“КАРНЕВАЛИ“ – 6. САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА КАЛИНА БРАЈКОВСКА

Вечерва, (13.02.2020, четврток), со почеток од 20 часот во Националната галерија, објект “Мала станица“, ќе биде отворена шесттата самостојна изложба на Калина Брајковска именувана како “Карневали“. Изложбата е составена од 36 авторски дела, создадени со техника масло на платно, во неоекспресионистички стил - веќе препознатлив за нејзиниот творечки опус.

Преку силен колорит и израз, Брајковска го претставува заминувањето на зимата со карневалските поворки кои се одржуваат во овој период од годината, најавувајќи го новиот циклус и доаѓањето на пролетта. Овие карневали како театри на отворено и нивната историја, значење и цел се видливи во претставите на нејзините дела.

“Живот во силни бои“, “Трубата на кловнот“, “Носачи на среќа“ се дел од насловените слики, дел од оваа изложба која го слави раѓањето на новиот циклус, плодноста на природата, надежта за истерување на злото преку магиски заштитни обреди, страшни маски, силни бои, огнови, огномети, звонци, песни, вино и прослави. 

Овие дела, потпишани со боите на Калина Брајковска, се приказ на желбата и прославата за подобро утре, манифестирана преку реки од самоуки актери кои се слеваат по улиците.

Калина Брајковска е родена на 27.12.1979 година во Скопје. Дипломира на Филозофскиот Факултет на отсек историја на уметност со археологија. Работи и живее во Скопје, а со сликарство и применета уметност се занимава во целиот нејзин досегашен живот. 

Заинтересираните посетители ќе можат да ја погледнат изложбата „Карневали“ на Калина Брајковска во период од 13.02. до 19.02.2020 година во “Мала Станица“ во Скопје.