Коцка - симбол на едно време

  Излегоа во училишниот двор. По неколку минути, пристигна модерен двокатен автобус и од него слегуваa нивните другари од Франција. Секој кога ќе го здогледаше другарот, трчаше да се поздрави, прегрни и избакне. Мими и другарка ѝ Лина, учеа во ист клас и ги чекаа нивните другарки Ани и Мишел. Кога нивното училиште го започна проектот „Чиста планета“, се пријавија заедно во проектот со други ученици. Ист проект работеше едно училиште од Франција и училиштата се збратимија и учениците заедно со професорите ја посетија Франција. Беа сместени кај нивни другари, Мими кај Ани, Лина кај Мишел. Во текот на престојот со Ани и Мишел развија топло, искрено пријателство и потоа, секојдневно комуницираа преку социјалните мрежи. Затоа, со нетрпение Мими и Лина ги чекаа другарките Ани и Мишел. Прво слезе Ани, а потоа и Мишел. Ани беше преубава со нејзините сино-зелени очи и црвена коса. Мишел беше црна со кафени очи. Кога ги видоа истрчаа накај нив, ги гушнаа и избакнаа и влегоа во училиштето.

  Одговорните наставници од проектот ја презентираа програмата за сите денови. Таа беше богата, со разни работилници, излагања, прошетки низ Скопје и околината, разговори и анкети со граѓани од областа на екологијата. Завршија доцна попладне. Мими и Лина живееја во иста зграда и тргнаа дома сите заедно пеш за да им ја покажат Општината Карпош на гостинките Ани и Мишел.

  Одејќи по булеварот и гледајќи ја по пат оваа урбанизирана Општина со архитектура од различни стилови која совршено се вклопуваше со новите градби, уредена со дрвореди, тревници, цвеќиња, заклучија дека Општина Карпош изгледа како дел од светска метропола. Стигнаа до Лептокарија и Лина им објасни дека така се вика населбата. Влегоа во влезот од зградата. Се разделија и се договорија приквечер да се најдат пред Коцка.

  Родителите на Мими, брат ѝ и кучето Леси со насмеани лица ја пречекаа Ани. Трпезата беше полна со македонски специјалитети. На Ани, целиот пречек ѝ се допадна и бликаше од радост. Веднаш се јави кај родителите, сликаше сè и им ги испрати сликите.

  Приквечерта излегоа на тераса. Од таму се гледаше планината Водно, Милениумскиот крст, кој го осветлуваше зајдисонцето и му даваше блескав, мистичен сјај.

  Во еден миг, Ани погледна долу на земјата и виде насобрани купчиња момчиња и девојки околу клупите и зачудено ја праша Мими: „Што се случува овде“? Таа ѝ одговори: „Ова место се нарекува Коцка. Ние секоја вечер се собираме на Коцка кај кафулето „Ревиста“. Таа е дел од нас, од нашиот живот. На Коцката се дружиме, забавуваме, одмараме, шириме познанства, се советуваме. Коцката во моментов е култно место за собирање на младите. Многупати се организираат работилници за цртање, пеење, прва помош, разни настани. Се создаваат другарства, симпатии, први љубови. Местово е многу бериќетно, заживеа откако се нарече Коцка. Во неа се вткаени многу тајни и кога би прозборувала Коцката таа би можела да напише животен роман“.

  Ова сознание ја заинтригира Ани, која продолжи да зборува: „Јас многу сакам да се дружам. Жалам, кај нас ние сме многу отуѓени и немаме такво другарство меѓу нас. Убаво е кога со твоите блиски другари контактираш, се консултираш, советуваш, се дружиш“.

  Слегоа долу на Коцка заедно со Лина и Мишел. Кога ги видоа гостинките на сите им беше многу мило. Ги запознаа Ани и Мишел и разговараа со нив како да се познаваат отсекогаш. Се разбираа малку на француски, а повеќе на англиски. Се шегуваа, ги нудеа со грицки, сокови, вода, кока-кола. Се сликаа со нив на мобилните телефони. Ани и Мишел беа ѕвезди на вечерта. Не можеа да се изнарадуваат. Им објаснуваа на сите дека се среќни што дошле во посета и виделе еден поинаков начин на дружење. Еден нивни другар Аце беше срамежлив, повлечен, но црташе беспрекорно и на Коцката секогаш носеше прибор за сликање. Вечерта кога ја виде Ани се загледа во нејзините сино-зелени очи. До крајот на вечерта, почна да разговара со неа дури и се шегуваше и ѝ викаше: „Вакви очи со боја на планинско езеро не сум видел досега“.

