,

Лекарска грешка му ја одреди судбината, но тој е најпозитивното момче што ќе го запознаете: Интервју со Еркан Ќаил

Судбината често си поигрува со животите на луѓето, некогаш толку често, што не тера да се запрашаме со што сме го заслужиле тоа. Сепак додека минува животот сфаќаш дека тој не ти дава повеќе од она што можеш да го издржиш, а токму 28-годишниот Еркан Ќаил е потврда за тоа. Неговата животна патека е тешка, но инспиративна. Поради лекарска грешка станува инвалид на 15 години, но и покрај препреките кои животот постојано му ги сервира Еркан е полн со позитивна енергија која несвесно ја пренесува на луѓето околу себе.

Во моментов, поради повторна игра на судбината (несреќа при пад на лифт) е на рехабилитација во Заводот за физикална и медицинска рехабилитација во Скопје, каде е презадоволен од вработените кои му помагаат што побрзо да се заздрави и да се врати на своите секојдневни обврски.

* Раскажи ја својата животна приказна пред и после средбата со инвалидската количка?Како дозна за дијагнозата?

- Јас кaко и сите други деца се родив право здраво бебе и навреме си проодев, си трчав, си играв фудбал, едноставно се беше во ред. При една здравствена контрола испадна дека резултатите не ми се добри, па помислија дека имам нешто на црниот дроб.  Лежев на инфективно одделение, следеа диети и мирување. Не требаше да се преморувам.  Јас тогаш одев, се беше во најдобар ред, се додека после некое време почнав да чувствувам слабост, па да паѓам, немав сила да станам како сите други деца. Плачев за да одам на училиште, многу сакав да учам. Почнав да одам на прсти, но немав рамнотежа, пак често паѓав и тамошните доктори предложија да ме прегледа физијатар. Со мене носев историја од 10 години лекување на црниот дроб, па физијатарот се фати за глава. Дете лечено од цироза, а тоа има болест на мускулите. По сите испитувања дознавме дека имам болест на мускулите- прогресивна мускулна дистрофија. Наместо цело време да имам терапии и да бидам физички активен, тие ми велеа да мирувам и да не се преморувам. Така до 15 години се движев, па постепено не можев, и на крај морав да седнам во количка. На почетокот беше тешко, но со тек на време се навикнав. Едно време не ми се ни излегуваше од дома, ми беше срам што ќе речат луѓето, како ќе ме прифатат. Набрзо запознав друштво што секаде ме дружеше, не ме двоеа и така се олабавив. Почнав да излегувам, да се дружам и сфатив дека тоа е што е и морам да продолжам да живеам и да мислам на добро. И така сега сум дури и повеќе активен од некои сосема здрави луѓе.

Еркан како дете

* Како еден тинејџер како тебе тогаш, се соочи со реалноста дека целиот свет ќе му промени?

- На почетокот беше тешко, но со тек на време се навикнав. Едно време не ми се ни излегуваше од дома, ми беше срам што ќе речат луѓето, како ќе ме прифатат. Набрзо запознав друштво што секаде ме дружеше, не ме двоеа и така се олабавив. Не ти е сеедно што не можеш да правиш се што си можел, но едноставно го пифаќаш тоа. Почнав да излегувам, да се дружам и сфатив дека тоа е што е и морам да продолжам да живеам и да мислам на добро. И така сега сум дури и повеќе активен од некои сосема здрави луѓе.

* Како твоето семејство и околина ја прифатија твојата попреченост?

- На моето семејство му беше многу тешко, но секако дека ме прифатија најдобро што може, ми помагат и прават се за мене.  Од околината, на некои им сметаше тоа што сум таков, но многу ме прифатија таков каков што сум. 

* По што го паметиш детството, каде го помина, додека пак по што ги паметиш средношколските денови?

- Поголем дел од детството најчесто го поминав по болници, каде ме лечеа погрешно, бев ограничен да бидам ко другите деца. Постојано на идети и да не се изморувам. Инаку се останато беше нормално, одев, тргав и играв фудбал се до тој момент. 

Средно училиште завршив во економско во „Арсени Јаков“, но имав потешкотии, немајќи пристап, ниту лифт рампа. Наместо да посетувам кабинетска настава на долниот спрат, тогашната директорка не го дозволи тоа и требаше да се префрлам вондредно. Благодарение на другарите од клас кои се нафатија да ме качуваат до улилница, тоа не се случи.

