Лица со Даунов синдром изработија еколошки крпи со пчелин восок

Крпите се наменети  за подолготрајно одржување на намирниците  во свежа состојба. Со ова сакаме да иницираме замена на алуминиумските и пластичните фолии кои се изработени од тешкоразградливи материјали – велат од здружението „Трисомија 21“

Памучни крпи натопени со природен пчелин восок како и торбички сошиени  од памучен материјал изработија вредните раце на децата и младите со Даунов синдром од Скопје. Идејата  за  овие изработки била да се добие еколошки и квалитетен материјал за прекривање и чување на прехрамбени производи,како и да се избегне употребата на пластичните кеси.

-Познато  е дека пчелиниот восок има антибактериски својства.  Пчелите со запечатување на саќето со тенок слој на восок го штитат медот и поленот  во него. Овие  крпи се наменети  за домашна употреба,  за подолготрајно одржување на намирниците  во свежа состојба. Со ова сакаме да иницираме замена на алуминиумските и пластичните фолии кои се изрботени од тешкоразградливи материјали – велат од здружението „Трисомија 21“.

Торбичките може да се користат за носење на купените намирници  од маркетите, а со цел градење навики кај населението за замена на најлон кесите кои масовно се употребуваат.

Восочните крпи  и торбичките биле изработени во  текот на изминатите два месеца  на неколку работилници  кои се дел од проект поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.


-При изработките,  дечките беа главни со пеглите, беа задолжени за ладењето на восокот како и за средување на ивиците на крпите со специјални ножици. Се опробаа и на машината за шиење.  На овој начин  ние покажеме дека и лицата со Даунов синдром може успешно да учествуваат во активности за иницирање на поголема употреба на природни материјали, а со тоа да ја заштитат на природата  – велат од Здружението.

Крпите и торбичките вчера  попладне беа поделени на минувачите  во трговскиот центар „Капитол мол“ по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Мимоза Петревска Георгиева