  Вечерта доцна си дојдоа. Мајка ѝ на Мими, Нена, ги чекаше да поразговараат. Кажа дека знае француски, но ако згреши нешто Мими ќе преведе на англиски.

  Нена ѝ кажа на Мимида ја праша Ани дали ѝ се допадна дружењето на Коцка. На Ани очите и светеа како езерски капки и им одговори: „Срцето ми е исполнето со љубов. Би седела до утро и би се забавувала на Коцка. Не, би седела бесконечно. Се чувствувам среќно“. Мими ѝ одговори: „Ани, јас секоја вечер се чувствувам среќна. Опкружена сум со мои врсници и заедно споделуваме настани, желби, искуства. Секогаш некој ќе ти даде совет, или некое решение на проблемот. Убавината на дружењето е што си исполнет со љубов и почит и ти се обрнува внимание, затоа си среќен“.

  „Ани“, се надоврза Нена: „Кога бев дете, живеевме во мали куќички, со дворови преполни со цвеќе, овошје и зеленчук. Цел ден бевме на улица и игравме, челик, џамлии, плочка, ластик“. Не обрнувајќи внимание на чудењето на Ани, таа продолжи: „Игравме сами, растевме безгрижно, имавме фантазии, идеали, соништа и верувавме дека ќе ни се остварат, а срцата ни беа исполнети со љубов. Кога потпораснавме почнавме да одиме на корзо, што е слична форма на Коцката но, целта е единствена – дружење!“ Нена го извади албумот и ѝ покажа неколку слики од тоа време. Ани се изненади и на глас зборуваше: „Сè ми е необично. Кај нас сè е различно. Колку убав живот имаат овде“. Нена беше многу интересна, некои реченици на француски ги кажуваше, па ќе се збунеше и ќе прекинеше и ќе си речеше самата: „Многу години не прозборев француски, грешам“ и се обидуваше со гестови да објасни, па потоа Мими ѝ преведуваше.

  Нена продолжи: „Возрасна сум, но моето детство живее во мене. Кога и да видам дете, детското во мене изникнува и гори како факел и ме враќа во детството. Детството е најубавиот свет над световите. Непроценливо богатство, незаменлив дар од природата. Затоа, Мими ја пуштам на Коцка бидејќи секој изживеан миг во детството се памети цел живот. Исто така, за да нема несакани настани, ние што живееме во Лептокарија ги надгледуваме децата горе од тераса, случајно некој да не сака да им наштети или да ги вовлече во некој порок“.

  Другите денови им поминаа како во сон. Ги завршуваа своите обврски. Кога и да имаа слободно време, одеа на Коцка. И гостинките се заљубија во Коцката. Сите заедно за спомен се сликаа на Коцката во разни пози.

  Вечерта пред да си заминат дома, сите се собраа на Коцка. Разделбата беше пријатна. Аце ги изненади гостинките со слика насликана со сите. Аце и Ани кои се зближија и си ветија дека ќе се допишуваат. Аце ѝ напиша на голем лист хартија: „Ани ќе те чекам да не посетиш и друг пат!“

  Тоа е таа магична Коцка – лавиринт, но за оној кој успеал да влезе во неа ја остварил животната мисија. Таа зрачи и нејзината енергија ги привлекува сите бидејќи на Коцката не постои изгубено време, туку исполнето време. Времето некогаш ќе го промени местото, но, Коцката ќе остане симбол на детството, симбол на едно време, ќе буди цел живот спомени, затоа што таа е врежана во срцата за навек, кај оние кои дел од животот го поминале на неа.

Силвана Јорданова

(Втора награда на Конкурсот за најдобар расказ на Општина Карпош)