Let’s talk about... love

Сите сме со лузни од минатото. Чудна работа ова љубовта, особено кога ќе те тресне во години кога си мислиш дека минало времето за нешто такво. И ете ти беља. Се потсеќаш на дамнешни чувства за кои си мислел оти се само привилегија на младоста. Љубовта на овие години (мислам на после 40-тите) знае да биде напорна. Не сама по себе, туку токму заради лузните кои тешко се забораваат. Па стравот дали срцето ќе ти издржи уште еден пораз, дали ќе го “јадеш стапот” како минатиот пат, чии удари уште ти жежат на грбот, дали ќе се снајдеш и најстрашното....што ако успее?!

Никогаш не сум бегала од љубов. Ретко ми се случувала, ама сум одела во длабокото без помисла дали ќе имам доволно сила да допливам на брегот. И не се каам, за ништо не се каам. За ниту еден пораз не сум помислила дека поинаку би го изодела патот за да се заштитам. Дали е храброст или лудост, не сум уште на чисто. Знам дека поинаку не умеам. Ма што бре не умеам! Не сакам. Не сакам и точка. Не сакам да се ускратам себе од нешто што секогаш за да успее или пропадне, шансите му се 50-50. 

Околу себе гледам многу скршени луѓе. Во очите им се гледа, веројатно и тие истото во моите го гледаат истото. Полни стравови од тоа да се пуштат и да ризикуваат да љубат. Еден паметен човек пред некое време ми рече дека “не е љубов ако ти ја одземе енергијата и ако носи болка”. И тоа е точно. Љубовта по сите правила треба да е движечка сила и полетност која ќе го олесни животот. Романтичните будалаштини од типот “мора да боли, оти ако не боли не е љубов” нека останат во младоста. Љубовта не е и не смее да биде болка. Копнеж-да, страст-да, исчекување и блага трема-да...ама болка?! Зошто дразбата да биде нешто што цица сила, а не да е нешто што дава сила?

Деновиве си ги прегледував песните. 3 книги, со околу 300 песни...абе една да беше мирна и тивка! Не! Мазохизам од највисок ранг. Ми требало вентил за да извадам болка од себе. Не знам да плачам, не разговарам многу. Единствен начин да кажам е да пишувам за она што ме мачи или ме дроби. Долго време не пишував ништо. Скоро година и кусур. Немав веќе што да извадам од себе. Односно, немав веќе што да правам со болката. Ја ставив на околу 600 страници и доста е! Истиот човек со кого дебатиравме за тоа што и каква е љубовта ми рече “а зошто не пишуваш за обични нешта? За љубов, за детето, за сонцето”. Тогаш сфатив дека одамна не бев се свртела околу себе! Тажно, нели?

Денес (сабота) напишав песна, песна за љубов, за копнеж и за страст. Песна која ја извадив од себе за неполни 10 минути, во еден здив и без тежина. Песна која при второто читање не ми создаде мачнина и ми даде спокој. Таквите ги имам малку, на прсти се бројат. И знам дека можам...знам дека знам така да пишувам. Ама само ако ми се сака. 

За љубов треба храброст. Тоа го научив низ годините. Не само за да се љуби, туку и за да се справи секој со своите демони. Полни сме суета, предрасуди, уплав, сомнежи. Во ред, легитимно е да ни е страв. Сме биле повредувани, изневерени и физички и емотивно, како луѓе, партнери, љубовници. Стравот е сосем природна работа, но не е оправдување за самотија и страдање. Стравот треба да е поттик за да се соочиме со она што не’ кочи во животот и да најдеме начин за да го надминеме. Знам дека звучи утопистички и нереално. Ама вреди да се проба. Ако ништо друго, не сакам да се каам дека не сум пробала.

