со цигарата в рака и да ја чека

Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу

Млада ко бев

Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев

Мајтап си играв со нив

Со оние за чија љубов денес велам

Оти имаше корења до центарот на земјата

И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше

“Абе Марика

Ниту ти си за да заминиш без мене

Ниту пак јас за да останам без тебе”

И така беше

Таа не замина

Ниту тој без неа остана

Туку нему ракот градите му ги изеде

А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади

До дента ко пишано и’ беше

И тогаш младоста ми умре

Ми умре идејата за љубовта шо ја имав

И ниту појќе болка во неа барав

Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат

Од тогаш во љубовта спокојот го барам

И чоек кој без мене нема да замини

Ниту пак јас без него ќе останам

Чоек без кој јас нема каде да имам да одам

А ниту нему без мене ќе му се останва

Ко нив

Kо нивната реч

Ко нивната љубов