Со одбојкарскиот клуб „Работнички“

* Дали досега си се соочил со стереотипи за твојата состојба? 

- Да секако, особено на Балканов, секогаш имало и ќе има предрасуди. Секогаш поразлично гледаат на работите, ги двојат луѓето. На пример не можат да разберат како јас во таа состојба работам, тренирам и сум дел од ноќниот живот и како сум опкружен сотолку познати и убави луѓе.

* Какво е живеењето во инвалидска количка во Македонија, првенствено во Скопје каде што живееш ти? Колку се снаоѓаш сам да отидеш некаде, дали користиш јавен превоз? Колку е тешко од финансиски аспект да се купи количка и слично? 

- Живеењето во инвалидска количка во Македонија е малце тешко, бидејќи нема секаде пристап, скоро секаде има скали, нема лифтови, нема пристапни тоалети, па се снаоѓам сам тоа штоможам, а за другото со помош на луѓето околу мене. Користам јавен превоз, но ниедна рампа не работи за да се качиш сам, мора некој да ти помогне... некогаш шоферите, но тоа е реткост, зависи од шоферот. Има и луѓе што секогаш помагаат. а о,а о шофери што не се ни помрднуваат од столчето и мислат дека летајќи сам ќе се качиш. Ако рампите би биле функционални, луѓето со количка сами ќе може да се движат и возат со јавен превоз.

Од финансиски аспект, ако не работиш е тешко да купиш моторна количка која што чини над 2ипол илјади евра, па и да работиш е тешко. Тоа е исто ко кола да треба да купиш. Преку фондот ако не учиш или работиш не ти следува количка. А тоа не значи дека тие што не учат или не работат треба да седат дома.

Еркан на своето работно место во НЛБ нов пензиски фонд

* Раскажи ни за твоето патување во Шведска, но и за оној страшен момент со лифотот кога се врати во својот роден град?

- Па имав престој во една од најубавите држави во светот во пристапот на лицата со инвалидска количка. Неверојатно е колку многу вложиле и им олесниле на овие лица, имаат пристап насекаде, во секоја институција пред се, а и во јавен превоз. Според мене е број еден во секој аспект за лица со посебни потреби. Таму го имав најдеталниот преглед за мојата болест. Никаде ме немаат така прегледано, ми кажаа се што ме очекува. Понатака требаше да останеме и за терапија, но бидејќи немавме престој како државјани, не успеавме да останеме. Лек за мојата болест се уште нема во цел свет, бидејќи е многу ретка и се уште се истражува.

Кога се вративме дома во Македонија, во куќата каде живеевме на втор спрат, направивме лифт за да можам полесно да се движам, бидејќи претходно имаше само скали и бев постојано на терет на другите. Цели 4 години го користев секој ден, се додека не се случи несреќа. Поради дефект на лифотот и кинење на сајлата  качувајќи се нагоре, таман стигнав и требаше да излезам од лифтот, паднав од височина од 5 метри со лифт и количка. Од падот имам повреда на кучмата и колкот, но за среќа количката ме заштити делумно, а таа се искрши од падот.

Во диско со своите пријателки

* Твојата попреченост во движењето не те спречува да одиш на работа во НЛБ банка. Кажи ни како се вработи на ова работно место, која функција ја извршуваш? Дали клиентите се зачудени од твоето работно место?

- Да, тоа секако не ме спречува да одам на работа. Имаше проект за луѓе со попреченост да видат како би функционирале на пракса во некои фирми. Јас бев дел од 20 такви луѓе, и поради моето средно економско образование бев предложен да почнам на пракса во НЛБ Нов Пензиски Фонд. Бев ентузијастичен, сакав да пробам такво ново искуство, да запознаам нови луѓе, и иако никој не ми вети дека ќе се вработам, јас на тие 3 месеци гледав како предизвик. Ги извршував сите задачи што ми беа дадени од претпоставените и со жал ги броев деновите преостанати на пракса, велејќи: Еј, уште малку, толку од мојата убава авантура. Ппрекрасно ме прифатија, но не очекував да ме вработат, па затоа кога ми понудија договор за работа, мене не ми се веруваше и бев пресреќен. Наводно добро сум се покажал на три месечната пракса и така јас бев единствен од 20-те луѓе на пракса кој доби работа. 