Додека го пишувам ова (на моето шарено место), пред мене е љубовен пар од околу 20 и нешто години (слободна проценка). Сосем несвесни за тоа што ќе им донесе животот, дали ќе останат заедно или не, дали ќе им успее. Живеат за овој миг, кој патем речено, е таков за мерак да ти е да ги гледаш. Зошто и ние постарите не поднаучиме нешто? Зошто мора да се оптеретиме со тоа што ќе донесе утрото или следните неколку години? Па љубов е бе луѓе, не е бизнис план кој мора да има чекори кои ќе се предвидат однапред. И вака и така, ќе мора да се научиме да фатиме ист ритам на чекорот. Полека, се учи и тоа. Само ако се сака и се има сила. Се учи табиетот на другиот, па нека има и караници, ама основата да е мир!

Љубов е ако не боли.

Љубов е ако е нежна...и во сета нежност има страст.

Љубов е ако стравот е нешто што ќе не’ направи доволно упорни за да го победиме.

Љубов е ако во Тој и Таа спие едно Ние.

Мегаломан сум. Сакам се’. Сакам пријателство, поддршка, водење љубов, смеа, надмудрување, караници. Сакам се’ додека тоа се’ ме држи на неколку сантиметри над земја. Сакам кога некој ќе извади од мене песна (ако веќе така го нарекувате она што го пишувам) што ме прави да заборавам дека наближувам накај петтата деценија од животот. За мене, срцето и очите не стареат. Сакам кога можам себе да се видам млада во нечии очи и кога во моите некој ќе најде спокој.

Отворете ги срцата. Не сме со неограничен рок, не сме тука за навек. Никој никогаш не знае што го чека следниот миг. Не дозволувајте последните мисли да ви бидат дека сте можеле поубаво или подобро. Не давајте промашените избори да направат да станете скржави и пресметливи во она што го давате. Љубовта нема да ве истроши, па макар и да не ви е возвратена. Давањето само по себе полни. Ваше е само она што ќе го дадете, не она што ќе го земете.

Ете, тоа научив периодов. 

Болката и лошото искуство да не ми бидат изговори за да си го заклучам срцето. Да сакам...да љубам. Себе, пред се’. И да не бегам кога на повидок ќе е нешто што ќе ме заскокотка. Оти љубовта не е нешто што се случува секој ден. А денес? Денес е можеби токму тој ден. Зграпчете го и живејте го.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ми шеташ низ умов

Како низ непознат град

Кој сега почнуваш да го откриваш

И во секое ќоше ми се пикаш

Ѕиркаш дури и онаму каде што пишува “стоп”

Каде што имам црвени ленти ставено

Со леснотија ги прерипуваш

Дури и се смешкаш на мојата наивност

Дека тие препреки можат да те сопрат

Или чекорот да ти го забават

И не ми се плашиш кога се муртам

Кога како дете усните од гнев ги стискам 

Или кога врескам од што немоќна сум да те спречам

Туку ете

Смирено ми шеташ низ умот

Без брзање и без мапа

Како на место кое го познаваш

Од некој дамнешен, претходен живот

Во кој (за среќа или жал) не сме се сретнале

Сигурен во чекорот

Со лекост во одот

И некојпат

Ете некојпат 

Од тебе не можам ниту да подголтнам

Оти срцево ми прескокнува

А чука во ритам кој едвај го издржувам

Та те намирисувам 

Зад сите мириси кои некој некогаш ги оставил во мене

Твојот знам да го уловам

Како мој да бил отсекогаш

Иако знам дека во оваа приказна

Те оставам ти ловецот да бидеш

Без да мрчам

И без да се натегам кој од нас двајца поголем маж е

Ми шеташ низ умот

И телото ми го запоседнуваш

Во утробава лежиште си правиш

Низ матката ми ровариш

И ме потсеќаш како жена повторно да бидам

Удобен во својата самоувереност

И уверен во мојата желба по тебе

Мислите ми ги гледаш

И упорно само ми се смешкаш

Оставајќи снагата да ме дроби

И низ денот да те мислам

Додека ти драги мој

Низ умов ми се шеташ

Полека

Нежно

Полека и нежно