Кристина Арнаудова: Работиме турбо и нема да престанеме, на многу деца сме им потребни

Македонската пејачка Кристина Арнаудова, за Женски магазин зборува за последните активности на здружението „Проект Среќа“, дали здружението работи сега во време на коронавирусот, што ново вовеле како игра и забава во домашната изолација со семејството, но исто така Кристина ни откри кое е нејзиното мислење за хејтањето на граѓаните на нејзината иницијатива да излеземе сите на балкон и да аплаудираме за работата на медицинските/здравствените работници.


·  Кои се последните активности на здружението „Проект среќа“?

Кај нас има постојано голем број активности. Актуелно е ,,Топол дом за сите,, со кој проект почнавме во декември, и градиме или реновираме домови на семејства со деца кои живеат во исклучително тешки и нехумани услови.

Заради актуалните случувања со корона вирусот и привременото запирање на сите активности, низ скоро цел свет, и ние сме на пауза со овој проект. Но, пак затоа постојано сме ангажирани да обезбедиме храна и хигиенски средства за огромен број семејства кои заради ситуацијава останаа без примања...Во „Проект Среќа„ секогаш има многу работа, и желба да се помогне. Едвај чекаме да заврши оваа состојба и да се вратиме во нормала.

·  Колку лица ќе опфати проектот, односно колку лица ќе добијат дом, преку проектот?

Планот најпрво беше месечно да правиме по една куќа, да реновираме или градиме. Една веќе завршивме, можете да ја видите на нашата фб страница. Кога ќе заврши кризава ќе продолжиме. Јас немам намера да го згаснам тој проект. До кога ќе има донатори, до тогаш ќе градиме. 


·  На колку лица/деца имате помогнато?

Уф, бројката во овие 5 години е огромна....ние имаме регистар од 1200 деца од цела земја, кои живеат во некоја од категориите социјален ризик. Годишно во проектите се вклучуваат од 1.000 до 3.000 деца (зависно колку е голем проектот)....Ние сме здружение со фокус на социјални услуги, неформално образование, образование, култура, таленти, забава, односно се кое на децата во социјален ризик им недостига. Но имаме и хуманитарни акции во храна, облека, училишна опрема.....Гледаме да им се покрие секоја потреба која квалитетот на нивното живеење ќе го нарави подобар.

·  Дали граѓаните, сами ве контактираат за помош?

Најчесто да. Но, како што кажав ние имаме наш регистар, и за се што нудиме, што е ново, ги известуваме сите деца, родители, па тие се вклучуваат во она кое сакаат и можат. Преферираме да помагаме на луѓе кои лично ги знаеме, каде веќе сме биле, и каде детално ја знаеме состојбата. За жал последниве години огромен број граѓани се научија да живеат од хуманитарна помош, постојано од сите здруженија бараат, одбиваат да работат, и заради тоа мерките за заштита, годинава ќе ги зајакнеме. Навистина е жално, едни да немаат никаква помош, а други да живеат само од донации.

·  Идни планови на здружението?

Па имаме многу....да сме здрави и живи. Мојата желба е „Проект Среќа“ да има канцеларии низ цела земја. Да имаме бесплатни училишта за музика и драма низ цела земја. Да нема несреќни деца! И знам дека можам,со малку поголема поддршка од општеството.

·  Во време на изолација, работи ли здружението?

Како што кажав, работиме турбо, има многу деца и семејства на кои сме им потребни, не смееме да застанеме.


Земјава и светот, во моментот се соочуваат со злото наречено коронавирус, една од мерките за заштита од вирусот е домашната изолација, ја прашавме Арнаудова што прават заедно со семејството во услови на изолација, дали вовеле нови игри, а таа ни одговори: „Се навикнавме веќе, си имаме рутина....играме, вежбаме, учиме, пееме и свириме...заедно готвиме....Убаво ни е!. Играме пантомима, криенки, цртаме, правиме фигури, секој ден нови идеи.“

Кристина вели сега работи од дома, но дека е се’ успорено, па така и нејзината работа, но оти сега приоритет е да сме здрави и живи и ова да помине.

Ја прашавме пејачката дали сега им дозволува работи, кои досега не им биле дозволени на децата за занимација и исполнет ден, а Арнаудова одговори дека започнала Максим да го учи да готви, а пак Матео по цел ден нешто сечел со ножичките, но дека тоа го прави среќен и сега е дозволено.

Пејачката апелира до граѓаните да седаат дома, да бидат одговорни и без паника. Граѓаните да сфатат дека ова што се случува не е игра, илјадници луѓе умираат дневно. Од нас зависи дали заразата ќе се прошири!


·  Исто така, имавте иницијатива пред некој ден, за да излеземе сите на балкон и да аплаудираме за работата на медицинските/здравствените работници. Но, оваа ваша иницијатива доби многу хејтање, ваш коментар по оваа тема?

Во оваа земја се што се прави е хејтано. Ако пееш си лош, ако си хуманитарец, глумиш, ако не си, тогаш си себичен, ако си обичен човек си лузер, а ако си директор си лижач на задници и криминалец, ако имаш идеи за делење среќа, ти летнало пилето (така мене на мојот профил ми пишуваа). Јас сум навикната на ова сосема. Од кога памтам е исто. Токму затоа веќе сосема ретко пишувам на фб, а и скоро да не се појавувам никаде. Не ми е потребна таа енергија. Имам свој свет, семејство, мои луѓе, работа, кариера, среќни сме...правиме убави нешта, ја менуваме реалноста за многу луѓе. Негативноста на луѓето нема да ме спречи. Но сепак, таа деструкција е она кое не ни дава да мрднеме. Количините на негативна енергија се секаде околу нас, само отворете коментари на постови, на некој портал, ќе ви стане јасно се...


Н.Миланова

Фото: Фејсбук