Љубов или книги на метар/скара на кило

Не сум нешто многу по излегувањето. Да речеме дека немам ни кондиција за да заглавам навечер и да сум способна да функционирам нормално следниот ден. А кога велам нормално, мислам на она што е нормално по мојот вообичаен распоред. Работа, активности со дете и прибирање дома во 8 часот навечер. Значи, да скратам, малку сум досадна во поглед на ноќен живот. Ама, затоа си ги љубам тие неколку места во градов во кои можам да седнам и да пишувам, да се видам со драги луѓе или да си праам муабет со сама себе (не на глас, сега за сега).

Петок. Веќе цела недела спремна за гледање со другарка ми Јоци (со гледање временски прогнози, небаре ќе пешачиме до средно Водно, ама и двете сме си специфични). А нашето гледање е ритуал, проследен со кикирики (уште откриваме каде ги печат најубавите) и во последно време ф’стаци (ова мене ме има спопаднато, не знам зошто), пиење џејмисон (дури и келнерката попреку ме погледна кога истурив скоро цела чаша вода во пијачката за да не ме фати) и мудрување.

Седнати на Ленинова, распостелени со кикириките, ф’стаците, џејмисонот. После првите 5 минути општ муабет, се навлекуваме на тема љубов. Не е дека мислевте дека за политика ќе разговараме!!!!

Кога спомнав љубов, мислам на онаа која не се однесува само на класичната или интимната, туку општо љубов. Таа која опфаќа и однос дома, со пријатели а најмногу на човек со самиот себе. Евоцираме спомени, попатно учиме нешто, ама генерално доаѓаме до заклучок дека постои еден општ тренд на мерење на љубовта. И тука имате една длабинска анализа. Прво, на онаа меѓу луѓе кои се вљубуваат...и на таа средба немавме време да ги елаборираме и останатите (за тоа во некој друг понеделнички муабет).

Ок, се случува хемија меѓу двајца. Па тоа пеперутки, па тоа крокодили во стомак, по некој диносаурус. Чувството на вљубеност е една од најголемите заблуди, освен ако човек не научил низ годините сепак да ја држи дозата на реалност пред очите и да остане присебен. Ова за мене не важи, ама тоа веќе го знаете. Тогаш (мислам на она ТРААААААААААС од заљубување) спремни сме со невидена леснотија да им придаваме на луѓето особини кои не само што ги немаат, туку и не се ниту склони некогаш да ги стекнат. Па ги идеализираме, па секоја нивна постапка ја гледаме низ розови очила. Арно велам дека кога човек се вљубува, дефинитивно оглупавува.

Едноставно, има особи кои со љубовта ракуваат и ја третираат од аспект на нејзината полезност во нивниот живот. Или во превод, убаво кога ќе им се вклопи во распоредот. Убаво им е кога ги полни со енергија и кога се чувствуваат сакано. Ама скраја да е да треба да работат на тоа да се одржи. Тоа се оние истите кои ја третираат највозвишената работа на светот само како средство за нивно лично и себично задоволство. Како на времето кога се местеа становите. „Каква боја на корици на книги ќе одговараат со Вилеровиот гоблен? Мислам дека црно или темно сиво ќе заврши работа, или за да се разбие монотинијата нека бидат блескаво бели“. Така се купуваа книгите на метар. Од еден до друг крај на полиците...„дај метар и 20 см од белине книги и 60 см (оти имаме и помала полица) од оние со зелен повез. Нека разбие малку де!“.

