Ќе ја скршиме клетвата, очекуваме влез во финале: Тамара од Тел Авив

Овации и силен аплауз добија Тамара Тодевска и придружните вокали по настапот на Изборот за Песна на Евровизија во Тел Авив со песната „Proud“. Тамара не успеа да ги совлада емоциите и заплака на крајот од моќниот настап, особено кога на видео бимот се појави слика од нејзината ќерка Хана. За Женски магазин, Тамара изјави дека е горда на својот тим и оти очекуваат влез во финале. 

Низ насмевка, поп-ѕвездата вели дека ако успеат да обезбедат виза за настап и во сабота, клетвата на нашите евровизиски претставници е скршена. Последна која пееше на финалната евровизиска вечер за Македонија беше Калиопи со „Црно и бело“ во Баку, Азербејџан во 2012 година. 


„ Ви благодарам за поддршката и за љубовта. Вечерва пеев за сите нас. Горда сум на целиот тим. Ако влеземе во финале, можам да речам дека покажавме оти со тимска работа и со многу љубов сѐ е можно. Би сакала да кажам: „Клетвата е скршена. Македонија по седум години е во финале“. Но, да почекаме до резултатите од гласањето. Ве сакам“, ни изјави Тамара. 

Магазинот „Билборд“ ја вброи нашата претставничка во дванаесетте потенцијални кои би можеле да победат на „Евросонг“ , најмногу поради силната женска порака на песната. Автори на Proud се Коста Петров и неговата сопруга Сања, Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски. Впечатливиот тиркизен фустан го креираше Александар Ношпал, а со Тамара во Тел Авив е нејзиниот стилист Арменд Рамадани.

Александра Јанева, Антониа Гиговска и Васил Гарванлиев беа нејзината поддршка како придружни вокали на сцената.

М.Џаровска