Како љубат вистинските мажи

Сите сме со некаков багаж зад себе, некој со полесен, некој со потежок. Има луѓе кои низ животот врват како да одат на прошетка без да се тапат со се’ и сешто, а некои душата си ја вадат размислувајќи дури и за она за што можеби и не треба многу мислење. Колку да се знае, јас сум од оние вторите. Или ко што би се рекло на англиски, јас сум overthinker. О, да, за секоја ситница мојот ум е научен да анализира. Проблемот е што умот не е на копче па да може човек да направи клик и да го боли малото прсте од левата нога (си имам мака со него, затоа го спомнувам). Сиот тој багаж кој низ годините го собираме и си го носиме во и со себе, не’ прави покомплицирани кога се работи за љубов на повозрасни години. Веќе самозалажувањето станува потешко, оти ги препознаваме знаците кои претходно сме ги занемарувале, или за кои наивно сме мислеле дека ете, љубовта е толку моќна за да се надминат. И да, јас верувам дека најголемата моќ врз сите живи суштества е љубовта и дека ретко кој останува имун или ѓон кога е соочен со неа.

И зошто велам сите живи суштества? Затоа што ми се има случено да бидам очи во очи со пес кој ме има гледано како во секој миг да може да ми се нафрли. Во тој миг, единствено што можеше да ми притекне е да му зборувам и тоа вака некако (не ми се смејте) : А кај си тииииииии, па види колку си убав, сакаш да се галкаш? И секој пат, ама буквално секој пат тоа ми функционирало. И оние кучиња кои биле големи и нималку пријателски настроени, почнуваат со опашот да ми покажуваат дека сум им се бендисала, па станувале мали јагниња кои после не сум можела да ги одминам, оти оделе по мене и си ја барале дозата љубов која сум им ја дала.

Со нас луѓето тоа оди малку потешко. Веднаш е тука мислата дека има нешто во позадина, а сето тоа е само заради лошите искуства кои сме ги собрале попатно. Таа насобрана горчина ги прави луѓето претпазливи дури и тогаш кога нема потреба. Мојата наивност е дека во односите со луѓето влегувам (ако веќе одлучам дека некој сакам да ми е пријател или партнер) заборавајќи на лошите искуства. И да сме на чисто, барам многу или да бидам попрецизна, очекувам. Очекувам да сум почитувана, сакана, вреднувана. Очекувам, она што го давам да ми биде земено со респект и да биде третирано со љубов. И сега некој ќе рече дека многу сакам и во право е. Да, сакам, оти знам што давам и колку давам. И она што го давам не е вкалкулиран реципроцитет во однос на можностите. Но, дај ми го најдоброто, она што е потиснато од страв и скепса, оти лошото го гледам и штом сум тука, спремна сум да останам. Не можам да ги поднесам игрите кога е се’ на почетокот мед и млеко, а потоа сите работи кои се правеле со леснотија полека да стануваат обврска. Па дајте луѓе, возрасни сме и сите сме со обврски. Муабетот ми е дека оние исилени почетоци во кои имате смс пораки, па допишувања, па слушања по телефон, па гледања, не се само потребни колку во главата да си штиклирате дека некој ви припаѓа. Оти никој никому не припаѓа. Сите сме тука додека ни е убаво и додека се чувствуваме среќни и исполнети.

Во разговор со многу жени, воочив дека сите генерално го имаме истиот проблем со мажите (сега не скокаат мажите, оти денешнава колумна е пишувана од женски аспект, што не значи дека нема ЗА и ПРОТИВ и кога се работи и за нас, жените). Првичниот ентузијазам и страст да се издигне односот на пиедестал е нешто што, барем според мене, треба да се има умешност за да се одржи. Ние луѓето сме повеќеслојни. Ако ме познаваш 3 месеци, не значи дека четвртиот нема да откриеш нешто ново за мене, оти секој ден се случува по нешто што вака или онака ме менува.

Зошто токму оваа тема? Прво, затоа што не можам да разберам како толку брзо може да спласне тој занес кој отпрво го имаме. Значи, ако си бизнисмен, си бил и првите 3, 4, 5 месеци, а сепак си наоѓал начин и време да бидеш тука. Мене ми е јасно дека во ова време на фејсбук, инстаграм и други социјални алатки, риби во морето има колку сакате. И секоја е предизвик за себе. Но, сепак кога ќе одберете една жена, тоа значи дека сте ја одбрале поради некоја подлабока и поголема причина од нејзиниот изглед. Оти изгледот варира, се менува, па и ако сакате пластично, и мажот на Синди Крафорд не ја гледа како што остатокот на светот ја гледа, нели?

