Пред огледало со Јана Стојановска: Сакам да мирисам на машки парфем

На шарматната актерка Јана Стојановска, по улогата на Јована во серијата „Сенки над Балканот“, ѝ се отвори патот на регионалниот пазар. Таа е дел од популарната серија „Конак код Хилмије“, која е од босанска продукција. Во серијата глумат актери како Емир  Хаџихафизбеговиќ и Тарик Филиповиќ. Младата актерка е среќна и на приватен план, таа е во врска со српскиот кошаркар Андрија Бојиќ кој игра за скопскиот клуб МЗТ. Интересна приказна има и за нејзините дневни козметички риутуали. 

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Во дневниот козметички ритуал немам посебна филозофија. Туш, миење заби исклучиво со паста без флуор. Флуорот придонесува во калцифицирањето на пинеалната жлезда , најмногу поради тоа. Има пасти на “Wеледа”. Гледам да имам во залиха зошто не сум сигурна дали и каде ги има кај нас. За купки не сум посебно внимателна само гледам да е колку што може повеќе на природна база. За тело и за лице користам “Пронасол” зосто е по слична формула на стариот добар “Јомелоп” кој сите добро го знаеме , барем тие што се моја генерација. Нашите родители не спасуваа со него од изгореници во лето. Одличен е за нега на кожа. 

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Со него влегувам и во второто прашање зошто не ставам на лицето никаква крема. Само ако ја почувствувам затегната или сува мачкам малку “Пронасол”.

* Посетувате ли козметички салони?

- Од козметички салони редовен ритуал ми се маникир и педикир. Со години одам во истиот салон , “Венера” и ми доаѓа воедно и како психотерапија и дружење. Од време на време масажа и толку. Не одам на други третмани. На 5-6 години редовно одлучувам дека ќе одам на електробранови ама не издржувам повеќе од 2 третмани, а тие немаат ефект ако не ги направиш барем 10 пати така што не ги вметнувам во мојата “козметичка рутина”.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- За нега на коса користам “Молтон Браунн” шампон и регенератор. И во последно време почнав да користам спреј за “суво миење”. Супер е, косата многу помалку се масти , помалку ја горам и добива волумен. Лак само за специјални пригоди и обично на фризер. Не ми е во секојдневна употреба.

*  Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Со шминка не сакам да прикријам ништо посебно па затоа не се шминкам често. Малку “Есте Лаудер” дневна крема со пигмент кој се адаптира на бојата на вашата кожа и малку светла сенка и римел. Кога се шминкам приватно, гледам да не бегам многу од себе . Додека, кога ќе седнам во театар се предавам на уметноста на Јана Гога. Секој лик што го играм си има посебна шминка, и шминката е многу важен дел во креирањето на секоја улога. Огромна почит кон шминкерите и нивната работа.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Па веќе ги набројав. “Молтон Браун” шампон и регенератор, “Есте Лаудер” дневна крема со пигмент и “Пронасол”.

* Oмилен парфем? 

- За парфеми сум ужасно комплицирана. Има само два женски кои ми се допаѓаат. Со години го користев “Ченц “ на „Шанел“. После го користев “Војаж” на Хермес. Отсекогаш повеќе сум сакала унисекс, па дури и машки парфеми. Сега ги користам “Аква ди Џио“ и црниот  и Л’Хомме” на Ив Сент Лорен, што го добив на подарок од Андрија откако заклучи дека не сакам женски парфеми. Рече : “Ти купив парфем, ама машки е не се секирај”. 

 * Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Несесер . Па нема несесер. Во чантата во едно џепче носам само кармини со нежна “нуд” нијанса и сјајеви за уста. Обицно во кола одлучувам што ќе ставам на устата, затоа и ги носам со себе.

* Како ја одржувате линијата? 

- Линијата е една многу комплицирана работа. Користам „Хербалајф“ за редовен појадок. Внимавам сѐ повеќе , вежбам но не се измачувам. Има периоди кога се чистам . На пример, неколку месеци јадам млеко и млечни производи неколку месеци не јадам. Нормално е некогаш да ти се јаде повеќе, некогаш помалку. Најсреќна сум кога работам на претстави кои бараат физичка активност. Спојувам корисно со креативно. Научив да вежбам дома со една женска,Ребека Луиз на Јутјуб, за мускулите и си возам орбитрек за кардио.

Милица Џароввска