Куќата на Атиџе ќе добие нов кров: Ѕвездата од „Медена земја“ конечно ќе има нормални услови за живот

Ѕвездата од нашиот оскаровски документарен филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, која отсега ќе има нормални услови за живот во селото Дорфулија, денес оствари средба со потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, и со Санела Шкријељ, заменик-министерка за труд и социјална политика. 

- Имавме можност да се запознаме со прекрасната Атиџе од „Медена земја“. Атиџе за сите нас е национална хероина и најмалку што можеме да направиме е да ѝ обезбедиме услови за достоинствен живот - вели Петров.

Тој е особено среќен што Општина Лозово и Градоначалникот Ацо Велковски ќе се погрижат за кровот на куќата на Атиџе во село Дорфулија. 

- Атиџе ти си жив пример за одржливост и ти благодариме за сите животни лекции, но најмногу за „задржи половина за себе, а другата половина остави им ја на пчелите“. Единствено следејќи го твојот пример можеме да го зачуваме светот за генерациите кои доаѓаат после нас - напиша познатиот автор и ПР експерт.

Вчера новинарот Фуркан Салиу на „Фејсбук“ објави видео од кое може да се види како изгледа куќата на Атиџе. 

После силната порака што ја испрати до целиот свет, мислам дека барем малку не' задолжи сите нас. Кој сака да донира подолу го има линкот, а ако некој сака лично да ѝ помогне, ќе ја најдете на 60 километри од Скопје, близу Лозово. А замислете колку добро ќе беше 24 министри да донираат 20% од платата за овој месец за личност како што е Атиџе - напиша новинарот.

Атиџе и целиот тим кој работеше на „Медена земја“ овозможија нашата земја по цели 25 години да се натпреварува за најпрестижната филмска награда и да испишеме историја со дури две номинации. 

- Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето - претходно изјавија креаторите на „Медена земја“.

Ѓ.С.

Фото: Фејсбук профил на Коста Петров