Ми се случувало, во име на љубовта да простам работи кои ниту на сон не би ги простила или прифатила и сама од себе да направам будала. Е сега, муабетот понатаму ни оди во правец дека емотивните луѓе многу знаат да заглават во улицата на еднонасочна љубов. Оние кои се занимаваат со уметност, тоа го искажуваат на начин на кој знаат и умеат. Со пишување, сликање, музика и сл. Не се рекло џабе дека она што не е добро за срцето на уметникот, е добро за неговата уметност. Оние кои не се бават со уметност или се затвораат во себе или се предаваат на работа, обврски, додека барем малку не мине. Она на што најмногу се задржавме, беше умешноста и способноста на луѓето да манипулираат и да раководат со емоциите...додека не ни светна дека ако нешто не може да се раководи, тоа се емоции. И упорно се трудевме да им влеземе во психологијата или барем да сфатиме на кој начин им работи умот кога можат да прават ON и OFF на љубовта. Дали успеавме? Јок! За да може човек нешто да сфати, треба да го има првичниот сенс за она што е предмет на неговата анализа. Не може чесен човек да ја сфати психологијата на измамникот. Не може некој кој во љубовта влегува како новороденче и верува дека другиот ќе е нежен за да не го повреди, да ја сфати психологијата на она што го заклучивме после саат и кусур муабетење.

Е така некои ја третираат љубовта. На метар, на кило...дај 3 кила од тоа кебапите и 2 кила свински ребра. И едното и другото си има своја крајна цел. Првото за да ја пополни празнината во нечиј живот, оти да се разбереме, ретки се луѓето кои знаат да сакаат без усул и мерка. Тие најубаво љубат. Тие љубат на начин на кој вам ви е убаво, а не се гледаат себе и својот ќеф. Така, ќе ви ја пополнат емотивната дупка во градите и ќе ве сакаат толку убаво, толку ќе бидете совршени во нивните очи, што сами во себе ќе се вљубите гледајќи се себе во нив. Другово има за цел да се наполнат стомаците со евтина храна која секако ќе заврши надвор и ќе отиде со пуштање вода во клозетот. Мене ако ме прашате, познавам такви. И од едната и од другата страна. Ги гледам оние со нежни души кои џигерот си го јадат, ама пустите, не знаат поинаку да сакаат. Ги гледам и оние кои откако ќе се навечераат од џигерот на оние првите, се подзабришуваат и толку. До следната жртва која ќе ја исцицаат. До следното пополнување на нивниот внатрешен празен ѕид со нечии дела и зборови.

Убавото во сето ова е тоа што луѓето кои имаат љубов во себе и знаат како да сакаат не се тршат како книгите на метар и скарата на кило. Тие имаат извор во себе кој секојдневно им ја полни душата со убост.

Лошото е тоа што тие таквите и боледуваат исто толку посветено, колку што знаеле да љубат.

Ако ме прашате, ниту едно боледување не ми било тешко колку што би ме убило да функционирам на кантар. И да, ве препознавам, ве намирисувам сите вас кои сте од мојата страна на приказнава, кои ја живеете таа љубов и само таа ја признавате. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Не знам
не научив љубовта да ја делам
по денови, недели, месеци
или како во месарница
како парче мртво месо да ја измерам
па да тргнам колку ќе ти дадам денес
издинстана на тивок оган
со зачини внатре и посолена
а останатото да го замрзнам за друг ден
не научив на милилитри да ја токмам
па еве
овој месец секоја вечер по една мала чашка
за лека ноќ без мраз, како скап коњак
или пак во сантиметри
чекори
букви или броеви да ја двојам
тоа е моето проклетство,
за сиве овие години не научив
ниту пак посакав за таква љубов да знам
половична и тажна
пресметана и измерена
и затоа ретко љубам
оти сум како дете
оти во себе милост носам колку за сиот свет
и љубам, без усул љубам
со тело, душа, срце
очи и уши, усни и заби
гради и стомак, матка и крв
сета љубов во мене што тлее
душава како хартија ми ја гори
со срцево оган потпалува
како доенче ме исцицува
како ненаситен љубовник
без здив ме остава
како животот ме уморува
како смртта ме покорува
безмилосна како полната месечина
ме јаде, дроби, пеплосува
и дур на коленици ме фрла
знам дека поинаку не умеам да љубам.