Сега сум вработен во НЛБ нов пензиски фонд. Додека бев на пракса бев технички помошник, и ми предложија да полагам за лиценца за агент за пензиско, каде се усовршив во мојата работа и извршувам задачи како и сите други мои колеги. Со таа лиценза во секторот за продажба, јас сум агент за пензиско во НЛБ нов пензиски фонд, значи склучување на договори, исплата на пензија, а освен тоа сум во секторот за маркетинг и грижа на корисници, каде јас ги информирам клиентите за новитетите, за законските измени, за нивните за нивните потреби.

Искрено повеќето клиенти беа зачудени, дури и некои од моите пријатели не можеа да сфатат како јас сум се вработил, мислејќи дека не можам во таа ситуација да ја извршувам таа работа, но напротив од моите претпоставени добивам пофалби дека и јас како сите други ги извршувам моите задачи дури и поажурно и тоа секојдневно ме мотивира.

Со познатиот фудбалер Роберт Левандовски

* Препознатлив си и по твојот супер стил. Секогаш си супер среден, било да станува збор за спортски изглед или пак костим за работа. На што се должи тоа? Дали сакаш шопинг? 

- Во крвта ми е да бидам секогаш среден, дотеран, педантен, макар и да не одам никаде. Многу сакам одење на шопинг, а и кога се дружиш со познати и убави луѓе, секако и ти гледаш да изгледаш убаво покрај нив. Кога работиш во банка, треба да бидеш претставителен пред се, па така и луѓето те гледаат поразлично.

* Обожаваш спорт, поддржуваш спортски настани. Од каде таа љубов кон спортот. За кој тим навиваш? 

- Да, поддржувам и пратам секаков спорт, почнувајќи од фудбал, па кошарка, ракомет, одбојка, бокс, фитнес... Таа љубов е од мал, играв фудбал додека можев, а и потекнувам од семејство, во кое вујко ми Мирче Опеловски е каратист и првак на Југославија во карате, исто така и мојот чичко Неат Каил е поранешен фудбалер и тренер на „Слога Југо Магнат“ познат по прекарот Токо. Иначе навивам за Манчестер Јунајтед, а во Македонија сум за Работнички.

Со неговиот пријател и познат наш репрезентативец Елиф Елмас

* Фудбалерот Елмас е твој пријател од детсвото, често споделува фотографии со тебе. Пред извесно време те посети во болница каде моментално се наоѓаш и ти подари дрес. Што беше поводот за неговото доаѓање? 

- По несреќата со лифтот сум на рехабилитација во Козле. Елмас е еден од моите верни пријатели кој што најде време да ме посети иако не е тука, како што знаеме игра во Наполи во Италија. Беше тука со репрезентацијата на Македонија во карантин, ноги замолил да го пуштат за да ме види. Ми подари дрес од Наполи кој фалеше во мојата колекција ( имам и од Работнички и од турскиот клуб Фенербахче). Го знам уште како дете, кое работеше и се трудеше да успеее, додека неговата генерација другари излегуваа по ноќни клубови, шетаа и правеа глупости, Елемас беше посветен само на фудбалот и така и успеа. Кога играше во Македонија за Работнички и националниот клуб, јас ни еден натрпевар не му пропуштив, секогаш го бодрев. Елмас првиот гол во македонска лига го посвети на мене, исто како и првиот гол во Европа како најмлад играч беше посветен на мене, и го прослави со мене.

* Кои се твои хобија. Што сакаш да правиш во слободно време? 

- Во моето слободно време сакам да шетам, да бидам опкружен со добри луѓе и убави девојки, да се возам со бесни коли и да бидам дел од секој спортски настан и да имам слики со познати спортисти и спортиски, како и да запознавам познати пеачи и пејачки, имам фотографии со половина српска естрада, а дури и со Енрике Инглезијас.

Со српската пејачка Едита Арадиновиќ

* Како поминува еден твој ден, од утро до вечер? 

- Едно мое утро поминува во доручкување и подготување за на работа, па одење на работа. По работните обврски одам на тренинг, вежбам во теретана и ако има некој спортски настан јас сyм таму. Вечерта ја поминувам во дружење, на кафе со моите пријатели.

* Важиш за секогаш насмеано и позитивно момче. Од каде црпиш енергија и мотивација?

- Енергија и мотивација црпам од луѓето околу мене. Кога си опкружен со добри и убави луѓе, се е подруго, па колку и да е тешко мораш позитивно да гледаш на работите колку и да ти е тешко одвнатре, треба секогаш да си насмеан и позитивен.

Даница Караташова