Како да ги мотивирате децата да јадат здрава храна

Да се биде родител е најубава и веројатно најтешка работа во животот. Целта на секој родител е да одгледа добро, образовано и здраво дете. 

Живееме во свет на брза, претерано обработена и пакувана храна. Тешко е да се воспостават здрави навики во исхраната, посебно кај деца, но не е невозможно. Масната, солена храна преполна со калории кои децата ги јадат во комбинација со сериозен недостаток на физичка активност, предизвикува прекумерна тежина и дебелина, која подоцна може да доведе до други здравствени тешкотии. Поради тоа е многу важно здравите оброци во исхраната да се развијат во најраниот живот, што доведува до долготрајна корист. Тоа може да биде голем предизвик, а во неговото спроведување  може да има потешкотија, но еве три совети како да ги мотивирате децата да јадат здрава храна. 


Со здрави навики почнете уште во бебешката исхрана 

Бебињата кои го почнуваат животот јадејќи здрава храна, израснуваат во возрасни луѓе со добра основа за исхрана. Многу нутриционисти им препорачуваат на родителите сами да им подготвуваат храна на своите деца, а не да ги хранат своите бебиња со индустриски подготвена храна, која често е полна со скроб, адитиви и месни мешавини. Храната за бебе направена дома, овозможува исхрана по пониска цена. Подготовката не е тешка. Едноставно попарете или лесно згответе здрави состојки по ваш избор, од морков до грашок, компир, јаболко или крушки, а потоа од нив направете пире.


Бидете добар пример за вашите деца 

Децата ги имитираат своите родители во сѐ што прават. Исхраната и навиките во менито не се исклучок. Доколку не сакате вашето дете да јаде брза храна, ни вие не би требало да ја јадете. Избегнувајте купување на грицки и друга обработена и пакувана храна, но и немојте да ја чувате дома. Многу нови грицки се пакуваат само за деца. Тие се пакувани во амбалажи со весели бои и „се забавни“ за јадење. Доаѓаат во модерни облици кои се поклопуваат со содржините од филмовите и од телевизија. Најлошиот дел од сѐ е тоа што токму тие се промовираат како добар извор на витамини и минерали. Компаниите кои ги произведуваат грицките сега се во можност да додаваат неколку здрави состојки, а нездравата храна потоа се маскира во здрава. Родителите мислат дека купуваат нешто што е добро за нивните деца. Кога некој производ има неограничен рок на траење, колку тој воопшто може да биде добар за вас? Адитивите и конзервансите во најголем дел ги заменија вредните нутриенти. Употребата на свежа, цела храна, директно од природа е единствен начин на детето да му пружите исхрана која навистина му е потребна.


Направете ја здравата исхрана забавна за децата 

Неоспорен е фактот дека брзата храна за децата има исклучително примамлив изглед. Тука не е работата само во вкусот, тие оваа храна ја бираат затоа што е прикажана како забавна. Презентацијата на оброк е многу важна. Децата сакаат да видат убаво декорирана храна во своите чинии. Ги привлекува  и храната со големи залчиња во различна боја и облик. Родителите можат да станат креативни во кујната и да направат оброци кои ќе изгледаат како детски омилен цртан или ТВ херој, животни, птици, направени од зеленчук, мече направено од ориз, салати со насмеани лица, бубамари направени од чери домати и маслинки и сл. Не мора да бидат совршени, а децата ќе бидат повеќе од заинтересирани да пробаат здрава исхрана. Преземање еден по еден чекор е мала промена која може да направи голема разлика. Исхраната богата со овошје и зеленчук е добра и за возрасни и за деца. Овошјето и зеленчукот се богати со витамини, минерали, антиоксиданти, фитохемикалии и влакна, а во исто време имаат ниска содржина на калории и масти и придонесуваат за многу здравствени бенефити. Никогаш не е предоцна да почнете да ја позиционирате здравата исхрана во исхраната на вашето дете, бидејќи здравите деца стануваат здрави возрасни личности.