ЌЕ ГО ПОБЕДИМЕ ЛИ РАКОТ?

  Следното утро, рано се разбудив, набрзина се облеков и тргнав да се чекам со Марко пред болница. Се трудев да изгледам весело, но не можев. Кога дојде Марко, беше смирен, а очите му бликаа од радост што ме гледа. Ги зедовме резултатите. Тие не беа добри, ни крвта, ни рендген-снимката на главата. Докторот веднаш му даде итни упати за тумор-маркери и магнетна резонанција. Отидовме и веднаш му направија дополнителни испитувања и кажаа дека другиот ден ќе бидат готови резултатите.

  На враќање, отидовме на факултет да пријавиме испити и да јадеме во кафетеријата. Прво молчевме, а потоа почна Марко да се шегува велејќи: „Милке, што се грижиш? Немам ништо“. Познавајќи го Марко во секоја ситуација, беше ведар и тоа ми се допаѓаше. И јас почнав да се шегувам за да не и пркосам на судбината. Наскоро, дојдоа колеги и ни се придружија. Се расположивме и поседовме уште некое време.

  Потоа, отидовме кај Марко. Кога влеговме, почувствував некоја тешка атмосфера. За разлика од Марко, неговите родители беа многу загрижени. Марко ги убедуваше дека резултатите ќе бидат добри, но тие се сомневаа. Попладнето излеговме и прошетавме низ град. Подоцна, отидовме во станот. Беше готов требаа уште некои ситници да се досредат и за неколку дена планиравме да се вселиме. Вечерта, бев изморена и не ја дочекав Весна бидејќи рече дека ќе задоцни. Работеше овие денови со другата професија. Со опремувањето на станот имаше финансиски трошоци, но таа се чувствуваше своја и беше исполнета од среќа што може сама да си го среди станот.

  Утредента, направив кафе и ја разбудив Весна. Таа стана и ме праша: „Милка, како е Марко?“ Ѝ одговорив и таа продолжи: „Животот е многу суров. Се надевав дека ти ќе одиш по лесниот пат, но ете непредвидлив е патот. Одиш и паѓаш в дупка. Тешко додека станеш и сите тие падови и станувања оставаат трагови во срцето, но те прават посилен. Какви и да се резултатите, не смееш да го изгубиш духот. Мора да најдеш начин да разговараш нормално и да се смееш и да се шегуваш. Ако си тажна и несреќна, Марко ќе биде уште потажен. Судбината е таа која си поигрува со нас – луѓето. Се прашуваш зошто јас, зошто мене ми се случува ова, но одговор нема и тешко се прифаќа поразот. Споредба не ти правам со никого, но мора да се прифатат настаните такви како што се, а понатаму сигурно ќе дојде момент за борба“. Ја гледав и зборовите нејзини како да се однесуваа на друг, а солзите ми се сливаа сами низ лицето.

  Потоа, продолжив да ѝ зборувам: „Весна, јасно е дека ти ме прифати повеќе од сестра, како свое дете. Имав среќа што го најдов Марко. Со него се чувствував досега како да сум во рајот. Секоја негова прегратка ми дава сигурност и надеж. Секојпат, кога ќе ги бакнувам неговите усни, чувствувам целосно совршенство. Таа насмевка од тие усни, ми го прави мојот живот да има смисла. Јас бев од ретките, кои најдоа таква убавина, но умеев да ја чувам. Барем досега така мислев. Љубовта со Марко ни е силна. Таа ме промени од корен. Сигурно има недостатоци, но јас ги потиснувам и не им придавам значење. Сестро, ти благодарам за советот. Ќе настојувам со целото мое срце да му помогнам. Може и не е толку сериозно. Ќе видиме“.

  Ја погледнав Весна во очите. Имаше некоја искра, што не ми се допаѓаше. Некогаш, претчувството само не открива ништо. Но, одмавнав со глава за да го избркам тоа лошо претчувство. Многу беше рано да се каже или да се прогнозира нешто затоа што може и не е ништо.

  Следниот ден, отидовме, ги зедовме резултатите и се договоривме да ги дадеме на докторот за да ги види и за да не креваме паника. А и докторот ќе ни објасни. Тој ги виде и ни рече: „Како што се сомневав. Седнете и двајцата. Марко, имаш тумор на главата, фронтален, кој, исто така, има поголема тенденција да развие малигнитет, а може и е ќе направиме дополнителни испитувања“

  Докторот застана за секунда и продолжи: „Луѓето, обично, се прашуваат дали нервозата, стресот, повреда на главата или лоша исхрана, замор, загадување може да доведат до тумори? Или влијанието на некои фактори, како што се радијацијата на мобилните телефони, особено врз децата, зрачењето на високонапонските електрични кабли, честите рендгенски зраци или дејството од некои лекови. Овие тумори, според тоа, колку брзо напредуваат и во кој процент можат да се излечат, се поделени на бенигни и на малигни тумори. Обично, туморите на хипофизата се бенигни. Метастазите, секогаш, се резултат на малигнитет, а глиомите, почесто, се малигни. Еден вид глиома – глиобластом е најчестиот малиген тумор на мозокот. Еве, јасно, се гледа на магнетната резонанција. Тумор-маркерите Ви се високи. Сега одете на неврохирург, кој треба да ги види сликите и ќе каже што понатаму. Тој ќе одреди што треба – прво операција или зрачење. Може не е опасен и со зрачење ќе се повлече“.

  Отидовме кај неврохирург. Ги разгледа снимките и рече дека туморот е поставен на незгоден дел во мозокот и продолжува накај малиот мозок. Мора да се почне со зрачење бидејќи лошо е поставен и не може да се оперира. Му кажа на Марко да размисли, но Марко му рече дека прифаќа сè и дека почнува со зрачење утредента. Се заврти накај докторот и речиси молежливо му рече: „Докторе, прифаќам сè што ќе кажете, но дали ќе го победиме ракот?“

Докторот сакаше да му даде надеж, но замолчи и по куса пауза му рече: „Не знам, да се молиме и да надеваме“.

  Кога излеговме, по пат ми се слоши. Ми се гадеше, горчина ми се креваше од желудникот нагоре и ме тераше на повраќање. Но, молчев затоа што не сакав дополнително да го заморувам да се грижи и за мене. Отидовме кај мене дома. Не можев да се воздржам, влегов во бањата и повратив. Не му кажав ништо нему, само инсистирав да си оди дома за да се одмори.

  Дента прележав в кревет. Кога дојде Весна, ме виде бледа во лицето. Некако чудно ѝ беше. Во меѓувреме, ѝ се јави Боро и не можеше да ми обрни внимание. Вечерта ми беше лошо. Повторно повраќав. Весна стана и ми свари чај од нане и ми мереше температура. Немав температура меѓутоа нејзе ѝ беше сомнително и ми кажа. „Ако утре ти е лошо, ќе одиме на лекар“. Следното утро станав со повраќање. Весна се јави кај нејзиниот гинеколог и отидовме кај него.

АНОНИМНА