Како да ја зачуваме интимноста во време на смартфони? Интервју со Татјана Алексиќ

Живееме во време дефинирано од напредокот на технологијата. Таа нѐ зближува повеќе од кога било порано, ни помага физичката оддалеченост да не значи и емотивна оддалеченост, ни овозможува патувањето да биде многу полесно. Дефинитивно технологијата има огромно влијание врз нашите животи, и до нас е дали ќе ја користиме за позитивни промени.

Никогаш не било полесно да бидеме постојано поврзани, но истовремено, и да се изолираме во свет изграден од социјалните мрежи. Технологијата влијае и на интимните врски меѓу партнерите, кои неретко повеќе се свртени кон мобилните телефони отколку кон лицето на партнерот. Како да станеме поодговорни кон себе и начинот на кој ја користиме технологијата, и да си помогнеме во подобрување на интимноста во врските. На оваа тема, разговаравме со професорката Татјана Алексиќ, позната на јавноста како еден од гласноговорниците за здрава интимна врска.

* Сè почесто можат да се видат млади луѓе кои седат в парк, во кафуле, ресторан... и наместо да гледаат еден во друг, гледаат во своите мобилни телефони. Поважно е да се постира на Инстаграм отколку да се живее моментот. Дали сметате дека младите луѓе ја изгубиле потребата од блискост во врските? 

- Огнот во раце на домаќин го топли домот, а за пироманот е начин да опожари и уништи... Така е и со новата технологија, за некого брз начин за учење, унапредување и осознавање, нешто што нуди безброј неограничени можности, а за некого алатка за опсесивно губење време, изговор за неправење нешто! До нас е како ќе ја користиме технологијата. Дали таа ќе ни помогне во зајакнување на блискоста дури и кога сме физички оддалечени едни од други, дали преку нејзините неограничени можности ќе ни овозможи подиректна комуникација, и дали ќе нѐ инспирира за позитивна промена!
Суштината на љубовта е иста во сите времиња - all we nееd is love...

Некогаш броевме sвезди на небото дур’ се држевме за раце - сега броиме лајкови и држиме мауси... Некогаш дамите паѓале на љубовни писма, а сега на емотикони. Нов милениум, нови вредности, но ништо поважно од добро здравје и здрави емоции во зародиш. Љубовта и сета нејзина енергија, емотивното партнерство и пронаоѓањето сродна душа, е нормална потреба која треба да се случува во реално време и  простор, а не виртуелно. Младите треба да ѝ се вратат на спонтаноста, дружење во живо и да бидат внимателни како ја користат технологијата... Ако ја користат паметно таа носи предизвици, забава и многу нови нешта, за кои порано сме можеле само да сонуваме...


* Мобилните телефони денес се вообичаена појава во спалната соба. Дури и кога сме во кревет добиваме нотификации на социјалните медиуми, е-пораки, пораки на Вибер, прегледуваме различни интернет содржини и сето тоа влијае на интимноста. Кој е вашиот коментар?

- Интимноста е свет чин, ниту е за раскажување ниту за покажување. Освен автентична музика и вообичаени љубовни восклици и шепотења, сѐ друго може да е деконцентрација и дефокусирање, а не ретко и невоспитаност. Како и во театарот, храм на културата, и во спалната - храм на интимноста, влегувајте со исклучени мобилни телефони, за да излезете (или останете) задоволни.

Би истакнала еден креативен начин за смарт користење на технологијата, во име на култот кон интимноста... „Паметна долна облека“ на Дојче Телеком, наменета за младите парови опседнати со мобилните телефони. 
Се состои од долна облека за двајцата партнери, опремена со специјален Bluetooth чип кој го активира „Love Mode“ -  романтичниот режим кој не дозволува смартфонот да го дефокусира партнерот од интимноста. Ќе се согласите идеален подарок за Денот на вљубените.
Ова е само еден симпатичен пример за тоа како да ја користиме технологијата во прилог, а не против здрава интимна врска во време кога технологијата е во секоја пора на нашето живеење... Границата е тенка, но изборот е наш!


* Кој совет би сакале да го споделите со илјадниците парови кои сметаат дека ја губат интимноста во врската? Како да ја задржат меѓусебната страст и како да ја одржат здрава врската?

- Нема универзален совет ниту генерализација, со љубовта и страста нема мудрување, толку се посебни и неопходни. Но, треба труд, креативност и мотив, индивидуализација за автентично водење љубов. Треба љубов, на сите нас  и во сите возрасти, сите можни нијанси на љубов. Наместо да го чекаме „вистинскиот” момент, создадете си свој момент на интимност со тоа што мобилниот телефон ќе биде поставен во „Love Mode“.
Само љубовта умее да задржува и одржува, да инспирира и мотивира, сѐ друго е интерес.  И секако по некоја книга да се прочита, на пример ,,Жежок секс" од Трејси Кокс и „Сексуална интелигенција" од Шери Конрад и Мајкл Милберн.