Јубилејниот GREEN BEACH фестивал вечерва го отвора светската легенда ПОЛ КАЛКБРЕНЕР!

ВЕЧЕРВА (четврток, 1-ви август) во 21:00 часот, најпознатиот фестивал на електронската музика во земјава, GREEN BEACH ги отвора фестивалските капии за своето јубилејно 10-то издание кое сѐ до раните утрински часови во сабота, ќе се одржува на фестивалската локација кај Хотел Еуротел во Струга! По девет незаборавни изданија покрај Охридското Езеро, GREEN BEACH како синоним за најквалитетно електронско доживување кај нас ја продолжува и традицијата на претставување на врвните уметници од светската сцена во зенитот на нивната кариера и премиерно во земјава, а оваа карактеристика на Фестивалот е посебен акцентирана на годинашното славеничко издание. За прославата на овој значаен јубилеј, илјадниците посетители на овој настан ги очекува и најгламурозното издание досега со врвна продукција и ексклузивно подготвени сценски визуелизации.

Спектакуларното отворање на фестивалот вечерва ќе го предводи апсолутниот лидер на современата светска електронска сцена PAUL KALKBRENNER (Пол Калкбренер) чиј настап ќе започне во хедлајнерскиот термин на вечерта, од 1:45 часот. Врвниот уметник кој важи за институција на светската техно сцена, гостува премиерно во Македонија и тоа во рамки на неговата актуелна светска турнеја „Parts Of Life“ која веќе брои повеќе од 60 настапи ширум светот и скоро сите од нив целосно распродадени. Како еден од најголемите светски електронски продуценти Paul Kalkbrenner, познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред стотици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг Стоунс“ и „Ју-Ту“. Уште поголема екслкузивност на овој настан е и фактот дека станува збор за диџеј-продуцент кој настапува исклучиво во живо, правејќи ги неговите сетови секогаш непредвидливи и високо ценето доживување на современата електронска сцена.



Покрај него, на најголемата бина досега на GREEN BEACH вечерва ќе настапи и претставникот на домашната електронска сцена, одличниот диџеј БАЛОСКИкој со својот настап од 22 часот ќе ја отвори првата фестивалска вечер.

GREEN BEACH во петок, 2-ри августќе ни донесе уште еден премиерен настап во земјава и тоа на едно од највозбудливите имиња на светската сцена во моментов, техно/хаус тандемот  ADRIATIQUE (Адриатик) кои по овој повод со ексклузивен продолжен сет кој ќе трае цели 4 часа, ќе бидат задолжени за официјалното затворање на големата прослава на Фестивалот. Настапот на ADRIATIQUE ќе започне во 00:00 часот, а втората фестивалска вечер ќе ни ги донесе и настапите на македонските диџеи Давид Крстевски и Александар Младеновиќ од 22:00 часот.



Важна информација за сите посетители на GREEN BEACH е дека при доаѓање на Фестивалот билетите треба да ги заменат за соодветна фестивалска нараквица со која им е овозможен влезот на настанот. Замената на билетите за нараквици ќе се спроведува на официјалното заменско место лоцирано пред влезот на Фестивалот, а кое ќе работи од 21:00 до 04:00 часот. Поради огромниот интерес и големиот број на посетители кои пристигнуваат во Струга за овој настан, ги советуваме посетителите да дојдат што порано на настанот со цел да ги избегнат гужвите на заменското место и чекањето во редици за влез на Фестивалот.

За безгрижна забава, Green Beach и оваа година апелира до своите посетители да не возат под дејство на алкохол и да ги остават своите возила дома, а за доаѓање на настанот да го искористат и организираниот превоз кој на секој 30 минути во периодот од 22:00 до 05:00 часот ќе сообраќа на релација Охрид – Струга – Охрид, со цена од 70 денари за билет во еден правец. Автобусите од организираниот превоз, од Охрид поаѓаат и се враќаат на постојката кај Тим Маркет (спроти градскиот пазар).

Оние кои допрва планираат да купуваат билети за GREEN BEACH ги известуваме дека претпродажбата се одвива преку мрежата на МкТикетс, а билетарницата на фестивалот ќе работи од 21:00 часот. Сите детали за цените и различните понуди на билети се достапни на овој линк.