„Купи“ си го мирот

Татко ми секогаш вели дека она што можеш да го купиш е секогаш евтино. Оди и купи си го мирот, да те видам. Не, тоа е нешто што крваво се заработува, а уште поголем напор треба за да се зачува. Кога велам мир, не мислам само на внатрешното чувство на задоволство, туку и на сонот. Долго време ми требаше за да спијам мирно. Однатре ме глодаше чувството на немоќ, на изиграност, на повреда. Долго време ми требаше за да расчистам со себе за многу работи. Да си ја скротам суетата дека можам сѐ да предвидам и да контролирам. А сум, признавам дека сум контрол фрик. Најмногу за себе. Да контролирам дека сѐ што ќе ми влезе во животов ќе е добро за мене. Успеав? Јок и тоа ЈОК со големи букви.

Мене е лесно човек да ме излаже, затоа што секој тргнува од себе. Она што кај мене го гледате, токму тоа ќе го добиете. Кратко истрижена црвена глава чии мисли се секогаш на мегдан. Таа црвена глава не лаже и не манипулира, затоа што низ животот научила дека штетата која некому ќе ја стори е помала од онаа која себе ќе си ја нанесе. Башка, мојава црвена глава е мрзлива за да памти лаги и манипулации. Животот ми изгледа прилично краток за да го арчам, смислувајќи како некого ќе насанкам. Сакам да имам мир, оној кој потекнува од мене и важи за мојот квалитетен сон. И искрена да бидам, згрозена сум од луѓе кои во очи те гледаат и лажат за сѐ и сешто. На таквите им посакувам да си го тераат филмот (под претпоставка дека знаат каде тераат) и да се држат што е можно подалеку од мене.

Немам време. Искрено, немам време за губење. Немам време за решавање равенки, трчање низ лавиринти. Здравјето не ми е ко порано, годините си врват, а секој миг поминат со убави луѓе ми станува бесценет. Имав една интересна дискусија во која човек, кој само што ќе зине-лаже ме убедуваше дека е добар човек. Хмммм. Не ве прави добри луѓе ако сликата за вашата добрина е лажна. Не те прави добар сопруг или сопруга ако другата страна нема поим дека ја изневеруваш. Тоа се вика неинформираност, а не добрина. Не те прави добар родител ако само трчаш за детето разнесувајќи го налево-надесно, а му всадуваш погрешни вредности. Добрината човечка не е во тоа да создаваш лажна слика за себе пред другите, туку да живееш чесно. Не си добар партнер ако имаш којзнае колку фејсбук профили и имејл адреси, акаунти на инстаграм и 6 телефонски броеви, а дома глумиш посветеност до првата кривина кога скришно во кафана се расфрлаш со лажни вредности.

Порано тоа ме стаписуваше од шок. Следната фаза ми беше згрозување, а сега сум во фаза кога во себе само ставам две цртки во форма на икс. Било да сте мажи или жени, веќе ги препознавам знаците. И можам само да ви порачам да ги следите и да ги држите очите отворени. И секако, да реагирате навреме. Решив да си дадам себе одмор. И тоа убав, подолг одмор од сите оние кои на било кој начин ми го контаминираат животот со својот отров. Токсичните луѓе имаат потреба и желба да ве отрујат. Тоа носи за нив поени, тоа им станува и смисла на живеачката, оти друга немаат. Таквите луѓе се задоволуваат и цветаат дури и со вашите негативни чувства кон нив. Таа храна за нив е сосем доволна...до следната жртва.

Го оставив Скопје зад себе. Дојдов во Охрид, во мир за да се најдам себе, да дишам воздух во кој ја нема онаа застоеност од луѓето кои без апсолутно никаква заслуга и/или дозвола од мене си дозволија да ме трујат. И функционира. Моментално седам во Шила. Паметите од лани? Тоа е она прекрасно место во кое се заборавате од убавина. Потполно некомерцијално, стокмено со љубов, во кое музиката е душата на кафулето, а не е за да се привлечат што е можно повеќе гости. И што е најубаво, секогаш е полно. Ама полно е од и со убави луѓе со кои можам, а и не морам да муабетам.

Токму овде, во среда на 19-ти Јуни ќе ја правам промоцијата на моите две нови детски книги. Само еден ред муабет со газдите и сѐ беше договорено. Тука сум како дома, тука дишам. Муабетите за анимозитетот меѓу скопјанчиштата и овдешните жители е останат само на ниво-виц. Овде сум дома, своја, онаа Ана која не само јас, туку и вие ја сакате.

Мирот не се купува драги мои. Инаку би бил лажен и би траел до првото изгрејсонце. Мирот се стекнува со пот, со чукање на главата по стопати, од учење на сопствените грешки (оти нели расчистивме дека јас од туѓите не знам да учам).

Мирот е оној кој ќе ви го подмлади ликот. Она што може љубовта кон себе да го стори, ниту еден ботокс не го може. Наместо да трчате по вештачки творевини и да се надградувате со нешто што има краток рок, пробајте да го направите тоа на потешкиот начин. Обично тоа е и подолгорочно.

Прво, тргнете отровот од себе. Кажете едно чао или уште поубаво, едно f**k off на оние кои ве искористуваат на секој можен начин.

Второ, тргнете го отровот кој се наталожил во вас, а ви го наметнале оние од точка број еден. Не станувајте како нив, вие имате цел и смисол. Не бидете она што го презирате кај другите. Само тргнете ги и оставете ги да се прпелкаат во своите валканици.

Трето, бидете благодарни за секој ден во кој ќе се разбудите здрави и живи. Не се жалете колку сте стари, оти некои ја немаат таа привилегија да остарат.

Четврто, завртете се околу себе. Ќе видите дека има многумина како вас, со вашите критериуми за арно и лошо, со исти вредности во животот. Чувајте ги и сакајте ги.

Петто, верувајте во љубовта оти таа секогаш доаѓа тогаш кога ќе ослободите место за неа. Значи, тргајте ѓубрето и засадете трева и цвеќе. И не си дозволувајте заради џукели да бидете огорчени.

Памтете, без мир во себе немате ништо. Може да пливате во пари и признанија....џабе.

Може да изигравате фраери и јаки женски...ако сте расипани, не чините. Едноставно е така, не чините, ниту за себе ниту за било кој околу вас.

И за крај, нема поголема победа од онаа врз сопствените демони. Откако ќе ги скротите за да мјаукаат како мачиња, ќе вдишете поинаку. И ќе издишете љубов. Кон себе, кон светот. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Диши

а потем полека издиши

и не

не се обидувај да објасниш

барем не со зборови

тоа е исто како за љубовта да се говори

непотребни монолози

реплики и дијалози

диши

и остави да излезе

да се види светлината

оти секој човек свети

однатре

и однадвор му се гледа

по ликот и чекорот

по она што во себе го носи

диши

и вдиши

она што со мир душа ќе ти наполни

и издиши

мирот пушти го на слобода

како птица, како ветар

како небо сино, како љубов

и трепет нека остане

диши

слобода диши

и нека те разигра

како бран нека разбранува

како плима и осека во тебе

и издиши ја

подари ја

како себе со неа да се даваш

диши

диши

диши