Вистинските мажи имале искуство. Тие кога бираат жена со која сакаат да бидат, веќе во главата имаат идеја што сакаат не само од таа жена, туку и од себе во однос на неа. Тие не ставаат рецки на ѕидот покрај креветот, оти се реализирани сексуално. Немаат потреба да се прикажуваат како пастуви, ниту пред неа, а најмалку пред себе.

Вистинските мажи знаат дека вистинската работа на врската започнува после првичните пеперутки кои ги прават да се почувствуваат дека можат планина да поместат за саканата. Тие навистина го прават тоа, поместуваат и планини и граници. Тие знаат дури и помеѓу два состаноци да испратат барем 2 збора “те мислам”, или да најдат начин да покажат дека и во најголемата гужва се тука, до саканата.

Вистинските мажи немаат проблем ако нивната партнерка излегува со другарки или се облекува во кратка сукња, затоа што имаат доверба во неа и сакаат таа да изгледа убаво.

Вистинските мажи не излегуваат со своите пријатели за да одат во лов, туку да си го одржат односот со нив и да си ги тераат навиките кои ги создавале со години.

Вистинските мажи не дозволуваат да се сомневате или потпрашувате дали сте доволно убави, сензуални и привлечни. Тие наоѓаат момент да ви го покажат тоа, во ситуации во кои можеби и најмалку очекувате.

Вистинските мажи не вреѓаат, не дозволуваат да барате внимание, туку балансираат меѓу сите обврски и она што го имаат со вас.

Вистинските мажи љубат на начин на кој вие ќе се чувствувате сакано, исполнето, среќно и спокојно.

Вистинските мажи немаат ниту желба ниту потреба да ве направат роб на домот и семејството, роб на нивните роднини и пријатели, туку ви ја почитуваат индивидуалноста.

Вистинските мажи за онаа, вистинската жена која ја љубат не познаваат “не знам”, ”не можам”, ”комплицирано е”. А инаку да, комплицирано е и не е ич лесно, ама тие знаат како да излезат на крај со сето тоа.

Вистинските мажи ги има и тука се, околу нас. Најмалку се фраерчиња кои се перчат со својот статус во општеството и знаат како да сакаат. Нивната вредност е најмалку етаблирана низ призмата на успехот на работа, автомобилот кој го возат и тежината на паричникот. Вредноста на вистинските мажи доаѓа до израз кога од една жена ќе направат среќна особа, која ќе е не само нивна партнерка и љубовница, туку и најдобар пријател и соговорник.

Живели за вистинските мажи, оние кои заслужуваат да им го дадеме најдоброто од себе, а кои ќе не’ прифатат и со она најлошото кое ќе ни помогнат да го истребиме. Да сте ми живи и здрави и отворете очите. Вистинскиот маж постои, за секоја од нас. Можеби уште денес ќе го сретнете и препознаете.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Има мажи поради кои

ќе се подистајш од патот по кој одиш

и ќе ги пуштиш напред

пред тебе да одат

без помалку жена поради тоа да бидиш.

Има мажи чиј збор ко планина тежи

и кои залудно зборој не фрлаат

низ ветар не ги растураат

ниту со нив ко пауни се дујат.

Има мажи во чија сенка се навалуваш

и се препушташ оти заштитена си

ко дома по долг пат да идиш

кај него

а како кај себе да стасуваш.

Има мажи кои од аждер мачка прават

та наместо оган да блуеш

и правдина да тераш

околу него се вртиш и на сиот глас мјаукаш

и со глата в раце му се пикаш.

Има мажи покрај кои мала сакаш да бидиш

толку ситна

за да можиш на гради да им легниш

и во ритамот на нивното срце, твоето да чука

дур не си појќе сигурна чие срце слушаш.

Има мажи... ах, простете ми,

има маж за кој песни везам

и кој сонот ми го зема

за кој матката ко улава ми вие

и телото ме боли

кој ме тера да мислам колку ми е мака

што помлада не сум за чедо да му родам.

Има маж

има маж кој знае како маж да биди

и кој ме застанува кога безглаво некаде одам

чиј збор ме замислува

чиј глас ме растреперува

и кој не дека некојпат не го плашам

или дека не се касаме ко песој на зима

ама кој знај да кажи оти му фалам

и кој мојот инает го скротува без камшик

чие присуство ми треба за да сум своја

без да ми е мака што негова станувам.

Има маж

има маж кој ме буди

и кој ме успива со вистината

кој тука е и тогаш кога сама сум

и поради кој во боја сонувам

Има маж... го има

поради кој ѕидови рушам без збор

и како кокона пред огледало висам

има таков маж, има... мажот што го љубам.